1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковид: Фактите на кислородна поддршка-има или нема протокол?

27 август 2021

Тврдењата „има - нема протокол“ при лечењето на заболени создаваат недоверба и разногласие, а тоа е голем проблем кога станува збор за здравје и човечки животи.

https://p.dw.com/p/3zYLT
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Големиот број на починати во изминатиот период го реактуелизира прашањето - како се лекуваат болните од Ковид-19? Најчестите забелешки се дека нема унифициран протокол, односно дека протокол воопшто нема! Министерот за здравство Венко Филипче ги демантира ваквите тврдења.

„Протоколот за лекување на лицата со Ковид-19 е донесен уште минатата година, а ревидиран е во март годинава“, изјави вчера министерот.

„Сето тоа е согласно сите препораки за лекување на овие пациенти. Тоа е протокол кој важи на територија на целата држава, во сите болници. Во сите болници ја има целата терапија, скапиот лек ‘Ремдесивир' кој што го набавивме уште за време на претходниот бран е насекаде дистрибуиран и во сите ковид центри го има“, рече Филипче.

Еден ден претходно, во обраќање до пациентите, здравствените професионалци, стручните здруженија и надлежните институции, од Лекарската Комора на РСМ беше посочено - спротивното.

„Лекарската комора, во услови на непостоење на национални протоколи, ги повикува надлежните институции, стручните комисии и лекарските здруженија во чија надлежност е спроведувањето на континуираната медицинска едукација, а чија специјалност е од областите тесно поврзани со третман на заразните заболувања и спречување на нивното ширење, да споделат со јавноста стручни ставови за сите отворени прашања и дилеми, како би можело граѓаните заклучоци и ставови да градат на точни факти, а не на дезинформации. Непостоењето на вакви ставови создава простор за слободни толкувања од нерелевантни извори кои нанесуваат огромна штета на процесот на вакцинација, а со тоа и на напорите да се стави под контрола епидемијата“, порача Лекарската комора.

Недоверба и разногласие

Тврдењата „има - нема протокол(и)“ состојби создаваат недоверба и разногласие, а тоа е голем проблем ако станува збор за здравје и човечки животи. Претходно разногласие имаше и околу употребата на лекот „Ивермектин“. Тој во ковид-центрите во јавното здравство не се употребува при клинички третман на пациенти заболени со Ковид-19 вирусот, но може да го препишуваат матичните и лекари специјалисти, а се користи во приватни болници.

„Факт е дека нема лек за Ковид-19. Факт е дека оваа болест е непредвидлива. Во такви услови, кој диктира терапија и каква терапија се дава? Дали антибиотиците се соодветни? Дали треба да се даваат во мамутски дози? Дали ако го натрупаш пациентот со терапија ќе добиеш повеќе? Некогаш повеќе значи помалку. За ова треба да се разговара, но никогаш не е разговарано. Ако за протокол се сметаат два-три, суви, парцијални преводи на препораки од СЗО и од некој странски институт за здравство, тогаш протокол ‘има’. Јас толку сум видел, а не сум видел дека нешто во меѓувреме е сменето и дополнето. Ако има јавноста треба да знае“, коментира професор од Медицинскиот факултет.

Пациенти кои се лекувале во болници во внатрешноста, а потоа во Скопје, велат дека има разлика во пристапот.

„Различни се условите, опременоста и лекувањето. Се уверив лично“, вели пациент излекуван на Инфективната клиника во Скопје.

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Различни услови и опременост за лекување на заболени од Ковид во различни болнициФотографија: Petr Stojanovski

И одговорите на кислород

Стручни лица, пак, прашуваат зошто во третманот на пациентите на Инфективната клиника покрај суплементарен кислород, HFNO (high flow nasal oxygen) и NIV (неивазивна вентилација), не се користи и механичка вентилација за оние кои имаат потреба од неа, а во крајна линија и ECMO (extra corporal membrane oxygenation).

Сметаат дека праксата на рутинско објавување бројка на новозарзени и починити, не смее да ги покрие потребите од одговори кои ги бара јавноста, како и анализи и студии за начинот на третманот на болните од Ковид-19, причините за смртност, факторите кои влијаат на тоа, влијанието на имунизацијата во битката со вирусот, случаи на реинфекција итн.

Во моментов такви анализи нема. Единствено Институтот за јавно здравје соопшти дека до 22-ри август, во земјава имало 351 случај на повторно заразување со коронавирусот, од кои 54 само минатата недела. На еден од нив сегашната зараза му била трета по ред. Од вкупната бројка повторно заразени, 22 лица пријавиле реинфекција по примени две дози вакцина, а четири од пријавените случаи на повторно зарзување со Ковид -19, имале смртен исход.