1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е веројатна руска интервенција на Балтикот?

Михаел Книге/сн 5 октомври 2015

Сѐ почестите провокации на Кремљ ги поттикнаа американските одбранбени структури да ги преиспитаат плановите за случај на руски воени интервенции. Дали се отвора нова „блоковска“ криза?

https://p.dw.com/p/1GeoK
Grenze Estland-Russland
Фотографија: picture alliance/Arco Images GmbH/ F. Scholz

Првпат по распадот на Советскиот сојуз, Пентагон ги преиспитува и дополнува своите планови за можен вооружен судир со Русија, пренесе неодамна аериканскиот магазин „Форин полиси“. Тоа не значи дека американското министерство за одбрана смета дека такво сценарио е возможно па дури и реалистично, ама значи дека реакциите на официјална Москва во светот беа доволно јаки за да го привлечат вниманието на воените стратези во Вашингтон и да ги принудат од фиоките да ги извадат старите планови и да ги прилагодат на моменталните околности.

За американските воени експерти посебно е загрижувачки фактот дека силите на НАТО и САД не се во целост во состојба да ги одбранат Естонија и Летонија, кои би можеле да бидат основна причина за конфронтација со Москва. Токму поради оваа ситуација се поставува и прашањето колку навистина е можен конфликт со Русија? Своето мислење во врска со тоа, односно, дали е можно украинско сценарио на Балтикот, за ДВ го изнесоа тројца експерти.

Нил Мелвин, директор на Програмата за вооружени конфликти и управување со конфликти од Меѓународниот институт за мир во Стокхолм:

Руската воена интервенција во Украина започна круг на ескалации во односите со НАТО, при што регионот на Балтикот се најде во центарот на вниманието. Оваа ескалација ја започна безбедносната дилема на своевидна акција и реакција: кога една страна ќе преземе одредени чекори да ја зацврсти својата безбедност, другата страна автоматски се чувствува загрозена, па тогаш и самата мора да започне засилување на својата безбедност. Веќе гледаме дека Русија јавно планира отворање на нови воени, воздухопловни бази во Белорусија, по објавувањето на новите планови на НАТО за отворање нови објекти, а можно е и воени бази, источно од Германија- во Полска и во балтичките земји.

Имајќи ја во предвид големата опасност од таква ескалација, а со ризик на нуклеарен кофликт, руската интервенција на Балтикот не би била еднострана. За разлика од Украина во март и во април 2014. година, каде изби конфликт во источните делови од земјата, земјите од Балтикот се добро организирани држави, со силни безбедносни структури. Освен тоа, општеството е подготвено да се спротистави на „хибридниот“ конфликт и медиумската војна. Што е најважно, НАТО, според своите начела, е подготвен да ги штити балтичките земји и да спречи руска интервенција.

Во исто време, расте и можноста за регионализација на конфликтот, пришто акциите против Русија или против руското убедување дека некој е против нив, можат да предизвикаат конфликт во некој друг регион. Значи, постои ризик оти конфликтот меѓу Русија и НАТО или пак воениот конфликт меѓу руските и американските сили во Сирија, би можел да доведе до руски напад на балтичките земји во знак на одмазда. Со оглед на тоа, дефинитивно е неопходно да се подобри комуникацијата на линија Русија-НАТО, како обврзувачки механизам на спречување на ескалација, и да се обезбеди двете страни да го спроведат договорот на ОБСЕ од Виена, со кој се обезбедува размена на информации за воени активности. Во разумно време би требало да се започне и со расправа за новиот режим на контрола за вооружувањето во Европа.

NATO Luftpatrouille Baltikum F-22 Raptor
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Ајвер Б. Нојман, професор по меѓународни односи од Лондонското училиште за економија:

Русија користи измами и изговори како оружје на послабите. Овие тактики се најдобри во новите ситуации, така што каква било повреда на безбедноста на балтичките земји би била само варијација на темата која Путин досега веќе ја пласираше. Бидејќи „слабите“ не можат да делуваат силно, првите напади би биле со слаб интензитет.

Русија е секако веќе тука, прашање е само дали ќе се одлучи своето присуство да го покаже и со акција. Нивниот најголем страв е, изгледа, оти ќе ги заборават како силни играчи, бидејќи на тој начин би го изгубиле статусот на голема, светска сила.

Олга Оликер, директорка на Центарот за Русија и Евроазија при корпорацијата „Ранд“:

Мислам дека каква било руска интервенција на Балтикот во брзо време е невозможна. Сепак, руската воена интервенција во Украина, во прво време истотака се чинеше невозможна, што значи дека нешто што се чини невозможно, не мора навистина и да биде невозможно.

Наредниот чекор е прашањето како би можела да изгледа една таква „невозможна“ руска акција? идејата дека Русија би можела воено да интервенира во балтичките земји на ист начин како во Украина, едноставно е невозможна. Украина би требало да се набљудува во два дела. Она што се случи на Крим, многу специфично за Крим- за географската положба на полуостровот, за составот на населенито, историјата и постоечкото руско воено присуство, а сето тоа влијаеше воената интервенција да биде таква каква што беше. Во источна Украина, Русија се обиде да стори некои работи кои ѝ успеаја на Крим, но тоа не ѝ појде од рака, па судирот многу бргу прерасна во конвенционална војна.

Што се однесува до Балтикот, можеме да претпоставиме дека Русија ќе се потруди да испроба разни видови подметнувања, едноставно да ја испита ситуацијата, ама не и да се одлучи за воена акција. Балтичките земји можат дополнително да се поврзат и така заедно да станат поотпорни на разни провокации. Она што го загрижува НАТО се посилни напади, брзи конвенцијални инвазии, евентуално потпомогнати од поситни инциденти. Сепак би требало да се има на ум дека ќе има доволно предупредувања и доволно време да се подготват одбранбени планови.