1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо државна помош - граѓанска самопомош

Кристина Озимец16 мај 2016

Поради недоволна грижа на институциите за најзагрозените во македонското општество, сѐ повеќе хумани луѓе се самоорганизираат на социјалните мрежи и им помагаат на сограѓаните. Последна ваква акција е онаа за чичко Драги

https://p.dw.com/p/1IoWG
Фотографија: DW/S. Toevski

„За нив мора да имам храна“, вели чичко Драги, човекот кој веќе неколку децении има тезга со разнобојни ластичиња за коса и други ситници на Рекорд, честопати опкружен со кучиња на кои им фрла храна. Токму така и го затеков, фрлајќи леб на кучињата скитници кои радосни скокаа околу него, нестрпливо очекувајќи го следното парче.

За него деновиве на Фејсбук се организираше голема акција, преку која се собираа финансиски средства и храна за животните на кои им помага. Тој живее во скромна куќа и нема доволно пари да ги плати заостанатите сметки за струја и вода. Сепак, не бара храна за себе, туку само за кучињата. „Многу слабо оди работата, особено последниве неколку години. Благодарен сум за акцијата, особено на Теодора, за која немам зборови“, вели чичко Драги кој навистина немаше доволно убави зборови за девојката која ја организирала акцијата за него и милениците, неколку пати споменувајќи ја во нашиот разговор.

Mazedonien Armut Besitz von Onkel Dragi
Чичко Драги не бара храна за себе, туку за кучињатаФотографија: T. Nikolovska

Теодора Николовска, која го креирала настанот на Фејсбук за помош на Драги, вели дека уште првата недела добила пораки од многу луѓе кои лично го познаваат чичко Драги и сакаат да помогнат.

„Направив список на производи кои би биле потребни, но по разговор со чичко Драги одлучив единствената донација да биде сува храна за кучиња и финансиски средства, бидејќи тој ме извести дека има доволно облека и единствено се грижи да обезбеди храна за животните. Благодарение на една девојка, поставивме кутии за донација во неколку познати кафулиња во центарот на Скопје“, вели Николовска.

Откако донациите беа собрани во градскиот парк, му беа однесени на чичко Драги, кој благодарение на хуманите луѓе доби функционални фрижидер и шпорет, храна за кучињата и други донации. Акцијата сѐ уште трае и сите кои сакаат да помогнат сѐ уште може да се обратат на Фејсбук групата за помош: (https://www.facebook.com/events/490831227772931/?active_tab=posts)

Кога институциите ги нема, граѓаните се самоорганизираат

Во недостаток на системски решенија за поддршка на сиромашните на кои им е потребна помош, граѓаните сами започнуваат хуманитарни акции со кои барем краткорочно им се помага на луѓето. Веќе многу позната во јавноста е твитерската иницијатива „Ретвитни оброк“, со која неколкумина ентузијасти се собираат секој петок и готват храна која потоа им ја делат на бездомниците во Скопје. Акциите како онаа за чичко Драги, со кои се помага на еден индивидуален случај кој, колку и со што може, исто така стануваат сѐ почести. Луѓето гледаат дека помошта нема да дојде од друго место и ги земаат работите во свои раце.

Аналитичарката Марија Башевска од организацијата „Реактор“ вели дека во Македонија не постојат сеопфатни механизми преку кои институциите се грижат за маргинализираните и социјално исклучените лица. Според неа, институциите немаат координирани практики на постојано следење на потребите на тие лица, со што изостанува и систематското креирање на политики базирани на докази од терен, кои суштински ќе влијаат на подобрување на животите на најранливите сограѓан(к)и и ќе ја помогнат нивната инклузија во општеството.

Mazedonien Armut Marija Basevska von der NGO Reaktor hilft armen Menschen
Марија БашевскаФотографија: Privat

„Сите сме револтирани од овие состојби и се’ повеќе граќан(к)и се свесни дека институциите кои функционираат од буџетски јавни пари и чија работа е да се грижат за најранливите не ја вршат својата работа и единствен излез е самоорганизирање, колективни акции преку кои се дава помош на оние на кои им е најпотребна. На овој начин може да се помогне на одредена група на лица, но сепак капацитетот и опфатот на овие акции е ограничен, нема доволно ресурси и организираност за да може да се воспостави систем за помош за сите лица на кои им е потребна. Граѓанските иницијативи и акции за помош можат да бидат поддршка и надополнување, но не и замена за работата на државните институции задолжени за социјална заштита и социјална инклузија“, вели Башевска.

Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа против сиромаштија, вели дека особено е загрижувачка појавата на сиромаштијата во храна, односно порастот на граѓани кои не можат да си дозволат соодветна исхрана.

„Таа станува алармантна во градовите, бидејќи тука се потребни пари за да се стигне до храна. Дополнително, користењето на народните кујни е поврзано со правата на Центарот за социјална работа (лицето треба да е корисник на помош и нега од друго лице или постојана парична помош или да е лице во социјален ризик - корисник на социјална парична помош). За сите оние кои не се во тие категории, а имаат потреба, не постои системски пристап за поддршка. Оттука се појавува неопходност да се организираат акциите за помош, во недостаток на државна поддршка се зголеми граѓанската солидарност. Недовербата и обесхрабреноста кај сиромашните граѓани е на сите нивоа, но во овој случај станува збор за дупки во системот, односно за непостоење на заштитна мрежа кога некој граѓанин ќе се најде во состојба на социјален ризик“, вели Дуковска.

Секој четврт граѓанин е сиромашен

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, во 2014 година стапката на сиромашни лица во Македонија е 22.1% или секој четврт граѓанин во Македонија е сиромашен. Аналитичарката Марија Башевска од организацијата „Реактор“ вели дека од 2010 година стапката на сиромаштија во земјата постепено опаѓа, што во извесна мера се должи на зголемувањето на пензиите, но сепак стапката на сиромаштија останува висока.

„Она што загрижува се податоците кои укажуваат највисоки стапки на сиромаштија кај деца и млади (лица до 17 години) споредено со другите возрасни категории на лица, како и зголемување на стапката на сиромаштија кај семејствата на двајца возрасни со две издржувани деца. Индикативна е и високата стапка на вработени сиромашни лица која е 10% и укажува на големиот број на граѓан(к)и кои иако секојдневно работат, нивните приходи се под утврдениот праг на сиромаштија“, вели Башевска.

Таа вели дека статистиките кои ја мерат материјалната обесправеност на лицата во земјата во однос на одредени елементарни човекови потреби се запрепастувачки и дополнително ја отсликуваат високата стапка на сиромаштија во земјата.

„Повеќе од половина лица во земјата (54%) не можат да си овозможат оброк со месо или риба три пати во неделата, а дури 64% од граѓаните не можат да се соочат со неочекуван трошок кој треба да го подмират со сопствени средства“, додава Башевска.