Кога е тешко- Мило
20 март 2018Бел чад синоќа конечно се појави над седиштето на Демократската партија на Социјалистите (ДПС). Главниот одбор на партијата го избра својот лидер Мило Ѓукановиќ за кандидат на претседателските избори на 15 април. Најсилната црногорска партија последна го објави името на својот натпреварувач- 27 дена спроти изборите- нетипично за која било земја, а посебно за Црна Гора во која Ѓукановиќ има статус на неприкосновен водач.
„Првпат ДПС не успева да креира атмосфера на извесна победа, туку ги наслушува потезите на опозицијата, го истражува јавното мислење, ја подготвува партиската инфраструктура. Тоа говори дека постои определено ниво на несигурност“, уверен е политичкиот аналитичар Борис Раониќ.
Со години се шпекулира за спротиставени струи во ДПС, што партијата на Ѓукановиќ го опиша како пусти желби на опозицијата. „Сепак ситуацијата со претседателските избори покажува дека постојат определни несогласувања во најсилната партија, а можеби и притисоци врз ДПС од страна, кои го креираа конечното решение. Освен Ѓукановиќ, малку кандидати во ДПС силно го хомогенизираат гласачкото тело“ оценува Радомир Крачковиќ. уредник на информативната емисија на ТВ Вести.
Шест против еден
Не се чекаше долго само на изборот на претседателски кандидат на ДПС. Опозицијата на јавноста ѝ приреди своевидно риалити-шоу, додека не одлучи кој ќе ја претставува на 15 април. Безброј пати на „скриени локации“ опозицијата безуспешно се обидуваше да се договори околу единствен кандидат. На крајот, наместо со едно име опозицијата влегува во битка со шест кандидати (дел потврдени, дел најавени), меѓу кои како најсериозен противкандидат на Ѓукановиќ се издвојува Младен Бојаниќ.
Овој поранешен пратеник како непартиска личност го поддржуваат најсилните опозициски партии- Демократски Фронт (ДФ), Демократска Црна Гора, СНП и УРА. Некогашниот високорангиран член на Позитивна Црна Гора, во јавноста е запаметен по аргументираните економски расправи во Собранието. Пред политиката, Бојаниќ работел во берзански компании како брокер и дилер на пазарите на капитал. Поради несогласувања со раководството е исклучен од партијата, по што делувал како независен пратеник. Иако е истакнат суверенист, се противеше на влегувањето на Црна Гора во НАТО.
Негов најголем предизвик во изборната трка ќе биде помирувањето на разликите на различната и често остро спротивставената, мнозинска опозиција. Исто така, петмината иако помалку важни опозициски кандидати, не му одат од рака. Во игра се независниот кандидат Василие Миличковиќ, лидерот на Вистинска Црна Гора Марко Милачиќ, претседателот на Партијата на правда и помирување (СПП) Хазбија Калаќ, пратеничката на Социјалдемократската партија (СПД) Драгиња Вуксановиќ и лидерот на Обедината Црна Гора Горан Даниловиќ.
„Бојаниќ со своите ставови може да привлече најголем дел од опозициките избирачи, на факт е дека ќе загуби дел од гласовите поради другите опозициски кандидати, ги намалува шансите во првиот круг. А тоа истовремено е и опасност оти кандидатите од власта ќе слават веќе во тој прв круг“, проценува Крачковиќ, кој сепак верува дека постојат шанси за втор круг на изборите.
Кој и да победи работите ќе се променат
Ако Ѓукановиќ победи на 15 април тоа ќе биде негов втор претседателски мандат и трето враќање во државната политика по повлекувањето. „Познато е оти во Црна Гора немаме силни институции и владеење на законите, па во таков систем моќта е таму каде што е оној кој е на врвот на пирамидата. Додека Мило Ѓукановиќ беше претседател, неговите советници беа помоќни од министрите“, потсетува Раониќ на владеењето на Ѓукановиќ во периодот од 1998 до 2002 година.
Повеќе на темата:
-Ѓукановиќ се повлече, за повторно да се врати?
Според Уставот на Црна Гора, претседателот има маргинална, претежно церемонијална улога. Сепак, и Крачковиќ истакнува дека моќта зависи од личноста која ја извршува функцијата претседател. „По овие избори, кој и да победи, работите сигурно ќе се променат. Победата за Ѓукановиќ значи негово враќање во дневната политика, во која нема да биде нем набљудувач за случувањата во државата, како што во поголем дел од мандатот беше сегашниот претседател Филип Вујановиќ. Ѓукановиќ ќе се обиде во дел да ја креира и работата на Владата, која ја предводи неговата партија. А дури триумфот на Бојаниќ ќе донесе целосно нова политичка динамика, бидејќи тој сигурно ќе и' контрира на Владата, со чија политика не се согласува“, вели уредникот на ТВ Вијести.
Кампањата за седмите претседателски избори ќе биде најкуса во политичката историја на Црна Гора: кандидатите имаат само 27 дена да убедат 534.135 избирачи да гласаат за нив. Тоа, сепак, ќе биде згревање за вистинскиот предизвик- локаните избори во мај, сметаат соговорниците на ДВ. Главно бојно поле ќе биде Подгорица, каде неизвесност за резултатите, за разлика од априлските избори, навистина ќе постои.
Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид