1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона: Светот гледа во Меркел

24 април 2020

Германската канцеларка е веќе подолг период прогласена за политички мртва. Но, во време на пандемија повторно и’ се зголемува угледот во земјата и странство. Зошто?

https://p.dw.com/p/3bNGV
BdTD Syrien Binnish Wandgemälde für Merkel in Ruine
Мурал за Меркел има дури и во руините во СиријаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Alkharboutli

Поимот „парализирана патка“ е вообичаен назив за политичари кои не сакаат нова кандидатура. Тие важат за ослабени, а нивниот политички „полупериод на распаѓање“ може да се искалкулира.

Политичките набљудувачи веќе со години во оваа група ја сместуваат и канцеларката Ангела Меркел. И секогаш одново - по слабиот резултат на ЦДУ на парламентарните избори 2017-та, при нејзиното повлекување од шефовското место во партијата 2018-та, поради различните обиди на нејзиниот некогашен конкурент Фридрих Мерц да стигне до лидерското место во 2018. и 2020. година - критичарите и’ ги бројат деновите. Дури и „Меркеловците“ во нејзината пратеничка група во доверливи разговори уште пред две години сметаа со нејзино повлекување кон средината на 2019-та. Ништо од тоа. Таа владее и натаму. Како стар Фолксваген „бубачка“: доверлив, ненакитен, малку неудобен.

Израел и Нов Зеланд, Танзанија и Аргентина

Угледот на Меркел во светот сега е висок како што не бил со години, како на домашната сцена, така и во странство. „Медиумите овде, во Израел, ја гледаат како една од најсилните водечки личности во светот“, вели Амихај Штајн за Дојче веле. Тој е дописник на јавниот радиодифузен сервис во Израел. Во таа земја интересот за Германија е голем. Во ситуацијата со короната, на Меркел се гледа како на лидер „кој на луѓето им ја прави ситуацијата разбирлива и може јасно да им ја објасни“.

Оваа новинарска оценка од Израел се поклопува со коментарите во весниците ширум светот, политичките проценки или гласови на социјалните мрежи. Примери?

Во март „Њу Зеланд Харалд“ излезе со наслов: „И при намалена моќ, германското раководство сјае во кризата“. Според весникот, Германија и Меркел припаѓаат кон „победниците“, со својата стратегија во борбата против пандемијата се „пример“.

Од Африка - две оценки од социјалните медиуми од Танзанија. Филберт Џонатан Кјеншамби на Твитер напиша дека германската канцеларка „во борбата против короната ги препозна знаците на времето“. А Алистид Елијас Бијамунгу напиша: „Честитки, канцеларке Ангела Меркел!“. На колешките и колегите од Дојче веле одамна им се познати пофалбите, но и прекорот ширум светот на сметка на Германија. А, овие денови на многумина в очи им паѓа изразувањето почит кон Меркел.

Повеќе:

Меркел за коронавирусот: „Уште се движиме по најтенкиот мраз“

Меркел: Коронавирусот е најголемиот предизвик од Втората светска војна

Заврши домашниот карантин на Ангела Меркел

Во Латинска Америка, во „Кларин“, најчитаниот дневен весник во Аргентина, еден коментар од средината на неделава стана химна која зборува многу и за политичарите во регионот. Коментаторот Рикардо Роа зборува за „65-годишна физичарка, доктор на науки, ќерка на лутерански свештеник и наставничка по латински јазик“, израсната во Источна Германија, жена која и по 15 години на врвот на власта се однесува „како нормален човек“. И, сега, корона-криза. Меркел е една „од многу малку политичари“ во светот кои не се спасуваат, туку „водат“. „Таа комуницира со научна строгост, посредува спокој, ја разоружува хистеријата.“ И, Роа искова збор кој на шпански е полесен отколку на германски. Покрај сите конкретни чекори, како координација и вмрежување на сите политички чекори, постои и „еден друг лек“ - „Меркелина“, онаа „трезвеност и решителност“ во политичкото раководење, кога „се прават обиди за решавање на проблемите, а не се прават обиди за извлекување политичка полза од проблемите“. „Вистински лидер“, гласи заклучокот на коментаторот од Аргентина.

Angela Merkel | Merkel-Raute
Кризниот менаџмент на Меркел е ценет во светот (фото: германската канцеларка често ги држи рацете во оваа поза)Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

„Нетипично сентиментално“

Пофалба од која се чита дека ваков вид раководење стана реткост во меѓународни рамки. Тоа важи и за САД и Велика Британија. Оној што ги чита актуелните изданија на „Атлантик“, „Форбс“, па и „Њујорк Тајмс“, наидува на пофалби за Меркел во кои се крие критика на сметка на Трамп. „Шефицата на германската влада со недели работи со карактеристичната рационалност во комбинација со една нетипична сентименталност“, се вели во еден долг текст во „Атлантик“. А од Лондон, каде нема толку многу интимни извештаи, една колешка вели дека на речиси секоја прес-конференција на владата од новинарите доаѓа прашање зошто не се гледа примерот на Германија.

