Корона во Русија: Нецелосни или „разубавени“ бројки?
22 јуни 2020Во дневната соба на Ана Клочкова стои фотографија од нејзината мајка Галина Олејник. Кога се разболела од Ковид-19, таа морала да ги моли лекарите да ја примат на клиника, раскажува Ана. Но, Галина почина на 21 мај во болница во регионот Јарослав. Работела како рецепционер во еден здравствен центар во Переслав-Салески. Најверојатно таму се заразила со вирусот. На работа немале никаква заштитна опрема. „Јас ѝ сошив на мајка ми четирислојни маски со ластик“, вели Ана.
Во Русија мора патолог да потврди дека причина за смртта е коронавирус. Од овие причини кај Галина е наредена аутопсија. Ана ја покажува посмртницата и вели: „Новиот коронавирус е наведен како една од можните причини. Дента кога почина мајка ми, официјално имаше само еден смртен случај на маж кој починал како последица од корона. Мајка ми не беше во статистиката,“ вели таа.
Смртта на мажот ја потврди и гувернерот на регионот Јарослав, Дмитриј Миронов на неговата Фејсбук- страница. Но податоците за починатите од коронавирус во регионот Јарослав не се променија цела недела подоцна. ДВ побара објаснување од одделот за здравство во регионот. Одговор сѐ уште нема.
Сомнеж во официјалните бројки
Уште на почетокот на мај, „Њујорк тајмс“ и „Фајненшл Тајмс„ ги доведоа во прашање руските бројки посочувајќи дека 70% од смртните случаи од Ковид- 19 од Москва и Санкт Петербург не се влезени во официјалната статистика. Наспроти тоа руските власти тврдат дека официјалните бројки се точни. На барање на ДВ, Министерството за здравство одговори дека методите на регистрирање се базираат на препораките од Светската здравствена организација (СЗО). Директорот за итни случаи на СЗО, Михаел Рајан пак објаснува дека руската статистика за смртноста од коронавирусот е „тешко разбирлива“ и разликите меѓу бројот на заразени и починати е „невообичаен“. Претставникот на СЗО за Русија, Мелита Вујновиќ, во разговор со рускиот медиум „Бизнис ФМ” изјави дека Рајан не бил статистичар и немал искуство во таа област. Тој само го кажал своето мислење. „Од страна на СЗО во секој случај нема забелешки за Русија”, вели Вујновиќ. Сепак, податоците за Ковид-19 отвораат многу прашања. На пример во регионот Архангелск има две листи. Артјом Вахрушев, заменик шеф на регионалната влада, потврдува за ДВ дека за градот Северодвинск има одделна статистика. „Дел од населението го води Федералната агенција за медицина и биологија. Тоа се најчесто соработници на компании за вооружување. Тие водат посебен регистар за пациенти и тие не се земаат во предвид во статистиката за регионот Архангелск на страницата 'stopcoronavirus.rf'”, вели Вахрушев.
Повеќе:
ЕУ ги обвини Кина и Русија за ширење лажни вести во пандемијата
Неочекувани олабавувања на корона-рестрикциите во Москва
Царот Путин е гол во ерата на короната
Каде се влеваат тие податоци Министерството за здравство не соопшти. Задршки во однос на официјалните бројки има и Борис Овчиников од руската истражувачка агенција „Дата инсајд”. Тој ги анализирал податоците за порастот на инфицирани во Русија од 30 април до 24 мај и констатира дека во тој период бројките четири пати завршуваат со 99: на 30 април 7.099, на 8 мај 10.699, на 12 мај 10.899 и на 24 мај 8.599. „Статистичката веројатност дека бројки во тој мал временски период четири пати ќе завршат со 99 е многу мала”, вели Овчиников за ДВ и додава дека „очигледно властите сакале да наведат заокружена бројка, но знаат и дека тоа ќе им биде сомнително на луѓето. Пред да ги објават бројките ги промениле на крајот на 99.” Овчиников не исклучува регионалните и федералните бројки да се манипулирани.
Медицинарите си водат свои списоци
Кон крајот на мај руското Министерство за здравство објави листа со 101 доктор починати од САРС-Ков-2. Но, руските лекари одамна водат своја статистика „За помен” на која има веќе 400 лица. Московскиот анестезиолог Алексеј Ерлих е еден од иницијаторите. Смета дека официјалните податоци се непотполни. „Министерството го исклучи медицинскиот персонал од листата на соработници и негувателите ги декларираше за хигиеничари. На нашата листа за поменување се и возачи на брза помош кои не важат за медицински персонал.”
Ерлих смета дека Федералната служба за надзор во делот на заштита на потрошувачите и на човековата добробит (Росподтребнадзор) лаже. Шефицата на институцијата, Ана Попова, изјави дека стапката на смртност меѓу докторите за време на пандемијата практично не се разликувала од други периоди. „Многу доктори не ги ни тестираат. Знам за болници каде се забранети тестови за да се држи статистиката подобра. Луѓе умираат, но никаде ги нема во статистиката за корона”, вели Ерлих кој и самиот бил инфициран. За руското Министерство за здравство починатата Галина Олејник која работела на прием на пациенти во Переславл-Салески, не се смета за медицински персонал. Затоа нејзините роднини не добиваат финансиска помош. На листата за помен на докторите таа е спомената. За нејзината ќерка Ана Клочкова тоа е слаба утеха. Таа не можела дури ни да присуствува на погребот на мајка си бидејќи и таа самата се заразила од неа со коронавирусот и била во карантин. Ана е убедена дека и неа долго време не сакале да ја тестираат само за да ја поштедат статистиката.