1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебатата за короната станува се' понапорна

11 февруари 2021

Локдаунот во Германија продолжува, барем до март. Дебатата за натамошното постапување во пандемијата станува сѐ понапорна, смета Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/3pCzD
Symbolbild I Verlängerung des Lockdowns in Deutschland
Фотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Германија, веќе два месеца во карантин, страда од последиците од вирусот. Преку 63.000 жртви за една година - тоа е бројка која остава без здив, плаши, потресува. Но, Германија сѐ повеќе страда и од дебатата околу тоа кој е вистинскиот пристап во справувањето со пандемијата. Тука настанува микс од наука, идеологија, економски, социјални и културолошки аспекти.

Задача на политика е да се погрижи таквите спротивставени ставови да ги обединува и да не дозволи ситуацијата (уште повеќе) да излезе од контрола. Политика - тоа е канцеларката во нејзиниот кабинет, парламентот, а во федерална држава како Германија тоа се и многуте покраини. Во изминатите недели нивното битисување делуваше како да се едни против други, а сојузната држава како да не е една надредена целина, туку само сојуз на држави.

Посебни желби уште во пресрет на координациите

Само што беше утврден терминот за следната од многуте средби - сега веќе 21-ва! - на канцеларката со покраинските премиери, а тие веќе почнаа со посебни желби. Или пак веќе најавуваат дека ќе тераат по свое, и тоа уште пред да се одржи координацијата. Има покраински премиери кои кога сѐ оди мазно, настапуваат како да се провинциски кралеви, а кога нештата ќе тргнат наопаку, незгодната работа се препушта на сојузната влада. Некогаш е доволно и само да се фрли поглед на демек храбрите објави на Твитер од некои покраински премиери, или пак да се прочита агенциска вест за да ви се потврди горенаведеното.

Deutsche Welle Strack Christoph Portrait
Кристоф ШтракФотографија: DW/B. Geilert

Повеќепати во изминатите недели регионалните весници гордо и со подбив известуваа дека канцеларката телефонски го бркала ландратот (окружен началник, највисок функционер на комунално ниво, заб.на ред.) за да се информира за ситуацијата со короната, особено во старечките домови. Веројатно имала повеќе доверба во него отколку во покраинскиот премиер.

Еклатантен неуспех кај училиштата

Најмногу се потфрли во однос на училиштата, каде ситуацијата е и најлоша. Деца, родители, наставници – речиси во ниту една друга област не се погодени толку луѓе одеднаш. Станува збор за семејства, кои во политичките говори се истакнуваат како најважни за иднината на општеството.

Веќе една година секое дете од социјално загрозено семејство требаше да добие компјутер – ама не доби. Политиката имаше една година време да се погрижи за инсталирање на соодветни вентилациски системи во училиштата наместо „да се отвораат прозорци“ (нив веќе ги има!). Веќе цела година политиката можеше да побара дополнителни простории за изведување настава (кина, цркви, празни сали – и нив ги има!). Веќе неколку недели наназад политиката можеше да организира неделно корона-тестирање или барем неколкупати да се тестираат ученици за да може повторно да се вратат на настава – но, каде се случува сето ова? Кој државен службеник да го стави ова во својата програма? Песната за „Германија, лулка на образованието“ е евергрин. Но, само со постојано потпевнување нема да стане реалност.

Сега покраините може да одлучуваат за отворање на училиштата, барем за основните. Тоа е исправно и истовремено е тест за тоа колку се подготвени покраините за постепено отворање и враќање кон поголема нормалност. Тоа би било тест и за сојузната разноликост, која есеноска, со оглед на широко распространетата безгрижност, потфрли. Руралните региони и градовите кои успеваат подобро да се справат со пандемијата и да го намалат бројот на заразени, може да предводат во отворањето и тоа е исправно. Земјата мораше истовремено целосно да се затвори – но, отворањето и олабавувањето на карантинот не мора да се одвива насекаде во исто време.

Покраините во трка

Поради тоа, од 21. средба произлезе поголема одговорност за покраинските премиери, па и покрај опасните мутации се постави конкретна цел: со инциденција од 35, што значи 35 новозаразени на 100.000 неделно, да се овозможи олабавување на локдаунот,меѓу другото преку можно отворање на продавници и музеи. Чекори кон нормализација кои нема да бидат единствено пропишани „од повисоки инстанци“. Тоа може да биде поттик за локално или регионално да се вложат напори во позитивна смисла: трка да се биде во „клубот 35“. Покраините се на потег. Бидејќи земјата предолго страда од самата себе.