Притоа, во Германија веќе се работи за времето по Меркел. На неколку дена пред Велигден, кога се навршија 20 години од нејзиното стапување на лидерската позиција во ЦДУ, речиси никој не потсети на тоа. Тоа што од Меркел во најновото истражување на јавното мислење „Дојчландтренд“ се задоволни најголем број граѓани од 2017 година досега, се должи на корона-пандемијата. Соодветно на нејзиното силно медиумско присуство како кризна менаџерка на германските ТВ-екрани.

Пофалби и од десно и од лево

На што се должи респектот за Меркел ширум светот? Германскиот пратеник Андреас Ник е и вицепретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур. Тој вели: „За разлика од многумина кај нас по 15 години, меѓународните набљудувачи и колеги од други парламенти многу појасно гледаат на специфичноста на стилот на носење одлуки и раководење на Ангела Меркел“, вели тој за Дојче веле. Ник, кој е извонредно поврзан со колеги од Европа, вели дека на луѓето надвор од Германија им паѓа в очи контрастот со работите кои се случуваат во нивните земји. Тој набројува што е тука важно: „Пристапот на Меркел е прагматичен, како и целно ориентиран, притоа постојано аналитички и со внимателно одмерување, протестантски трезвен и освежувачки несуетен.“ Таа е научник од сферата на природните науки со животно искуство од „пропаѓањето на еден пресамоуверен идеолошки систем“ во ГДР и, не како последно, таа е жена.

Јасно, Ник е политичар на ЦДУ, претставник на курсот на Меркел. Што би рекол друго? Но, и од другата страна на политичкиот спектар доаѓа почит за курсот на канцеларката. Бодо Рамелов, премиер на покраината Тирингија, е политичар од Левицата, кој во корона-време на видео-конференциите најмногу има работа со канцеларката. Сојузната влада, вели Рамелов за Дојче веле, постапува како и сите покраински влади - „како кризен менаџер и како комуникатор“.

Тој смета дека постапките на канцеларката се „угодно мирни и целно ориентирани, што особено се покажува во добро структурираните видео и телефонски конференции“. Тоа внесува извесна опуштеност во разговори кои се всушност комплексни.

Притоа, Меркел во моментов и ги критикува постапките на покраините. Ваквиот критички поглед, признава Рамелов, „го земам при срце, зашто во овие времиња навистина е важно да се делува заеднички“. Со оглед на тоа што светот поради пандемијата е „исклучително вознемирен“, а политиката мора да се грижи за сузбивање на опасноста и да најде конкретни решенија за да им помогне на луѓето, нему, вели Рамелов, му е „навистина подраго за прва дама во државата да има научник од природните науки, отколку мажи кои се прават важни и кои како популисти опасно ги занемаруваат фактите на опасноста“.

Thüringen: Bodo Ramelow
Пофалби и од противничката страна: Бодо Ламелов од Левица ја цени МеркелФотографија: Getty Images/C. Koall

Меркел без маска

Во цело корона-време Меркел досега не настапи јавно со маска. Таа е едноставно Меркел, и досега можеби никогаш не била толку многу и политичарка и научник како сега.

Реферирање за проверки, докази и претпоставки, аналитички поглед постојано насочен напред. Тоа е она што Германците инаку и ги нервира, или ги подзаспива. Во свет без корона, оваа сабота ќе се бираше наследник на Анегрет Крамп-Каренбауер, жената која ја замени Меркел на чело на ЦДУ.

Повеќе:

Почнува борбата за наследник на Ангела Меркел

Наследничката на Меркел најави оставка од партиската функција

Ден на одлука: Меркел се збогува од ЦДУ

И повторно коментаторите се натпреваруваат во одбројување на деновите на канцеларката на заминување. Раководството на ЦДУ сега веројатно ќе се бира во декември. А Меркел на 1 јули презема и друга функција. Германија шест месеци ќе претседава со ЕУ.

Пред една година не малку политичари од Унијата (ЦДУ/ЦСУ) шпекулираа дали Меркел ќе биде истуркана настрана уште пред преземањето на оваа задача во ЕУ, или сепак ќе остане и натаму на функцијата. Сега ни едните ни другите нема да имаат ништо против таа да остане на шефовската позиција во владата и во периодот на претседавање со ЕУ.

Па, сепак, при сета актуелна еуфорија, многумина гледаат кон времето потоа. Корона-приказната за Германија во најновиот „Сандеј Тајмс“ во основа не беше Меркел-приказна. На фотографијата е прикажана Меркел и баварскиот премиер Маркус Зедер, а насловот гласи „’Корона-царот’ се пробива во трката за наследник на Ангела Меркел“. Да, дури и на англиски стои цар - „кајзер“. И Амихај Штајн во Тел Авив, кога зборува за дарбата на Меркел како лидер кој на луѓето „им ја објаснува ситуацијата јасно и разбирливо“, се осврнува на времето потоа: „Друга причина за овој интерес во меѓународни рамки е и тоа што се’ уште не се знае кој ќе ја замени...“

Прашањето ќе остане без одговор уште некое време.