Колку се безбедни мостовите во Германија?
15 август 2018Оценката на вештаците на Германскиот автомобилски клуб АДАЦ во 2014 година беше поразувачка: од 30 општински мостови на кои била извршена инспекција, седум не добиле преодна оценка, а само четири моста добиле добра оценка. 19 мостови, значи речиси две третини, добиле оценка „доволен“. Особено лошо биле оценети мостовите во Либек и Шверин. Во 2016 година делумно се урна еден мост на автопатот кај Вернек, во Баварија. Под тежината на мостот попушти потпората на едно скеле. Еден работник загина, а повредени беа 14 лица.
Далиона што се случи во Италија е во таква димензија можно и во Германија?
„Тоа во Германија не може да се случи“, сигурен е Балтазар Новак. Инженерот е член на европските тела кои се одговорни за стандардите за мостовите. „Имаме добри стратегии за да го процениме квалитетот на изградбата на мостовите.“
Во Германија за таа цел дури постои сопствена норма за безбедност на мостовите: ДИН 1076. Со нејзе е пропишано мостовите да се контролираат по принципот на „четири очи“, значи секогаш да биде извршена контрола од две лица. Евентуалните штети се утврдуваат, каталогизираат, по што се извлекува оценка за состојбата на мостот.
Добар систем до кој не се држат сите општини
Мостовите во Германија се контролираат детално секои шест години, кога инженерите спроведуваат таканаречена генерална инспекција. Секои три години, пак, има едноставна контрола. Секоја година контрола вршат службите за одржување улици и патишта, а освен тоа секои 6 месеци се вршат проверки на евентуални видливи штети.
Така е во теоријата. Праксата, меѓутоа, понекогаш изгледа поинаку: „Има општини кои не се држат до тоа, поради трошоци“, вели Хајнрих Бекамп, претседател на Инженерската градежна комора во покраината Северна Рајна Вестфалија. „Со оглед на тоа што не постои обврзувачки закон, туку тоа е само препорака, мостовите се контролираат на турнуси. Секоја општина тоа го прави на поинаков начин.“
На мостовите на автопатот А1 над Рајна, кај градот Леверкузен, не смеат да возат тешки товарни возила, а на повеќе десетини германски мостови на автопати важат ограничувања за тежината и брзината на камионите. „Мостовите се оптоваруваат главно од камионите. Секој камион го доведува мостот до осцилации“, вели инженерот Бекамп и додава: „Тие нишања, тие динамични движења му задаваат болка на мостот, особено ако тој веќе има пукнатини.“
Развојот на сообраќајот се потценува
Сојузниот институт за истражување на патиштата БАСТ смета дека потребата од реакција е огромна. Институтот ги има истражено сите 40.000 мостови на сојузните патишта. Притоа е утврдено дека 5.000 мостови се во лоша или многу лоша состојба. Девет мостови имаат добиено најлоша оценка. Меѓу нив е и мостот над Рајна, Дуизбург-Нојенкамп, по кој се протега многу оптоварениот автопат А40. По оваа релација дневно се движат околу 100.000 возила од цела Европа. Новата градба е планирана дури за 2026 година.
Германските мостови се стари. Повеќето имаат по 30 и повеќе години. Само 6% од мостовите на автопати се изградени во последните осум години. Овие нови мостови не се толку долго изложени на забот на природата и времето, па не мора да се контролираат толку често. Големиот пораст на товарниот сообраќај е еден од клучните фактори за пропаѓање на мостовите: „Во последните 25 години е забележан пораст на товарниот сообраќај од неколку стотици проценти. Прогнозите тогаш беа поинакви, ваков развој не можеше да се предвиди“, објаснува инженерот Балтазар Новак.
Се бара реакција од министерот за сообраќај Андреас Шојер. Неговиот претходник Александер Добринт подготви „Вонредна програма за модернизација на мостовите“. „Инфраструктурата е централениот нервен систем на нашата земја“, изјави Добринт во 2015 година и за период од 4 години стави на располагање 1,5 милијарди евра.
Но, ова би можело да биде само почеток. Германските мостови и во иднина ќе стенкаат пред сѐ под товарот на камионите. Само во Германија во сообраќај се речиси три милиони камиони, со тенденција тој број постојано да се зголемува. Тука треба да се додадат и камионите од странство, кои минуваат транзит низ Германија.