Мрачен светски рекорд на Индија
22 април 2021Ниту една земја во светот досега не регистрирала толкав број на новозаразени од коронавирусот за 24 часа. Индија во последните 24 часа пријави 314.835 нови случаи на заразени со коронавирусот, најмногу во еден ден во една земја од избивањето на пандемијата, соопштија здравствените власти. Предходно, рекорден број на новозаразени во еден ден беше забележан во САД во јануари. Тогаш во земјата беа пријавени 297.430 нови случаи на Ковид-19.
Инаку ова е седми ден по ред како во Индија се преминува границата од 200.000 новозаразени и ситуацијата станува сѐ подраматична. Болниците ширум северна и западна Индија, вклучувајќи го и главниот град Њу Делхи, издадоа предупредување дека имаат само уште неколку часа залихи на медицински кислород кој се користи за лечење на пациентите заболени од Ковид-19. Повеќе од две третини во болиците нема слободни кревети, според онлајн базата на податоци на владата во Њу Делхи. Лекарите ги советуваа пациентите да останат дома.
Досега во Индија, земја со над 1,3 милијарда население, има вкупно 15,93 милиони случаи на зараза со коронавирусот, додека во последните 24 часа починаа 2.104 лица, а од почетокот на пандемијата 184.657 лица, покажуваат податоците на министерството за здравство.
Повеќе:
-Еден од најголемите светски сламови успешно се бори против короната
-Студија: Секој четврти жител на Њу Делхи имал Ковид-19
-Со речиси 700.000 случаи, Индија - трета најпогодена земја од коронавирусот
Индија според бројот на починати од Ковид-19 во однос на бројот на жители, според податоците на страницата Ворлдметар, е на 120 место во светот. Во земјата починале 133 лица на еден милион население, што е значително помалку отколку во сите членки на ЕУ. Во поголемиот број земји на ЕУ од коронавирусот починале над 1.000 лица на еден милион население.
Индија го започна процесот на вакцинирање, но вакцината ја примија споредбено малку Индијци. Во земјата досега се вакцинирани 130 милиони луѓе.
Здравствените стручњаци велат дека Индија попуштила кога изледало дека вирусот е под надзор за време на зимата, кога имаше нови дневни новозаразени случаи околу 10.000, и ги укина ограничувањата за да овозможи големи собири.
Владата на премиерот Нарендра Моди е критикувана поради одржување на преполни политички собири за локалните избори и поради овозможување на верскиот фестивал на кој се собраа милиони луѓе. Денеска, пак, се одржуваат избори за парламентот во државата Западен Бенгал, а Моди држеше собири за време на предизборната кампања.