1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Оптимистички сценарија: Се гледа крај на пандемијата

БГ /АП
1 март 2021

Што доколку Ковид-19 никогаш не си замине? Експертите велат дека е веројатно оти некои видови на болеста ќе останат со години. Но како ќе изгледаат во иднина е помалку јасно.

https://p.dw.com/p/3q4NT
Symbolbild I Verlängerung des Lockdowns in Deutschland
Фотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Дали коронавирусот на крајот ќе биде елиминиран преку кампања за глобална вакцинација, како сипаниците? Дали вакцините ќе бидат ефикасни против новите, опасни мутации? Или вирусот ќе остане со нас уште долго, но трансформиран во лесна непријатност, како вообичаената настинка?

На крајот, вирусот САРС-КоВ-2 ќе стане уште еден од многуте слични заразни болести со кои човештвото научи да живее, прогнозира д-р Џејкоб Џон кој ги студира вирусите и беше на чело на напорите во Индија за искоренување на полио и ХИВ/СИДА.
Но, никој не е сигурен. Вирусот брзо се менува, а нови варијанти се појавуваат на различни страни на светот. Колку повеќе се шири вирусот, велат експертите, толку е поверојатно дека некоја нова варијанта ќе може да ги заобиколи актуелните тестови, третмани и вакцини.

Во моментов, научниците се согласни околу главниот приоритет: Да се вакцинираат што повеќе луѓе што побрзо.

Од тешко заболување во лесна настинка
Доколку луѓето мораат да научат да живеат со Ковид-19, природата на таа коегзистенција зависи не само од тоа колку долго ќе трае имунитетот, туку и од еволуцијата на вирусот. Дали значително ќе мутира секоја година, отворајќи потреба од годишни вакцини, како грипот? Или ќе се појавува на неколку години?
Ова прашање го истражуваше Џени Лавин, виролог на Универзитетот Емори, која е ко-автор на студија за магазинот Наука во која се проектира релативно оптимистично сценарио:
„Откако повеќето луѓе ќе бидат изложени на вирусот, преку вакцинација или преку инфекција, патогенот „ќе продолжи да циркулира, но ќе предизвикува само лесна болест“, како рутинска настинка.

Додека имунитетот кој се здобива од другите коронавируси- како оние кои ја предизвикуваат обичната настинка или САРС и МЕРС- со текот на времето се намалува, симптомите при повторно заразување се полесни од првата болест, вели Отар Бјорнстад, ко-автор на трудот во Наука, кој ги истражува вирусите на Државниот Универзитет во Пенсилванија, САД.
„Возрасните не развиваат тешки симптоми доколку веќе биле изложени“, вели тој.
Прогнозата во магазинот Наука е заснована на анализа на тоа како другите коронавируси се однесувале во текот на времето и претпоставува дека Ковид-19 ќе продолжи да се менува, но не брзо или радикално.

Пандемијата на „шпанскиот грип“ од 1918 година нуди показатели за насоката во која би можел да се движи и Ковид-19. Тој патоген беше Х1Н1 вирус со гени кои потекнуваа од птици, а не коронавирус. Во тоа време, немаше вакцини. Проценките се дека се заразила една третина од светското население. На крајот, кога заразените луѓе починале или развиле имунитет, вирусот престанал да се шири толку брзо. Подоцна мутирал во помалку вирулентни форми, за кои експертите велат дека продолжуваат да циркулираат секоја сезона.

Назад во „нормален живот“

Оптимистички прогнози за текот на пандемијата деновиве стигнаа и од ко-основачот на Бионтек- германската компанија која работи на развојот на вакцината Фајзер/Бионтек- Угур Шахин. Во интервју за магазинот Шпигел, Шахин прогнозира дека вирусот ќе започне да ја губи силата до мај или јуни годинава, доколку се забрза вакцинацијата.
Од средината на март најпрво треба да опадне смртноста по првичното вакцинирање на најстариот дел од населението, вели тој. До крајот на летото, пандемијата треба да биде под контрола, доколку доволен број луѓе одлучат да се вакцинираат. Тоа не значи дека нема да има повеќе новозаразени, но одново „ќе можеме да водиме нормален живот“, вели Шахин.

BioNTech-Gründer Ugur Sahin
Угур Шахин, ко-основач на БионтекФотографија: Florian Gaertner/photothek/imago images

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема