Коронакриза: Европејците ги ставаат парите „под перница“
13 октомври 2020Европејците не биле толку скржави со децении колку што се во последните неколку месеци. Стотици милијарди евра се тргаат на страна во кеш или во банкарски депозити поради растечката несигурност предизвиката од пандемијата на Ковид-19.
Штедната стапка на домаќинствата- процент од приходите кои домаќинствата ги чуваат како заштеда наместо да ги потрошат- во еврозоната се очекува да достигне 22% во третиот квартал, според проценките на Дојче Банк. Тоа е малку пониска вредност од историски највисоката од 24,6% која беше забележана во претходниот квартал кога беа воведени широки ограничувања поради пандемијата кои ги спречија луѓето да трошат повеќе.
Банкарските депозити продолжуваат да се движат на зголемено ниво откако го достигнаа врвот во март и април. Во вториот квартал, банкарските депозити се зголемија за 104 милијарди евра во однос на просекот од претходните пет години. Во третиот квартал се очекува да достигнат 40 милијарди евра плус, според Дојче Банк.
Европските потрошувачи беа ’рбетот на економскиот раст со години, обезбедувајќи повеќе од половината од растот. Дури и во периоди на економски падови, потрошувачките навики не се менуваа. Приватната потрошувачка падна за само 2% во екот на должничката криза во 2008.
Потреба од стимулација
Штедливоста на потрошувачите и го оневозможува виталниот стимуланс на европската економија кој и е потребен за надминување на очекуваната најтешка рецесија од Втората светска војна. Но потрошувачите не се подготвени да трошат екстра пари кои беа акумулирани за време на карантинот затоа што шансите за вработување остануваат слаби, а вирусот и натаму предизвикува хаос.
„Доколку потрошувачката на домаќинствата колабира затоа што луѓето одлучиле да си ги штедат парите, тогаш тоа ќе има влијание врз многу работни места, и врз растот на економијата“, вели Ендрју Кенингам, главен економист на Капитал Економикс за ДВ.
Европската централна банка се обидува да ја надокнади неподготвеноста на потрошувачите да трошат со ултра-лабава монетарна политика. Дополнително бара од владите да ги одвртат славините на протокот на пари.
Иако аналитичарите не очекуваат дека стапката на штедење ќе се врати на високото ниво од почетокот на пандемијата, сепак стравуваат дека „наметнатите“ заштеди ќе бидат заменети со штедење од претпазливост затоа што луѓето ќе тргаат пари на страна за тешки времиња доколку продолжи несигурноста.
Европската комисија очекува стапката на заштеди во еврозоната да остане на 19% годинава, а да падне на 14% во 2021. Стапката беше 13% во 2019.