Короната и анти-ваксерите
15 април 2020Два милиони случаи на коронавирус во светот, над 125 илјади починати од Ковид-19. Светот е во паника. Светската економија е пред колапс. Воведен е полициски час. Луѓето повеќе не се ракуваат. Стојат на физичка дистанца еден од друг од најмалку 2 метра. Многу луѓе ги изгубија своите работни места. Многу ретко се гледаме со родителите кои како ризична група се во изолација. Се отуѓивме. Ни се смени животот. Светот е парализиран, границите затворени. Луѓето се шетаат со маски на лицето и со ракавици на рацете. Ако некој се накашла или кивне станува закана број еден. Царува стравот. Страв за сопственото здравје и здравјето на нашите најмили. Секој од нас знае дека ништо од ова немаше да се случи ако имаше вакцина. Да, да имаше пронајдено и одобрено вакцина против Ковид-19 денес немаше да ги живееме овие морничави моменти и да гледаме како светот што го знаеме и сакаме се распаѓа. Ех, да имаше вакцина се ќе беше поинаку.
Имунизацијата, односно вакцинацијата секоја година во светот спасува околу 3 милиони животи. Според Светската здравствена организација (СЗО) оваа бројка може да биде подобрена за дополнителни 1,5 милиони луѓе годишно доколку се подобри имунизацијата/вакцинацијата. Во 2019 година СЗО како една од десетте закани за глобалното здравје ја нотираше токму вакциналната хезитенција. Вакциналната хезитенција, позната денес и како анти-вакцинално движење или анти-ваксери, постои многу одамна уште од самата појава на вакцините. Се смета дека постоела уште кога почнува вакцинација од големи сипаници. Анти- вакциналното движење уште одамна се базира на митови, теории на заговор, а на почетокот и на религиозни предрасуди. Последната заблуда која почна широко да се распространува е дека вакцинацијата предизвикува аутизам. Ова тврдење или овој страв, како сакате, е многу длабоко научно истражен, па научниците информираа дека вакцинацијата не предизвикува аутизам, ниту дека има било каква поврзаност помеѓу аутизмот и вакцинирањето ниту пак дека вакцините содржат некои состојки кои предизвикуваат аутизам. Недовербата во светските елити и тенденцијата или склоноста кон конспирации придонесува голем број луѓе и покрај ваквите научно базирани докази се уште да имаат силно сомневање и отпор кон вакцинацијата.
Претходни колумни:
Секогаш сум се стремел да го намалам влијанието на анти-ваксерите во нашето општество. Се трудев да објаснам дека овие анти-вакцинални движења штетат на јавното здравје и покрај тоа што нашата држава одлично е рангирана во светски рамки (како и повеќето земји од поранешниот комунистички блок) по процентот на вакцинираност на населението. Кај нас намерно или не, се креираа доста митови дека вакцините кои се набавуваат не се квалитетни, дека предизвикуваат болести/аутизам итн. иако сите вакцини кои кај нас се набавуваа и сеуште се набавуваат се вакцини од производители кои се одобрени од СЗО. Ги воведовме и поливалентните вакцини, што придонесе да се намали бројот на „боцкања“ односно на примање на вакцина со што сериозно се подигна квалитетот на имунизацијата и дополнително ги намаливме компликациите односно несаканите ефекти. За жал ниту тоа не беше доволно да се сузбие оваа хистерија која почна да се креира против вакцините, па како резултат на овие заблуди многу деца беа осудени да не примат вакцина и да не бидат имунизирани како резултат на погрешна одлука на нивните родители или на еден од нив.
Вариола вера како поука
Би сакал накратко да наведам неколку важни факти поврзани со потребата од вакцинација. Пред да биде ерадицирана односно искоренета, Вариола вера (големи сипаници) била една од најсмртоносните болести во светот и до почетокот на 20 век убивала едно од седум деца во Европа. Постарите добро се сеќаваат на појавата на Вариола вера во 1972 година во Југославија и паниката која тогаш настанала. Искоренувањето е резултат на масовна вакцинација. Во Македонија последниот случај на заболен од детска парализа е во 1987 година и оттогаш не е регистриран случај на новозаболен. Благодарение на високиот опфат со имунизација, нашата држава, заедно со останатите европски земји во 2002 година има добиено сертификат како држава ослободена од парализа. Од овие причини слободно и сигурно можам да заклучам дека со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита на населението од заразни болести постигнати се најдобрите резултати во историјата на медицината. Бројни заразни болести се искоренети во светски рамки, голем број од нив се елиминирани, а голем број на заразни болести се ставени под контрола. Ова по мене е еден од најголемите подвизи на човештвото.
