Колку цркви и‘ требаат на Црна Гора?
25 мај 2011Меѓу православните верници во Црна Гора постои огромна поделеност и тоа претставува проблем за стабилноста на општетсвото, а без стабилност нема развој, сметаат во црногорската владејачка партија. Лидерот на партијата Мило Ѓукановиќ вели дека православната црква во оваа држава мора да биде самостојна.
„Црногорско-приморската митрополија на Српската православна црква не е во согласност со државните интереси на Црна Гора“, истакнува Ѓукановиќ и наведува дека „централата е во друга држава, која не гледа благонаклоно кон црногорската независност“.
СПЦ не се согласува
Но, на оваа идеја благонаклоно не гледа СПЦ. Митрополитот црногорско-приморски Амфилохие им порача на црногорските челници да не гибаат во канонската структура на СПЦ, што е став и на заменикот-претседателот на просрпската Народна партија, Дејан Вучичевиќ:
„Тоа е флагрантно мешање во внатрешните работи, во овој случај на црквата. Постојат јасни каконски правила за признавањето на една црква. Секоја друга приказна е само дневноплитичка. Или Демократската партија навистина мисли дека може на секаде да се меша, па и во СПЦ во Црна Гора“, истакнува тој.
ЦПЦ: ова е вистински потег
Истовремено, во канонски непризнатата Црногорска православна црква сметаат дека е добро што црногорската власт сфатила дека црковното прашање во земјата мора да се реши. Претставникот на ЦПЦ Стево Вучиниќ вели дека тие се подготвени да седнат на маса и со посредство на власта да преговараат со СПЦ за отворање на црковните објекти за сите верници.
„Тогаш, така да се каже, по одредено пристојно време ќе започнеме со разрешување на останатите важни прашања. Сметаме дека ЦПЦ е домицилна, таа е онаа која треба да биде стожерот и да ги поврати сите свои надлежности, духовни, материјални и сите останати“.
Ова секако нема да оди без проблеми. Факт е дека во сите анкети СПЦ е најпопуларна институција во Црна Гора и дека неа ја доживуваат како своја најголем број од православните верници. Таа црква има најдобра организација и управува со огромно мнозинство на црковните објекти и манастири во земјата. Таа исто така има поддршка од клучните цркви во православниот свет, вклучувајќи ја и Руската православна црква.
Но, факт е и дека ЦПЦ во времето на Кралството Црна Гора и до нејзиното исчезнување во 1918 година беше автокефална, како и дека другите православни цркви се национални. Затоа аналитичарите во Подгорица сметаат дека решавањето на ова прашање ќе биде долго и тешко и дека има повеќе државен отколку црковен карактер.
Автор: Мустафа Цанка/ Жана Ацеска
Редактор: Горан Чутаноски