1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку ќе трае владата

25 август 2020

Собранието и владата ќе траат онолку колку што ќе знаат успешно и одговорно да ги водат партнерите на власт и онолку колку опозицијата ќе биде конструктивна притискајќи побрзо да се остваруваат државните интереси.

https://p.dw.com/p/3hSfE
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Кога од власта упорно повторуваат дека владата, уште не формирана, ќе трае четири години, а од опозицијата дека е на стаклени нозе и само што не паднала, тоа е сигурен показател дека и двете страни имаат сериозни проблеми. Тоа всушност  се пораки до јавноста и до нивното членство, а најмногу до пратениците да бидат, лојални, мобилни и на штрек. Тоа е почеток на кампањата за локалните избори што ќе се одржат идната година.

Едните секој ден по неколку пати повторуваат дека ќе истераат цел четиригодишен мандат, а другите дека најдоцна за една година ќе дојдат на власт. Тоа се опомени победниците цврсто да ја подржуваат владата, а поразените  да не се осипуваат и да се подготват да ја преземат власта во блиска иднина бидејќи „непринципиелната коалиција“ само што не се растурила како „бугарско собрание“. Тоа е лош амбиент за предизвиците пред кои се наоѓа Македонија.

Тесно мнозинство се одржува со чесна и успешна работа

Адутите за ваквата мобилизација, гарнирана со тоа кој што зборувал во предизборната кампања, што кажале Зоран Заев и Али Ахмети еден за друг, или што зборувале Христијан Мицкоски, Зијадин  Села, Африм Гаши.... се многу тенки и немаат поголемо значење освен во првите неколку дена како оправдување на поразот, или како неминовност победниците кои имаат мнозинство да ја преземат одговорноста за управување со државата. 

Повеќе на темата:

-Сите пратеници на ДУИ ќе гласаат за Владата

-Флорин Бесими имал и друг избор, но ДУИ нема

-Нова влада со нерасчистени сметки и стари проблеми

Постизборната реалност и за власта и за опозицијата кога се во прашање коалиции и политички партнерства со тесно мнозинство од два гласа наложува една сосема поинаква политичка култура, чесна и макотрпна работа во служба на граѓаните и на државните интереси кои јавноста ќе ги препознае ако тоа навистина се случува во наредниот период. Станува збор за неколку  клучни приоритети и стратегиски определби добро познати и чии  попречувања и блокирања оставија тешки последици и се дополнителен тежок удар врз квалитетот на животот на граѓаните.

Прво, неопходноста од успешно справување со пандемијата, чии резултати се лесно мерливи по бројот на заболени, излечени и починати, но и со многу поголемо винмание на здравствениот систем и негово унапредување.  Второ, колку ќе биде успешно совладувањето на економската криза се мери според  растот на животниот и општествениот стандард на населението. Приказните за големите успеси го даваат спротивниот ефект ако граѓаните живеат полошо и се зголемува невработеноста. Трето, тоа е борбата со организираниот криминал и корупцијата, рак рана на македонското општество, неизлечиво без владеење на правото и без целосно независен правосуден систем, што никогаш не профункционира како треба.

Ова е добра прилика за опозицијата да притиска за  воведување на една новина која се состои во  стеснување на просторот на владата и центрите на моќ за донесување на дискрециони одлуки, кршење на законите и уставот и за нарушување на моралните и етички принципи, за очетност и одговорност. Значајна и суштинска  работа одамна присутна во поразвиените парламентарни демократии. Не помалку значајно, ако не и најзначајно е годинава не само да отпочнат  преговорите за редовно членство во ЕУ, туку храбро и осмислено спроведување на реформите кои произлегуваат од бриселските поглавја. Сето  тоа влегува во владината програма. Но, точно е и тоа дека такви програми и досега не недостасуваа, но тие  треба да се спроведуваат. Најголема слоабост на сите македонски влади.

