1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Данска и „зомби“ – куните

ЖА /ДВ
27 ноември 2020

Преку 15 милиони куни беа убиени во Данска, поради опасност да пренесат мутација на вирусот Ковид-19 врз луѓето. Но, темата уште ја бранува јавноста – куните „воскреснаа“: дел од труповите се појавија на површината.

https://p.dw.com/p/3lvPx
Coronavirus - Dänemark | Nerze
Фотографија: Mads Claus Rasmussen/Ritzau Scanpix/dpa/picture alliance

На почетокот на ноември во Данска беа убиени милиони куни на бројни фарми, откако кај нив беше откриена пренослива мутација на Сарс-КоВ-2. Данската влада стравуваше дека мутацијата „Кластер5"  може да ги загрози идните вакцини против коронавирус. По уништувањето на животните, се претпоставуваше дека мутацијата е искоренета.

Но, неполни две недели подоцна стотици мртви куни на една воена депонија се појавија на површината. Поради процесот на распаѓање, телата на животните од провизорниот масовен гроб, под притисок на ослободените гасови биле кренати на земјината површина. Тие биле покриени само со тенок слој варовничка земја, соопшти полицијата во Холстебро.

Dänemark Coronavirus Tötung von Nerzen
Убиените куни биле закопани на два метри длабочина, тврдат властитеФотографија: Morten Stricker/Dagbladet Holstebro Struer/Jysk Fynske Medier/Ritzau Scanpix/REUTERS

Надлежното Министерство за екологија и земјоделство ги отфрли обвинувањата дека убиените животни не биле закопани доволно длабоко, тврдејќи дека проблемот е привремен, областа се контролира деноноќно, а на површина исфрлените трупови повторно се засипуваат додека да се подигне заштитна ограда.

Но, жителите од околината стравуваат за своето здравје, загрижени се од можно контаминирање на подземните води и блиските езера. Експертите и политичари поставуваат прашање зошто воопшто заразените со мутиран вирус животни биле закопувани, наместо да бидат кремирани.

Данската премиерка Мете Фредериксен во емоционален настап на една фарма на куни предизвика внимание во јавноста. Блиску до солзи, таа сведочеше како еден татко и син за кратко време го доживеале руинирањето на својата фарма – нивно животно дело. „Тоа не беше поради тоа што тие беа лоши одгледувачи на куни, туку поради короната", изјави премиерката, молејќи за извинување поради сторената грешка. Зашто, факт е дека одлуката за уништување на куните во Данска во почетокот немаше правна основа, поради што министерот за исхрана Могенс Јенсен мораше да поднесе оставка.

Во меѓувреме, коронавирус е откриен кај куните во повеќе европски држави, во Холандија, Франција, Шпанија, Шведска, Италија и Литванија. Случаите на заболени животни ги обелоденија и често несоодветните услови кои владеат во фармите на куни во Европа.