Корона: Се стабилизира ли пазарот на труд во Германија?
1 септември 2020Бројот на невработени во Германија повторно се зголеми во август - но како и во претходниот месец во вообичаена сезонска стапка.
Според Сојузната агенција за вработување, 2,955 милиони луѓе биле без работа во август - 45 000 повеќе отколку во јули и 636 000 повеќе отколку пред една година. Стапката на невработеност за еден месец се зголеми за 0,1 процентен поен на 6,4 проценти.
Сезонски флуктуации
Невработеноста обично се зголемува во август, бидејќи бројни работни и приправнички договори завршуваат пред летните одмори. За споредба: Во август 2019 година, бројот на луѓе без работа се зголеми за 44.000 во споредба со претходниот месец.
Како и во јули, немаше дополнително зголемување на невработеноста поврзано со коронавирусот, рече директорот на Сојузната агенција за вработување, Детлеф Шеле. „Сепак, ефектите на пандемијата врз пазарот на трудот се уште се многу јасно видливи“.
„Регулативата за скратена работа функционира“
„Пандемијата доведе до најдлабока економска криза на нашата генерација“, вели Хубертус Хајл, германскиот министер за труд и социјална политика, но истакнува дека во споредба со другите индустриски држави, Германија се држи многу добро.
Повеќе:
-Меркел предупредува дека следуваат тешки месеци со пандемијата
-Германската економија соочена со тешки времиња
-Корона-криза: Германската индустрија полека се опоравува
Ова главно се должи на регулативата за скратена работа. „Со неа зградивме мостови на пазарот на трудот. Регулативата функционира. Помага брзо, сеопфатно и небирократски да се стабилизира пазарот на труд и да им се помогне на компаниите и на вработените во време на криза", истакна Хајл.
Регулативата со која државата ги субвенционира компаниите и натаму со скратено работно време и плата да ги остават на работа вработените, наместо да ги отпуштаат треба да биде продолжена до крајот на 2021 година. Хајл има намера да поднесе соодветен предлог-закон на 16 септември.
Во април, мај и јуни бројот на луѓе со скратена работа во Германија изнесуваше меѓу 5 и 6 милиони. Но во меѓувреме бројот на вработени за кои компаниите пријавуваат скратено работно време значително се намалува, велат прелиминарните податоци на Сојузната агенција за вработување.
Се опоравува ли пазарот на трудот?
Различни експерти во моментов гледаат знаци дека пазарот на трудот се опоравува - делумно благодарение на регулативата за скратена работа што го ограничи обемот на отпуштања.
Сепак, тие се загрижени за зголемениот број на инфекции и стравот од нови ограничувања на јавниот и стопанскиот живот. „Кризата сè уште не е завршена“, предупредува министерот Хубертус Хајл. „Очекуваме економско закрепнување во текот на следната година, иако од гранка до гранка то ќе биде различно“. Според Хајл нема апсолутна сигурност во врска со економскиот развој. „Ние сме претпазливо самоуверени“.
Како и да е, ова зависи и од неколку претпоставки што треба да се исполнат: „Ова вклучува држење на пандемијата под контрола“, вели германскиот министер за труд.
Освен тоа, Хајл претпоставува дека пандемијата ќе продолжи да ја забавува побарувачката за извоз и оти мора да се смета на тоа дека вакцина ќе има дури во втората половина на следната година. Сите овие неизвесности ги вознемируваат и компаниите.
Стапката на невработеност во еврозоната расте
Во меѓувреме, стапката на невработеност во еврозоната порасна четврти месец по ред и достигна највисоко ниво од ноември 2018 година.
Европската статистичка агенција- Евростат објави дека стапката на невработеност во јули се зголемила за 0,2 процентни поени на вкупно 7,9 проценти. Поради последиците од корона-кризата, аналитичарите имено сметаа на уште посилно зголемување на невработеноста и очекуваа стапка од 8,0 проценти.
Сепак, стапката за јуни е ревидирана надолу, од претходните 7,8 проценти на само 7,7 проценти.
Според Евростат, во јули 12.793 милиони луѓе во еврозоната биле невработени. Во споредба со претходниот месец, бројот на невработени се зголемил за 344.000. Невработеноста кај младите останува на високо ниво. Во еврозоната, стапката на невработеност на лицата под 25 години се искачи на 17,3 проценти во јули, во споредба со 17,2 проценти во јуни.