Разговорите во Рим не доведоа до значаен исчекор
23 мај 2022Разговорите во Рим не доведоа до исчекор - се помалку е веројатно дека Бугарија ќе го промени ставот и ќе ја одобри преговарачката рамка на Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни. Со ваква оценка бугарските медиуми известуваат за посетата на делегациите на Скопје и на Софија на Рим, каде се одбележува 24 мај, денот на просветителите Кирил и Методиј. Двете делегации имаа одвоени аудиенции кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско. Македонската делегација положи цвеќе и се поклони пред спомен плочата посветена на делото на светите браќа во базиликата Санта Марија Маџоре. На средбите со папата не станало збор за бугарското вето и македонската евроинтеграција, но Петков и Ковачевски порачаа дека е важно да продолжи конструктивниот разговор меѓу двете земји.
„Не се обврзуваме на никакви рокови, туку само со заложба да продолжиме со добриот тон и конструктивна работа“, вели Петков. Тој додаде дека во следните недели и месеци се очекува различни групи да се обидат да предизвикаат тензии. „Постојат секакви гласини за индивидуални одлуки. Тие едноставно создаваат тензија врз основа на лажни информации“, изјави Петков.
Треба да продолжи конструктивниот дијалог
По средбата македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека во овој момент не може да каже дали има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија, но дека разговорите продолжуваат меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи. Тој додаде дека ако има документ кој што ќе биде заемно прифатлив, тој ќе биде презентиран јавно.
На средбата со Петков, присуствуваа и министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Теодора Генчовска, кои информирале за текот на разговорите што се одвиваат на ниво на експерти на министерствата. Според Ковачевски, договорено е тие разговори да продолжат со цел да се обидат министерствата за надворешни работи да дојдат до документ што би бил прифатлив за двете држави и би претставувал основа за решение кое ќе може да биде споделено со институциите во двете држави.
Ковачевски порача дека без разлика на исходот во јуни, Владата и државата имаат многу јасен план на што ќе се работи во идниот период. „Без разлика на исходот ние сме со Бугарија соседна држава, имаме отворени прашања кои ќе треба да бидат адресирани и штом ќе се дојде до решение кое ќе е прифатливо тогаш ќе го соопштиме“, рече Ковачевски.
Топката префрлена на бугарското Собрание
Според бугарските медиуми водечката партија во владејачката коалиција „Продолжуваме со промените“ ќе бара широк консензус вклучително и со опозицијата за членство на Северна Македонија во ЕУ и нема да предложи самостојна нацрт-резолуција до Националното собрание на Бугарија.
Петков денеска порача дека за укинување на ветото може да се говори откако Министерството за надворешни работи ќе ги претстави последните резултати од напредокот во дијалогот со Северна Македонија. Резултатите потоа треба да бидат доставени до парламентот, кој ќе расправа и ќе изнесе јасен став за тоа што треба да направи бугарската влада.
„Сè друго ќе се користи за внатрешно-политички цели во Бугарија. Ова е национално прашање и треба да има широк консензус кој ќе ја вклучува и владејачката коалиција и опозицијата. За национално прашање како ова, кое е толку важно, никој нема право да решава сам“, рече Петков од Рим.
Нема пазарење
Петков од Ватикан повторно побара претседателот Румен Радев да го свика Советот за национална безбедност за преговорите со Северна Македонија, бидејќи од последниот состанок поминале шест месеци. „Оттогаш се случија многу работи, имаше многу разговори, имаше многу различни предлози, имаше многу различни светски лидери кои го искажаа својот став на оваа тема, има многу информации од службите. И нема подобар формат – да седнеме сите на маса и да разговараме за нашата позиција и кои чекори треба заедно да ги преземеме понатаму“, изјави Петков.
-повеќе на темата: Вархеји не се откажува - до последен момент ќе ја убедува Бугарија да го отвори патот на С. Македонија кон ЕУ
Претседателот на Бугарија, Румен Радев во изјава за бугарските медиуми, порача дека не може да се преговара ниту за интеграцијата на Северна Македонија ниту за прашањето за заштита на воздушниот суверенитет на Бугарија бидејќи „за човековите права не се преговара и нема пазарење“.
„Колку Владата се држи поблиску до официјалниот бугарски став изразен во документите усвоени во Народното собранието, толку повеќе го слуша на Бугарите во нашата земја и во Северна Македонија. Колку поодговорно се однесуваме како земја членка на ЕУ и се придржуваме до принципите на Унијата толку полесно ќе ни биде во политиката и одлуките кон Република Северна Македонија“, вели Радев.