Коронавирус: Кога епидемијата станува пандемија?
27 февруари 2020Светската здравствена организација (СЗО) се уште не ја означила појавата на болеста, која започна во Кина кон крајот на минатата година, како пандемија. Сепак таа предупреди дека треба да се подготвуваме за такво нешто.
СЗО ја дефинира пандемијата како ситуација во која „целото светско население може да биде изложено на инфекцијата и потенцијално, дел од луѓето да се разболат“, вели нејзиниот директор за итни ситуации Мајкл Рајан.
Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус вели дека земјите треба да сторат се што можат „за да се подготват за потенцијална пандемија“.„Во моментов не сведочиме на неконтролирано глобално ширење на вирусот и не сведочиме на голем број на жртви“, вели Тедрос.
Иако бројката на нови случаи во Кина опаѓа последниве недели, бројот на заразени се зголемува во други земји. Меѓу нив се Јужна Кореја, каде 1.100 луѓе се заразени, и Италија- со 300 потврдени случаи.
„Она што го гледаме се епидемии во различни делови на светот, кои што влијаат врз земјите на различни начини и бараат специфичен одговор“, изјави Тедрос.
СЗО досега не ја ажурираше својата дефиниција на појавата од 30 јануари кога ја класифицираше како „здравствена вонредна состојба од меѓународен интерес“.
Според стариот систем на предупредување, кој имаше 6 нивоа на алармирање, СЗО веќе можеше да почне да го нарекува коронавирусот „пандемија“, збор кој потекнува од античкиот грчки "pan demos" или сите луѓе.
Според Барат Панканиа од Универзитетот во Егзетер, Англија, коронавирусот е веќе пандемија во се освен во името.
„Прашање на време е кога СЗО ќе почне да го користи терминот во комуникацијата“, вели Панканиа.
Тедрос веќе посочи дека зборот пандемија во моментов не одговара на фактите, но во секој случај ќе предизвика страв. „Сега не е време за фокусирање на тоа кој збор ќе го користиме“, вели шефот на СЗО. Тедрос додава дека дури и да се прогласи пандемија, самиот збор „нема да спречи ниту една инфекција денес, ниту ќе спаси нечиј живот утре“.