Nord-Mazedonien Koalitionsverhandlungen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Други колумни од Ерол Ризаов:

-Најлошо е да не се договорите

-Кој и зошто го урива Заев?

-Нови платформи за раздор и делби

Ако контролата од моќната  и бројна опозиција врз владата е насочена како позитивен притисок овие програмски цели и закони  да се применуваат  во практиката, тогаш, навистина ќе бидеме  на добар пат за побрзо постигнување на заедничките цели и интереси на мнозинството граѓани, без оглед на нивната партиска и национална припадност. Ако пак власта е преокупирана само со остварување на лични и партиски интереси, а опозицијата како и досега со попречување на реформскиот европски курс со блокади за освојување на власта, тогаш, честите избори и промени нема да донесат ништо добро, односно Македонија ќе се соочи со новите реверзибилни одлуки и можности на Брисел за санкции, односно и она што е постигнато досега да биде вратено назад бидејќи државата и институциите на системот ќе останат нефункционални, особено Парламентот.

Што е полошо тесно, или двотретинско мнозинство?

Македонија како членка на НАТО и преговарач за членство во ЕУ влегува во една нова фаза од својот развој во тешки околности на пандемија и економска криза кој успешно може да се забрза пред се со натамошна демократизација која не е можна без одговорни политичари и во власта и во опозицијата, без слободни медиуми, независни институции и администрација и без гласност на јавни непристрасни личности и стручни луѓе. Тоа е патот на заедничкиот успех и на владата и на опозицијата и на сите граѓани.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Натамошната кампања за ново предавство на националните интереси со омраза и популизам дека се формира албанска и нелегитимна влада, со двајца премиери, македонски и албански, со врзани потписи и раце, со повици за  национално единство за земање на целата власт со над 60 пратеници на една политичка партија не ги решава проблемите, туку само ги продлабочува. Тоа е голема и опасна заблуда која води кон делби и конфликти.

Блиску до здравиот разум е дека без оглед на изборните резултати коалиционите влади во Македонија се реалност. Ако не направеа мнозинство СДСМ – БЕСА и ДУИ, тоа ќе го направеа ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ со некоја друга парламентарна политичка партија. Тоа јасно кажува дека и во ВМРО- ДПМНЕ и во СДСМ треба да преоваладе сознанието дека наместо апсолутна победа на парламентарни избори со над 60 места во парламентот многу позначајно е  заеднички, со воспоставување на меѓусебна доверба, да се спроведуваат реформите и да се забрзува развјот на земјата и нејзината европеизација.

Во ВМРО- ДПМНЕ треба конечно сериозно да се разговара да се отстранат  причините зошто оваа политичка партија по 11 годишна лажна идила и режим не може да најде коалициони партнери кај поголемите албански политички партии и поддршка кај меѓународната заедница, ниту во Брисел, ниту во Америка. Проблематизирањето на Преспанскиот мировен договор и договорот со Бугарија за добрососедство е само една од причините. Ги има повеќе. Во ВМРО- ДПМНЕ си ги знаат најдобро по трите изборни порази, односно по неможноста да најдат партенери.

Кај СДСМ и ДУИ, пак, ако причините за одолговлекувањето да формираат влада се во нереализираните лични амбиции на партиските функционери и активисти да бидат министри и владини функционери , тогаш, таа влада, навистина е на стаклени нозе и постојано ќе биде соочена со уцени и правење компромиси на штета на државните интереси што неминовно води кон брзо паѓање.

Владите со тесно мнозинство можат да бидат многу поефикасни од владите кои контролираат над 80 места во парламентот. Во тоа се уверивме кога и ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ имаа двотретинско мнозинство, но се уверивме и во изминатите три години кога се урнати блокадите кон Европа со тесно мнозинство во Собранието, но со голема поддршка во јавноста.

Собранието и владата ќе траат онолку колку што ќе знаат успешно и одговорно  да ги водат партнерите на власт и онолку колку опозицијата ќе биде конструктивна притискајќи побрзо да се остваруваат државните интереси.