1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворањето граници не е решение за коронавирусот

Жан Аселборн
17 февруари 2021

Пандемијата е голем предизвик за Шенгенскиот простор и отворените граници. Повторно е доведена во прашање една од најголемите придобивки на ЕУ, оценува министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.

https://p.dw.com/p/3pTWl
Deutschland | Grenzkontrolle zwischen Tschechien und Deutschland
Фотографија: Matthias Balk/dpa/picture alliance

Речиси една година по паничното прво затворање на границите во Европа, направено со надеж дека ќе се сузбие ширењето на коронавирусот, со жалење мора да кажам дека повторно се надоврзуваме на истите дискусии кои веќе ги водевме на почетокот на оваа криза.

Уште од минатата пролет постојано се повторува дека вирусот не запира на ниедна граница. Затворањето граници и контролите меѓу земјите членки на ЕУ нема да доведат до остварување на целта. Затоа членките на ЕУ се заложија за посилна координација во борбата против вирусот, со цел да се избегнат вакви краткорочни реакции во иднина. Во тој дел во втората половина на 2020 година водеше германското претседателство со ЕУ.

Пограничен сообраќај мора да биде можен

Појавувањето на новите варијанти на вирусот, кои според се' се шират побрзо, пред се' т.н. „британска“ и „јужноафриканска“ мутација, со право се причина за загриженост. Поради тоа, Германија воведе строги контролина границите со Чешка и австриската покраина Тирол. Тие опфаќаат поостри мерки за влез во земјата и за граѓани на ЕУ, меѓу што и ибврската да се прикаже негативен корона-тест и да се замине во карантин. Слични мерки разгледуваат и други држави.

Jean Asselborn
Жан Аселборн, министер за надворешни работи на ЛуксембургФотографија: picture alliance/Eventpress Stauffenberg

Јасно е дека во актуелната ситуација треба да не се патува ако тоа не е неопходно. Но, во секој случај мора да биде можен неопходниот, мал по обем пограничен сообраќај. Обврската за тест или карантин за сите, без исклучок, такаречи сосема ќе го запрат ваквиот животно важен сообраќај. Во Европа ќе бидат потребни стотици илјади, ако не и милиони тестови, и тоа неделно, или во најлош случај дури и секојдневно. Последиците би биле километарски колони, милиони блокирани луѓе кои патуваат до работното место и заглавена стока на внатрешните граници на ЕУ. Тоа е не само неразумно, туку е и неспроведливо.

На крајот на јануари Советот на земјите членки на ЕУ во една препорака повика од обврската за тестирање или карантин да бидат исклучени лицата во пограничните региони, кои поради професионални причини, образование, семејни причини, или лекување, секојдневно или често мора да ја преминуваат границата. Тоа особено важи за лицата кои се на критични функции или кои се неопходни во критични инфраструктури. Оттука, ме изненадуваат острите зборови од Берлин кога Европската комисија ја потсетува германската влада на овој договор, дотолку повеќе што првичната верзија на оваа препорака беше изработена од германското претседателство со ЕУ.

Затворањето на границите предизвикува огромни штети

Оваа криза ја покажа пред се' ранливоста на пограничните заедници во Европа (речиси 30 проценти од населението на ЕУ се вбројува во вакви заедници). Онаму каде во граничните региони милиони луѓе во Европа го живееле своето секојдневие без проблеми, затворањето на границите и контролите предизвикаа огромни штети - на економско, политичко и човечко ниво. Не' чинеше многу сила и напор за тоа да се надмине. Но, ние во Луксембург, барем досега, успеавме да спречиме затворање на границите со соседите како пролетта 2020-та.

Заштитата на јавното здравје е приоритет за сите нас. Со вирусот се бориме една година, а и 2021-ва во голем дел ќе биде во знакот на таа борба. Слободата на патување во Европа е основно право, цврсто вградено во Договорите и Повелбата на ЕУ за основни права. Европската комисија стави јасно до знаење: паушално затворање на границите не е во согласност со важечкото право во ЕУ. Мерките кои ја ограничуваат слободата на патување мора да бидат одмерени и не смеат да излегуваат од границите на најнеопходното. Во секој случај, мора да има јасни и неограничени исклучоци за луѓето кои ја минуваат границата и мерки за заштита на пограничните региони.

Затворањето на границите во ЕУ остава траги. Наша обврска е заеднички да го положиме овој тежок испит, без притоа нашето заедничко постигнување - Европа - да претрпи трајни штети поради враќањето на националните рефлекси за кои мислевме дека се одамна заборавени.