1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Турбуленции во турската влада

СН/агенции
13 април 2020

Турскиот министер за внатрешни работи и покрај поднесената оставка, останува на функцијата. Сулејман Сојлу поднесе оставка поради критиките за наглото воведување на полициски час, кое предизвика хаос во земјата.

https://p.dw.com/p/3aotr
Türkei Innenminister Süleyman Soylu
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Bolat

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ја отфлри оставката на министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, кој сакаше да преземе одговорност поради негативните последици од ненадејната објава за воведување на дводневен полициски час поради сузбивање на коронавирусот.

„Оставката на нашиот министер за внатрешни работи не е прифатена. Тој ќе продолжи да ја извршува оваа функција“, соопшти кабинетот на Ердоган, пренесува новинската агенција Франс прес.

Türkei Geschäfte Ausgangssperre Panikkäufe
Фотографија: Getty Images/Y. Akgul

Сојлу синоќа поднесе оставка откако се најде на удар од остри критики поради тоа што во петокот вечер објави дека во 31 град се воведува 48 часовен политички час за време на викендот, два часа пред стапувањето во сила на оваа мерка.

Повеќе:

-Коронавирус: Дали Турција ќе стане нова Италија?

-Коронавирус: новите симптоми и четирите фази на заболување

-Коронавирус: Лажно чувство на безбедност со ракавици за една употреба

Тоа доведе до паника меѓу граѓаните кои масовно се упатија во продавниците. Во набавка тргнаа илјадници луѓе во овие градови, меѓу кои и Истанбул и Анкара, а многумина од нив ги игнорираа правилата за физичко дистанцирање и не носеа заштитни маски кои се задолжителни.

„Одговорноста за спроведување на одлуката за полициски час за време на викендот, чија цел беше сузбивање на епидемијата, исклучиво е моја“, напиша на Твитер Сојлу, еден од највисоките претставници во владата на претседателот Ердоган.

Сојлу (50) за министер е поставен во август 2016 година, а во владеачката Партија на правда и развој премина во 2012 година од Демократската партија. Оттогаш, како што наведува новинската агенција Асошиејтед прес, толку многу напредувал што некои го гледаат како потенцијален наследник на Ердоган и како ривал на министерот за финансии Берат Албајрак, зет на турскиот претседател.

Воведувањето на полицискиот час за време на викендот во Турција изненади многумина, бидејќи земјата претходно имаше поопуштен пристап во борба против коронавирусот во однос на нејзините соседи во Европа и на Блискиот исток.Пред воведувањето на полицискиот час за сите, движењето беше забрането за младите од 20 години и за постари од 65. Во Турција се потврдени речиси 57.000 случаи со коронавирус, а починаа 1.198.