Коронавирус: Зошто се опасни семејните прослави и забавите?
28 септември 2020Често по забави или семејни прослави доаѓа до локални кластери на коронавирус, поради заеднички престој во затворени простории, но делумно и на отворен простор. Прегратки, бакнежи, живи разговори во кругот на фамилијата, пријателите, танцување. Сето тоа се ритуали кои го обогатуваат нашиот живот и од кои некои не сакаат да се одречат ни во време на корона. Свадба со голем број гости предизвика неодамна и ново разгорување на пандемијата во германскиот град Хам, слично беше летоска со големи фамилијарни прослави во Гетинген.
Копнеж по дружење
Во основа, ваквите кластери во светот се докажани, во нив спаѓаат богослужби, посета на барови или курсеви по зумба во Јужна Кореја, забави во скијачкиот центар Ишгл во Австрија, карневалска прослава во Гангелт во Германија- мустрата на вакви „супер раширувачи" на вирус е иста: постои некој повод, бројни контакти и стотици инфицирани.
Масовни манифестации се забранети во многу земји и натаму, но на познатите собиралишта, некои кафулиња или приватни забави често не се почитуваат пропишаните правила за физичка дистанца.
Луѓето сакаат дружење, средби со пријатели и роднини, одење на спортски и културни манифестации, наскоро ќе стигнат Боќик и Нова година, сите ние крајно сакаме да ни се врати стариот живот.
Но, кога во идните недели, условен од временските прилики, друштвениот живот повторно ќе се премести во затворени простории, расте веројатноста од зачестување на локалните кластери на инфекција.
Како се станува „супер проширувач" на вирус?
Како „супер проширувач" епидемиолозите го означуваат оној заразен кој инфицира посебно голем број луѓе. Притоа, секој може да стане „супер проширувач" ако во погрешен момент стапи во контакт со многу луѓе. Решавачки е притоа моментот, зашто инфицирано лице може да ја пренесува заразата и пред кај него да се појават првите симптоми. Бројот на вируси во овој момент во грлото на инфицираниот се чини е посебно голем.
Повеќе:
Како се станува „суперпроширувач“ на коронавирусот?
Што кога Ковид-19 ќе се поклопи со грипот
Кој е виновен за експлозијата на коронавирус во Гетинген?
Коронавирус: Германија ќе ги откаже и Божиќните пазари?
Многумина инфицирани меѓутоа немаат воопшто или имаат само благи симптоми, па не ни забележуваат дека се заразиле и дека самите можат да го пренесуваат вирусот. Освен тоа, одредени луѓе подолготрајно го пренесуваат вирусот од други, можеби тоа има поврзаност со нивниот имунолошки систем или со распространетоста на вирусни рецептори во нивното тело.
Кој е типичен „супер проширувач"?
Често „супер проширувачот" не може да се идентификува. Внимание предизвика студија на јапонскиот виролог Хитоши Ошитани, кој истражувал 61 кластер со преку 3000 инфицирани, меѓу кои и случаи во ресторани, концертни сали и фитнес-студија, кои се сметаа за посебно ризични локации на кои со Сарас-КоВ-2 се заразиле посебно голем број луѓе.
Неговите сознанија упатуваат на „типичен супер проширувач": почесто тоа се млади жени под 30 години и без симптоми. Тимот на Ошитани не може да ги објасни причините, но разбирливо е дека во клубовите, баровите или на забави престојуваат првенствено млади луѓе, а таму има слаба циркулација на воздух и мало растојание меѓу луѓето. Гласната музика и алкохолот освен тоа предизвикуваат луѓето да зборуваат погласно и да се приближуваат едни кон други.
Какво значење имаат сознанијата за корона-рестрикциите?
Информацијата дека најголем број инфицирани заразуваат само мал број други луѓе, а „супер проширувачите" напротив голем број лица, на прв поглед е добра вест, зашто овозможува целно насочување на заштитните мерки против коронавирус.
Во најголем број земји би можело повторните рестрикции да бидат ограничени на локалните кластери на коронавирус и да се избегне повторно воведување општ „локдаун", со сите економски и општествени последици.
Со оглед на брзорастечкиот број на нови инфекции, многу држави веќе ги повлекоа олабавувачките мерки во гастрономијата или за одржување собири, односно пак воведоа драстични ограничувања. Некои земји дури се наоѓаат во втор „локдаун", како Израел, или воведоа строг карантин за посебно погодените области, како на пример Мадрид.
Избегнување на настани кои важат за можни жаришта на вирус
Во напорите за сузбивање на пандемијата, тешко е идентификување на поединечни „супер проширувачи" или нивно изолирање, посебно ако лицата не покажуваат никакви симптоми.
Но, затоа е изводливо контролирање на околностите кои доведуваат до настани – потенцијални жаришта на заразата.
Доколку големите семејни прослави или забави, спортските манифестации, концерти, посети на барови и клубови, а посебно масовните собири во затворени простории, останат забранети, а стриктно се применуваат правилата за носење заштитни маски и држење физичка дистанца, општествата не мора да стравуваат од комплетна повторна „блокада".
И во студените месеци, во кои дополнително владеат грип и настинки, на тој начин можат да останат отворени фирмите, продавниците, училиштата, градинките и да бидеме поштедени од уште подраматични економски и социјални последици.
А доколку некаде постои нов кластер на коронавирус, потребно е што побрзо утврдување и изолирање на сите контакт-лица додека не се добие негативен тест за секого од нив.
Јапонија на пример, со оваа метода не само што релативно успешно го сузби ширењето на вирусот, туку можеше да спречи и драстичен „локдаун".
Пресудно е социјалното однесување на поединецот
Одговорните во политиката и општеството секако можат да забранат масовни манифестации и да воведат повторни ограничувања, но во крајна линија важно е социјалното поведение на секој поединец.
Последните недели покажаа дека поединци, од убедување или игнорантност, не се придржуваат кон важечките правила за носење маски, држење растојание и спроведување хигиенски мерки Онаму каде не се очекува совесно однесување, одговорните лица од политиката и општеството, заради општо добро, имаат можности непочитувањето на правилата да го санкционираат со високи казни.
Не треба притоа да се заборави дека преовладувачко мнозинство луѓе се придржува кон правилата, не само поради себе, туку и заради заштита на другите од инфекција.
И тоа преовладувачко мнозинство има разбирање за нужноста од спречување на потенцијалните „супер проширувачки" настани, без оглед што тоа значи одрекување. И покрај сите рестрикции, сепак е можно извесно враќање кон нормалноста додека да се пронајде вакцина или лек против Сарс-КоВ-2.