1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките банки имаат потреба од милијарди евра

Јанис Пападимитриу/З. Јордановски2 ноември 2015

Резултатите од стрес-тестот на грчките банки се попозитивни отколку што се очекуваше. Рекапитализацијата е на повидок, но важни прашања сепак уште не се решени.

https://p.dw.com/p/1GyHC
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Baltagiannis

Системски релевантните грчки банки имаат потреба од најмалку 4,4 милијарди евра, соопшти на викендот Европската централна банка (ЕЦБ) - под претпоставка дека грчката економија во 2016. година ќе остане во рецесија, а во 2017. ќе забележи пораст од 2,7 проценти. Ако економијата побавно се опоравува, на банките може да им требаат и до 14,4 милијарди евра, за да можат да ги исполнат европските стандарди. Засегнати се четирите најголеми грчки банки: Националната банка на Грција, Евробанката, Алфабанката и Пиреја банката. Проверката на нивните биланси од страна на ЕЦБ беше предуслов за нивна рекапитализација до крајот на годинава. За таа намена во третиот пакет помош за Грција се предвидени до 25 милијарди евра.

„Стрес-тестот испадна подобар отколку што се очекуваше“, оцени весникот „То Вима“ на насловната страна. Телевизијата Скај во извештајот гледа „зелено светло за рекапитализација“. Панајотис Петракис, професор по економија на атинскиот универзитет, во разговор за ДВ вели дека според неговите пресметки банките имаат потреба од околу шест милијарди евра, што приватните инвеститори се во состојба да ги обезбедат. „Мислам дека банките уште пред стрес-тестот го проверија на пазарот расположението на инвеститорите“, вели Петракис.

Атинската берза во петокот не даваше повод за оптимизам: акциите на банките забележаа минус и до 12,5 проценти. Василис Георгакис во економскиот портал Capital.gr оцени дека тоа е само корекција откако банките во октомври забележаа скок од 42,9 проценти. Но минусот, според Петракис, се должи и на стравот на досегашните акционери од обезвластување или од подржавување на банките ако не се најдат приватни инвеститори. Во таков случај би морал да реагира државниот фонд за спас ХФСФ, кој од последната рекапитализација во 20104. ионака дејствува како голем акционер на банките.

Griechischer Finanzminister Euklid Tsakalotos
Министерот за финансии Еуклид ЦакалотосФотографија: Reuters/François Lenoir

Непријатните работи се одложуваат

За да се отстранат тие грижи, владата на премиерот Алексис Ципрас, уште пред ЕЦБ да го објави резултатот од проверката на билансите, му поднесе на парламентот предлог-закон со кој се утврдуваат правните рамки за рекапитализацијата. Против законот гласаа само деснорадикалната Златна зора и комунистите. Но, во законот не се детално регулирани односите меѓу државата и приватните инвеститори, а ЕФСФ се обидува да ја задржи доминантната положба и по новата рекапитализација, приговара професорот Петракис. Министерот за финансии Еуклид Цакалотос во парламентот изјави: „Контрола на банките е нужна, но таа не би требало да оди толку далеку, што би ги одвратила од инвестирање приватните актери“. Очигледно се одложува регулирањето на односот на силите, а тоа, како што забележува професор Петракис, не придонесува за враќање на довербата во банките.

Но, тоа ни оддалеку не е единственото отворено прашање: политички експлозив содржат дубиозните кредити, чиј вкупен износ, според експертите на ЕЦБ, порасна на 107 милијарди евра и ги надминува сите досегашни проценки. Поинаку кажано, преку 50 проценти од кредитите веќе не се отплатуваат. А успехот на рекапитализацијата, меѓу другото, зависи и од односот кон тие кредити, вели за Capital.gr Рамон Кинтана, директор на Надзорот на банките во ЕЦБ. Тој не сака да даде насока, но вели дека е важно да се спроведат ветените реформи за да не се загрози враќањето кон стопански пораст. Весникот „Етнос“ пишува дека за премиерот Ципрас црвена линија е принудната наплата; тој на кредиторите им најавил дека сака политичко решение и нема да дозволи „луѓето да ги напуштат нивните домови“.

Нема бонуси за менаџерите на банките

Со новиот закон за рекапитализација се ограничени и примањата на банкарите, кои не можат да ја надминат платата на гувернерот на емисионата банка, што исто така е придонес за санирањето на банките. Не е дозволен ни бонус за менаџерите на банките и забрането е користење дури и на мал автомобил како службено возило се’ додека тие банки зависат од помошта од државата.

Наредните денови се решавачки за претстојната рекапитализација. Најдоцна до петок банките треба да ЕЦБ да и’ соопштат како ќе ги обезбедат неопходните пари за да го надоместат недостигот од капитал. Влогови од приватни инвеститори би ги растовариле европските даночни обврзници. Наредниот понеделник министрите за финансии од еврозоната ќе го разгледаат спроведувањето на мерките за штедење на кои се обврза владата во Атина.