Зошто ова сега го пишувам? Катастрофата која на светот му се случува како резултат на коронавирусот е проследена и со огромна надеж дека многу брзо ќе се пронајде и одобри вакцина против овој вирус со цел да се помогне на човештвото. Научниците во американските компании и универзитети успеаја да го скратат вообичаеното време за истражувања од повеќе месеци или години на неколку недели, па сведоци сме дека некои од нив веќе почнаа да тестираат вакцина за Ковид-19 на луѓе. За тоа се потребни многу ресурси, знаење, но и време. Секој од нас се моли ова да се случи што е можно побрзо и да заврши веќе еднаш оваа агонија. И никогаш да не се повтори како резултат на одговорот што големиот човечки ум ќе го подготви. Да, сите сакаме да има вакцина против корона!
Затоа и ова го пишувам. За сите ние да извлечеме поука и да ја спречиме или сериозно маргинализираме анти-вакциналната хистерија која се заканува(ше) сериозно да го наруши глобалното здравје, а со тоа и светот кој го познаваме. Да не изгубиме верба во човековиот ум и во науката. Да не дозволиме рационалниот ум да биде поматен од некој мит или од некое или нечие незнаење или погрешно поврзување на некои факти. Вакцините не се штетни, вакцините спасуваат животи и вакцините спречуваат да ни се случува ова што денес го живееме.
Да го следиме оној што знае
Дозволете ми на крај на оваа колумна која, како човек што долги години управувал со здравствениот систем на државава, морав и сакав да ја напишам, да кажам и неколку збора за тоа што сметам дека треба да ни биде пример во борбата со Ковид-19. Германија. Германија има скоро 84 милиони жители и има нешто помалку заразени со коронавирусот од Франција која има 65 милиони жители. Истовремено Германија има 42 починати на 1 милион жители, а Франција има 241 починати на 1 милион жители. Германија има и три пати повеќе тестирања од Франција, но истовремено Германија има помалку тестирања на 1 милион жители од Италија која пак има 9 пати поголем број на смртни случаи на 1 милион жители од Германија. Се чини со право еден мој пријател и долгогодишен соработник напиша дека Германија држи лекција по медицина на Европа. Личи како Германците да знаат и умеат нешто што останатите не знаат или не умеат.
Дедо ми, додека ми помагаше во спремањето на испитите на правниот факултет, знаеше да употреби една мисла од големиот кинески мислител, филозоф и социјален реформатор Конфучие, кој рекол:
Кој не знае, а не знае дека не знае, опасен е, избегнувај го!
Кој не знае, а знае дека не знае, дете е, научи го!
Кој знае, а не знае дека знае-спие, разбуди го!
Кој знае и знае дека знае-мудар е, следи го.
Германија во борбата со корона вирусот покажа дека знае и знае дека знае. Затоа, предлагам да ја следиме. Да испратиме во Германија пет професори од медицинскиот факултет и/или доктори специјалисти кои добро знаат германски или да овозможиме теле-конференциско поврзување доколку е тешко логистички да се изведе нивен престој таму. Интензивно, неколку денови, да комуницираат со нивните колеги во германските болници со кои веќе долги години нашето министерство за здравство има воспоставено одлична соработка, па тоа што германските доктори го знаат и знаат дека го знаат и што гледаме дека дава најдобар ефект, да го примениме потоа и кај нас. Имаме ние искусни и квалитетни доктори кои досега одлично се справуваат со оваа катастрофа, па затоа сметам дека нема да им биде проблем ова знаење и искуство кои германските доктори го стекнале во борбата со Ковид-19 брзо да го воведат и кај нас. Зошто кој знае и знае дека знае-мудар е, следи го!