1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Колку антитела се доволни за имунитет против коронавирус?

Гудрун Хајзе
9 август 2021

Ефикасна ли е вакцината што ја примив? Одговорот е во антителата. Но, се уште нема гранични вредности за ваквите тестови. Дополнителен проблем е новиот Делта сој.

https://p.dw.com/p/3yQtE
Illustration | drei Proteine eines Coronavirus-Spikes
Фотографија: Maximilian Schönherr/picture alliance

 По прележана корона зараза или по вакцинација телото создава антитела против таканаречениот спајк протеин. Вирусот САРС-КоВ-2 го користи овој протеин за да се закачи и да навлезе во клетките. Користејќи го овој протеин пак антителата може да го препознаат вирусот, да му се прикачат и да го направат видлив за имунолошките клетки.

Научниците претпоставуваат дека иРНК вакцините како што е онаа на Бионтек/Фајзер даваат заштита до 90%. Но тоа веќе не важи и за Делта сојот. Во споредба со таканаречениот основен вид оваа варијанта е многу позаразна и во меѓувреме забрзано се шири во многу региони низ светот.

Делта сојот особено полесно навлегува кај луѓе кои примиле само по една доза вакцина. Имунологот Карстен Вацл од Лајбниц институтот на Универзитетот во Дортмунд претпоставува дека ефикасноста на вакцината на Бионтек/Фајзер од 90% заштита кај основната варијанта, кај Делта паѓа на 88%, додека заштитата на векторската вакцина Астра Зенека од 66%  на 60%

Податоците од Израел пак велат дека заштитата од зараза од опасната варијанта кај Бионтек/Фајзер  е само 64%. Но добрата вест е дека пружаат заштита од хоспитализација и развој на тешка форма на болеста до 93%. Сепак Министерството за здравство таму им препорачува на луѓето да примат и трета доза вакцина.

„Ништо не се знае со сигурност“

Делта сојот повторно ги исправи научниците пред големи предизвици. Против досегашните варијанти на вирусот најголемиот дел од вакцинираните се имуни по втората доза. Но, тоа не важи за сите вакцинирани вели Карстен Вацл. „Вакцинацијата не е гаранција дека секој ќе создаде имунитет. Клучно е нашето тело да создаде имунолошка заштита, но тоа во моментов не можеме да го измериме.“

Кај тетанус вакцината на пример е различно. Доколку не знаеме дали имаме доволно заштита тоа можеме да го тестираме со проверка преку крв. Доколку бројот на антитела е над одредена граница, лицето е имуно. Доколку вредноста е под граничната вредност, лекарот мора да препише дополнителна вакцина.

-повеќе: 

Колку дози на вакцина се потребни за да нѐ заштити од Ковид-19?

Студија: Колку полесна Ковид-инфекција, толку поограничен имунитет

Колку долго сум имун на коронавирусот по заразувањето?

„Во однос на короната се уште немаме гранична вредност со која би одредиле дали некој има доволно имунитет или не. Веројатно клучна улога во тоа имаат неутрализирачките антитела. Тие го врзуваат вирусот за да не заразува други клетки. Но колкав треба да биде бројот на антитела за да се каже дека имате имунитет, се уште не се знае,“ појаснува Вацл.

Улогата на Т-клетките

Не се само антителата важни во борбата со корона инфекцијата. Кога вирусот ќе навлезе во клетките, антителата не можат да стасаат до него, бидејќи не можат да влезат во клетката, па така вирусот може да се размножува. „Нашиот имунолошки систем за оваа намена има имунолошки Т-клетки. Тие се способни квази да ги ‘убијат’ овие инфицирани клетки. Тоа значи – подобро ќе жртвуваме неколку клетки од нашето тело, имено заразените, отколку да му дадеме на вирусот можност да се размножува,“ појаснува Вацл.

И двете може да се измерат, но во пракса е потешко да се избројат Т-клетките. Овој тест е доста сложен, но корисен. „Самите антитела може да не кажуваат ништо за тоа колку добро е заштитен еден човек. Можно е да имам одреден број на антитела и пак да се заразам. Но одговорот на моите Т-клетки да е толку силен што нема да развијам тешка форма на болеста,“ вели Вацл.

Оние што имаат високо ниво на антитела веројатно имаат добра заштита од корона, вели имунологот. Сепак веројатно не важи обратниот заклучок дека со помал број антитела не сте заштитени.

Прашање на гранични вредности

За тестирањата за антитела на корона и натаму има различни методи. Вообичаено за лабораториски анализи има утврдени стандарди кои се водат од минимална до максимална вредност. Така и докторот може да види дали резултатите се во нормала. Но, за корона до сега нема дефинирано такви гранични вредности. Тука може лекарите да се потпрат само на проценки, а бројките се движат од неколку стотици до повеќе илјади антитела.

„Ако сум во горната третина или половина веројатно имам добра заштита, но не можам да кажам точна гранична вредност”, објаснува Вацл. Исто така не се знае како опаѓа нивото на антитела, туку само дека тоа се случува со тек на време. „Тоа оди во два брана - ако се погледаат вредностите веднаш по вакцинацијата имате највисоко ниво на антитела. Во првите месеци по вакцинацијата брзо опаѓаат, но по некое време се нормализират на една константна вредност и потоа многу бавно се намалува бројката. Тоа е така и со други вакцини и изгледа и со вакцините против корона е ист случај”, вели Вацл. Но, ништо од ова не е научно докажано.

Многу антитела многу помагаат

Има луѓе кои се два пати вакцинирани и немаат воопшто или имаат само многу малку антитела против корона вирусот. Тие лица веројатно не се многу заштитени од вирусот, смета Вацл. Многу фактори може да придонесат за ниско ниво на антитела. Еден е возраста, но и потиснат имунолошки систем кој не функционира како кај здрави лица и не може да се справи со натрапници. Често мора да се даде и трета доза за организмот да формира антитела. Палетата е голема и се чини уште е прегледна. Се движи од „многу антитела и добра заштита” до „премалку антитела и сепак заштитен”. Со други зборови: не се знае ништо точно. Но, имунологот Вацл е оптимист. „Многу антитела многу помагаат, тоа секако е точно. Која е крајната вредност не се знае, ниту пак со колку антитела може да се каже дека си навистина заштитен. Но, и тоа ќе се дефинира наскоро”, заклучува Вацл.