1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупциски скандал во Грција, уапсен и Кондоминас

ЖА/дпа10 јануари 2014

Грчките правосудни органи откриле нов случај на перење пари и проневера. Во документ на Јавното обвинителство објавен денеска во медиумите е опишано како Поштенска банка доделила 400 милиони евра кредити на „сини очи“.

https://p.dw.com/p/1Aoe7
Фотографија: AFP/Getty Images

Како што објавуваат денеска грчки медиуми, Јавното обвинителство во јавноста излегло со документ во кој детално се опишува како грчката Постбанк (ТТ) во периодот меѓу 2007. и 2012. година загубила над 400 милиони евра преку „гнили“ кредити. Издаден е налог за апсење против повеќемина претприемачи и банкари. Меѓу нив, според овие информации се наоѓа и Димитриос Кондоминас, еден од најпознатите бизнисмени и сопственик на едно од трите најголеми радио и телевизиски станици на Грција, Алфа, како и на еден од најголемите кино-синџири во земјата.

Кондоминас е добро познат и во Македонија. Неговото име циркулира во повеќе бизнис проекти, дел контроверзни. Македонските медиуми јавуваа дека Кондоминас е сопственик на голем плац на централниот плоштад во Скопје каде треба да гради хотел, а некои негови фирми имаат удел и во Македонски телеком. Контоминас, според „Транспарентност Македонија“ поседува и земјиште од околу 22 илјади метри квадратни и во близина на хотелот Александар Палас во Скопје.

Поштенска банка давала кредити на различни фирми без добивање доволни гаранции. Според Јавното обвинителство, еден од членовите на управата на бнаката, Ангелос Филипидис, за тоа примал мито. Филипидис денеска ги отфрли обвинувањата во телевизиски настап.

Кондоминас моментно се наоѓа на лекување во приватна клиника во Атина. Пред неговата болничка соба се наоѓа полиција, како што потврдил за агенцијата ДПА еден од лекарите во приватната болница. Инаку, и тој ги негира обвинувањата.