Конференција во Лугано: Големи ветувања за Украина
6 јули 2022Конференција за Украина во Лугано беше планирана долго пред Русија, во февруари, да ја нападне земјата. Швајцарија испрати покани за конференција околу борбата против корупцијата и економскиот развој во Украина. Пред почетокот на војната, земјата беше на прилично лошото 122-ро место од вкупно 180 места на ранг-листата на антикорупциската организација Транспаренси интернешнал.
Руската војна против Украина радикално ја промени ситуацијата. Средбата во Швајцарија беше пренаменета во конференција за обнова. Учествуваа над 40 земји и 16 меѓународни организации. Сепак, тоа не беше класична донаторска конференција на која владите даваат нејасни ветувања за финансирање, со што би требало да им се помогне на жртвите од војна, граѓанска војна или природни катастрофи. Во Лугано стануваше збор за принцип.
Огромни суми за огромни штети
Собраните држави и организации, како Обединетите нации и Европската инвестициска банка, дефинираа како треба да се организира реконструкцијата на земјата среде војна. Украинскиот премиер Денис Шмихал рече дека огромната сума од 750 милијарди американски долари е цена за одржлива реконструкција. Според неговите пресметки, половина од ова може да се плати со конфискација и продажба на руски имот во странство. Но, досега ЕУ, САД и другите земји не се одлучуваат на ваков чекор. Имотот на руската држава и олигарсите лојални на режимот во моментов се „замрзнати“ со санкции, што значи дека не можат да се користат економски. Досега имало само неколку експропријации.
Јасно е дека за санирање на штетите во Украина, за кои е одговорна Русија, ќе бидат потребни години, ако не и децении, изјави германската министерка за развој Свенја Шулце: „Оваа задача е огромна“. Канцеларот Олаф Шолц неодамна предложи Маршалов план за Украина, инвестициска програма како онаа на американски државен секретар Џорџ К. Маршал по Втората светска војна за жртвите од војната во Западна Европа, но и за Германија, која беше виновна за војната. Со инвестиции од околу 12 милијарди американски долари беше постигнато таканареченото „економско чудо“, кое создаде и нови пазари за продажба за американските компании. Ова може да се случи и во Украина, беше нагласено во Лугано. По војната ќе мора да се опслужува пазар од 40 милиони луѓе кои се стремат кон ЕУ.
Обновата треба да биде демократска и одржлива
„Декларацијата од Лугано“, како што сега се нарекува овој план, предвидува обновата да се одвива во меѓународно партнерство со над 40 држави потписнички. Потребите и имплементацијата треба редовно да се проверуваат. Европската унија тука има посебна одговорност, бидејќи Украина од минатата недела е кандидат за членство во ЕУ. Досега Европската унија вети 6,4 милијарди евра конкретна помош. Затоа, фокусот на програмите за обнова треба да биде и на приближување на земјата до европските стандарди. Претседателката на Европската комисијата, Урсула фон дер Лајен вети дека Брисел нема да ја остави Украина сама, туку ќе ја поддржува сѐ додека тоа е потребно.
- повеќе: Како треба да изгледа Украина по војната
Учесниците во Лугано побараа обновата да се одвива транспарентно и во согласност со владеењето на правото. Корупцијата треба да се исклучи. Украинскиот претседател Володимир Зеленски даде такво ветување во своето видео обраќање за време на конференцијата.
Според „Луганската декларација“, развојот треба да го водат демократското учество, децентрализираното управување со средствата во општините, перспективите за вратените бегалци и интегритетот во општествениот живот.
При спроведувањето на проектите треба да се внимава на родовата еднаквост, почитувањето на човековите права и учеството на сите општествени групи. Генерално, целата програма за обнова мора да биде направена така да биде одржлива и колку што е можно попријателска кон климата.
Конкретната обнова веќе започнува
Ова се големи цели за земја среде војна, призна германската министерка Свенја Шулце. Сепак, одржлива обнова е можна веќе сега. Станува збор за тоа да се поправат водоводните цевки, системите за греење и куќите, за Украина да ја преброди зимата. „Реконструкцијата во Украина веќе започнува“, рече Шулце. Тоа е можно во западните делови на земјата.
Претставникот на Естонија даде практичен пример како помага неговата земја. Некои естонски градови почнаа да ги обновуваат детските градинки во партнерските општини во Украина кои беа оштетени од руските напади. „Едноставно треба само да почнеме од некаде“, рече Андрес Рунду, заменик-министер за надворешни работи на Естонија.
- повеќе: Зеленски сака да ја заврши војната годинава
Меѓутоа, во Лугано не беше јасно како може и како треба да се обновуваат областите окупирани од Русија на истокот и југот на Украина. „Најдоброто нешто би било ако оваа војна конечно заврши. Затоа правиме сѐ што можеме за да обезбедиме Путин да ја запре оваа војна сега“, рече министерката Шулце.
Германската влада досега обезбеди една милијарда евра директно за државниот буџет на Украина, за да може да продолжат да се исплаќаат платите на државните службеници, на пример. Дополнително, за конкретни градежни зафати се дадени 426 милиони евра. Ова е почеток, тоа ќе треба постојано да се надополнува, изјави германската министерка за развојна помош. Покрај тоа, Украина добива милијарди од САД и сојузниците од ЕУ за купување оружје и муниција.
Лугано треба да биде само почеток
Премиерот на Украина, Денис Шмихал, по конференцијата рече дека обновата треба да биде таква што „сѐ што е уништено да биде подобро отколку што било порано“. Швајцарскиот домаќин, претседателот Игнацио Касис, изјави дека „Декларацијата од Лугано“ треба да им даде надеж на луѓето во Украина среде војна дека не се сами. Лугано е само почеток на долг процес.
Веќе се планирани следните конференции за Украина: 2023 година во Велика Британија и 2024 година во Германија или Естонија. Денис Шмихал во име на Украина ја повика меѓународната заедница да дејствува брзо. Неговата земја е подготвена за тоа. „Кога велиме дека сакаме да започнеме брзо, тоа и го мислиме.“