Колку Германија треба да троши за безбедноста?
17 ноември 2014На почетокот на годината германскиот претседател Јоахим Гаук, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен предизвикаа внимание во медиумите: Германија треба да преземе поголема одговорност во светската политика, ако е потребно и со оружје. Уште тогаш беше јасно, тоа не може без пари. Нови мисии на Бундесверот во странство и засилено разузнавање од тајната служба чинат пари.
Месеците по најавата на новиот надворешнополитички курс покажаа - ќе биде уште поскапо: украинскиот конфликт, војната против терористичката милиција Исламска држава, недоволната вооруженост на Бундесверот и намерата на министерката да ја зајакне конкурентската способност на германската војска на пазарот на труд бараат дополнителни издатоци. Значи, поголемо оптоварување за државниот буџет.
„Мојата прогноза, како и на други експерти, е: воениот буџет мора да порасне. Ако сакаме да ги исполниме обврските, кои уште сега ги презедовме, без да знаеме што ќе сакаме во иднина, буџетот мора да се зголеми“, вели пратеничката од СПД Карин Еверс-Мајер.
Вкупната сума за Бундесверот останува непроменета
Оваа недела беше одржана седница на Комисијата на Бундестагот за буџет за државниот буџет идната година. И покрај се‘, пратениците констатираа, остануваат предвидените 32,3 милијарди евра за Бундесверот.
Поради случајност министерката за одбрана Фон Дер Лајен не мораше да бара повеќе пари: постојат тешкотии во испораката на повеќе оружени проекти, па се ослободени пари наменети за нив. На пример, малиот тенк Пума, пролонгирање во испораката на фрегати, хеликоптери.
Но, овие ставки ќе натежнат во следниот буџет за одбрана. Кон тоа доаѓаат и други, поради што е неминовно среднорочно зголемување на буџетот за војската, смета пратеникот од ЦДУ Бартоломеус Калб.
И за БНД требаат пари
Но воениот буџет не е единствениот кој мора да биде зголемен како последица на новата германска надворешна политика. Зашто, пред Бундесверот воопшто да биде пратен во странство, владата сака да знае колку опасен може да биде некој ангажман. А за тоа е задолжена германската тајна служба БНД, која на носителите на политички одлуки треба да им лиферува важни информации за странските жаришта.
Издатоците за БНД, кои јавно се објавуваат, меѓу 2008 и 2014 година пораснаа за 28 проценти. Следната година ќе бидат повторно зголемени, на 615 милиони евра. Во споредба со Бундесверот и неговите 32,3 милијарди евра, тоа изгледа екстремно малку. Но, во манирот на тајна служба и БНД не ги објавува јавно сите свои средства.
Замаглени финансии на БНД
Експертот за работа на тајните служби Ерих Шмит-Еенбом објаснува од каде уште добива пари БНД.
„На прво место, традиционално, од Министерството за одбрана, прво преку платата на војниците кои работат за БНД, тоа моментно се околу 800 плански работни места. Второ, преку технолошката опрема, исто преку средства од Бундесверот“. На пример, при сателитското извидување Бундесверот сноси половина од главниот товар. Но, најчесто БНД кажува каде треба да бидат употребени шпионски сателити, истакнува експертот.
Значи, дел од средствата германската тајна служба добива преку германската војска. Уште еден аргумент за пораст на воениот буџет, иако Бундесверот е еден од главните профитери на информациите кои ги лиферува БНД. Поранешниот прв човек на БНД, Ханс Георг Вик, потврдува дека БНД добива пари и од други извори, но без да наведува детали. Тој е убеден дека на БНД во иднина ќе и‘ требаат повеќе средства за да може опсежно да ја информира владата во врска со кризите:
„Помина времето кога можеше да се живее од мирот кој настапи по крајот на Студената војна“, вели Вик.
„Денес нови ризици не носат само Крим и источна Украина, туку и Блискиот и Средниот Исток. Исламска држава е, така да се рече, инкарнација на заканите за целиот простор и тоа ќе води кон неминовно зголемување на парите за тајните служби“.