Британската мутација - главоболка за Македонија
28 јануари 2021Британскиот сој, кој навлезе во 70 земји во светот, цел месец циркулирал и меѓу граѓаните во Северна Македонија. Засега е потврден само еден случај, кај 46-годишен маж од Скопје кој веќе оздравел, но во лабораторијата на МАНУ ќе се прават дополнителни анализи. Ќе се испитува можноста да не има и други заразени со овој опасен вирус, особено од последниот кластер на Клиниката за нефрологија, каде за краток период има десетици заболени. Лекарите алармираат дека поради тоа што многу лесно се пренесува за разлика од другите мутации, веројатно за неколку месеци ќе стане доминантен во земјата, како и во многу други земји во светот.
Дали има повеќе случаи?
„Овој вирус еволуира многу побавно и најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина. Се смета дека се пренесува за 70 отсто побрзо од претходните соеви, односно доколку требало да се заразат десет луѓе ќе се заразат 17 луѓе“, вели д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“. Токму во приватната клиника беше откриен првиот пациент со британската мутација на вирусот. Станува збор за 46-годишен маж од Скопје, кој тврдел дека не патувал надвор од земјата. Претпоставките се дека вирусот пристигнал во С. Македонија пред Нова година.
-повеќе на темата: Зошто научниците веруваат дека британскиот сој на коронавирусот е посмртоносен
Според д-р Кунгуловски, морало да има некаков контакт за да се пренесе вирусот. „Дали пациентот знаел за тој контакт или не знаел тоа останува на епидемиолозите да го утврдат, но многу е поимливо дека од некаде се заразил, дали е донесено преку патување во странство, дали при контакти со луѓе кои биле во странство или вирусот циркулирал недела две три претходно тоа не знаеме, бидејќи немаме доволно податоци. Според сознанијата пациентот бил со средна слика, тој е оздравен без никакви проблеми засега, тоа е добар знак, но тоа е еден индивидуален пациент“, вели тој.
И според епидемиологот Драган Даниловски, веројатноста да има и повеќе случаи на британскиот сој е голема. „Прашање е како тој го стекнал вирусот тука кај нас дома“, изјави доктор Даниловски во интервју за Сител.
-повеќе на темата: Коронавирус: Британската мутација е во С. Македонија веќе цел месец
Тој смета дека вирусот најверојатно од многу порано е присутен во земјата. „Огромна штета е дека заразениот со вирусот не дава податоци за контакти, а убаво би било да соопшти и да каже со кого се контактирал пред да се зарази, а тој некој да патувал во странство. Во секој случај знаеме дека мутантот е меѓу нас и треба да се однесуваме буквално како да е цело време тука. Се проценува дека со оглед на брзината на распространувањето тој многу брзо ќе предоминира во однос на стариот. Стекнатиот имунитет што веќе го имаме 45-46% е сепак некаква бариера и штити од овој мутант“, укажува епидемилогот.
Страв од поголема смртност
Лекарите се внимателни во однос на дилемите дали новата мутација би можела да предизвика и поголема смртност кај населението, особено поради фактот што изминативе денови во С. Македонија повторно се искачи бројот на смртни случаи на над десетмина дневно. „Иницијално излегоа податоци дека нема влијание врз смртните исходи, но сега излегуваат податоци за кои треба да се направат и подетални студии, не сакаме да креваме паника, има некои индикатори дека благо е зголемена и смртноста за 30 отсто. Но, за тоа да стане факт треба подетални студии кои ќе бидат рецензирани од експерти за да се излезе со таа информација“, вели д-р Кунгуловски.
-повеќе на темата: Низ С.Македонија „шетаат“ 20 мутации на коронавирусот
Податоците покажуваат оти новите соеви немаат поголемо влијание врз ефикасноста на вакцините, барем на РНК-вакцините. Досега се детектирани илјадници мутации во коронавирусот и најголем дел од нив се неутрални и немаат никаков ефект, некои го ослабуваат некои ги менуваат неговите особености. Лекарите во наредниот период ќе се фокусираат на анализи колкумина од пациентите се носители на британскиот сој, со цел да може да се следи во наредните месеци дали тој станува доминантен меѓу заразените.
Според досегашните информации, вакцините функционираат доволно добро и кон новите соеви на вирусот. „За среќа досегашните испитувања за вакцината покажуваат дека штитат и од британскиот мутант, барем засега. Прво се мислеше дека заразноста не е поголема од 35%, а од 27 јануари проценето е дека заразноста е 50-70% поголема од онаа на оригиналниот ова може да ја влоши епидемиолошката ситуација, дневниот број може рапидно да расте, пропорционално и бројот на починати. Извештајот од Англија минатата недела покажува дека и стапката на смртност кај новиот сој е 30-40% повисока, така што колективниот имунитет се надевам ќе оневозможи поголем скок на бројките кај нас, но едно нешто е вистина, дека со природен имунитет никогаш до крај не се решила ниедна епидемија или пандемија туку само со примена на вакцини, така што вакцини ни се потребни колку што е можно побрзо“, вели епидемиологот Даниловски.
Вирусите брзо се адаптираат
Носењето маски и држењето на дистанца останува клучно, посебно со оваа форма на мутација на вирусот. „Британската мутација на коронавирусот не можеше да се избегне, вели министерот за здравство“, Венко Филипче. Тој, за Канал 5 рече дека оваа мутација има побрза трансмисија за 70 проценти, но нема простор за паника. „Штом е детектирана на едно место мутацијата веројатно дека ја има и на други места. Мутацијата не мора да е секогаш увезена од некои од земјите. Ова е карактеристика на овој тип на РНК вируси многу брзо да се адаптираат. Впрочем тоа што и досега имаме 20 веќе изолирани соја со различна фрекфенција ни укажува на тоа кога има некаква пречка во трансмисијата, а пречка се нашите превентивни мерки – тогаш вирусот се адаптира. И тоа се случува насекаде во светот“, рече Филипче. Тој вели дека нема простор за паника, бидејќи и во моментов во земјава има превентивни мерки кои даваат резултати.
-повеќе на темата: СЗО: Британската корона-мутација досега потврдена во 50 земји
Мутацијата на вирусот за прв пат беше откриена во Велика Британија кон крајот на минатата година, а според последните податоци на СЗО веќе е проширена во 70 други земји. Голем дел од европските земји воведуваат мерки и затвораат граници поради опасноста од овој сој. Филипче смета дека засега не се потребни вакви мерки кај нас.