Некаде до седумдесетите години на минатиот век, највлијателните белци во Африка не биле ниту амбасадорите, ниту колонијалните гувернери и нивните парамилитарци. Најмоќните белци биле дописниците на западните и источните новински агенции кои со една куса вест за откритие на некаков ресурс можеле да предизвикаат лавина настани и воедно прикријат дузина масакри. Од почетокот на осумдесетите, таа моќ на медиумите еволуира во анегдотата дека „ако не е јавено од ЦНН, не се ни случило”. Појавата на социјалните мрежи вроди со нова реалност на мултиуниверзуми и еко-комори во кои акцентот е повеќе врз игнорирање отколку на известување.
Со месеци, ако не и години, таа моќ на извртени реалности се одвива пред нашите очи низ примерот со спорот на Бугарија со Македонија и посредно со Албанија.
Ја знаеме сета нарација околу барањата на Бугарија, оправданиот гнев на Македонците, незадоволството на Албанија, справедливоста на Европа, конструктивноста на Америка, пресметките на Русија, сеирите на Грција и Турција. Она што помалку е јасно и уште помалку присутно во јавноста и најмалку дебатирано е дека во реалноста овој спор – секако мачен и бесполезен – е далеку помалку драматичен во споредба со огромните спорови фрлени под маса – Босна и Косово. А сепак, тежината на тие спорови не може да биде целосно и сеопфтано разбрано доколку прво не ја согледаме папочната врска и каузална природа на ставовите на Бугарија.
Поуките од Атина
Телеграфски сумирано, денешниот непопустлив став на Бугарија немаше да биде така тврдоглав доколку претходно Софија не извлечеше поука од ставот на Атина кон Македонија. Но уште повеќе, ставот на Бугарија се генерира од прифатливоста на ЕУ и САД демонстрирана кон Србија и нејзиниот однос кон Босна, Косово и Црна Гора. За Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон и пред се Париз е сосема normal, normalement, naturlich со децении да го прифаќаат садистичкото мрцварење на ‘троа малку душа' останатa кај преживеаните на геноцидот извршен од страна на Белград преку изведувачите на работите од геноцидната творба тнр. Република Српска. Да се укажува на анти-историската, атавистичка политика на Софија кон Македонците денес, а притоа се премолчува нормализацијата на фашизмот демонстриран врз Босанците е срам од кој Западот треба повеќе да црвенее отколку Бугарија. Но тоа е последицата на колонијалниот однос во кој на Харис Силајџиќ и Мило Ѓукановиќ им се памти сѐ и воедно на Мирослав Додик му се простува сѐ.
Да се става денес Софија и Бугарија на столбот на срамот заради тормозењето на Македонија и Албанија е прерогатив на засегнатите и воедно е апсурдно лицемерие на Западот кој сопствената црвлива морална хоризонтала напати и напати ја докажува преку нормализирање на ставот на Мадрид, Братислава, Атина, Мадрид, Никозија кон Косово околу - внимавајте – не прифаќањето на некакви преговори, туку за одбивањето на елементарното право на постоење! Да не се лажеме веќе, да не се вадиме на провидните аргументи за „преседан по внатрешните политики”.
Повеќе од авторот: Отворен Балкан и разногласието во Вашингтон
Вистината е далеку поболна и затоа непопуларна за дебатирање: причината е длабоко всадената албанофобија и исламофобија на наведените центри. Факт кој наведените земји се обидуваат да го прикријат преку (привремено) акомодирање на Албанија и Албанците на Ахмети до часот на посакуваното ништење на прашањето Косово. За потоа да продолжи и кон останатите Албанци во регионот. Зошто, тогаш, толкава вика и повика, сатанизација и демонизација на Софија и нејзините претпоставени задни намери, но толкав молк за отворениот државно спонзориран и европејски јавно нескриен расизам на Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка кон Албанците? Која тоа Русија и Кина и Турција и Арабија и Патагонија ќе биде обвинета од Брисел и Вашингтон за овој акреп на омразата кој се чува, култивира и храни во пазувите на самата западна демократија? Зошто секој став на Бугарија се интерпретира како „руска операција”, а притоа никој не сака да ги препознае евидентните и очебијни руски врски во саботирањето и подривањето на кревката косовска држава од овие земји членки на НАТО и ЕУ? Наместо одговор, констатација дека токму таквиот однос е потврда дека Западот не се отргнал предалеку од колонијалната логика во подржување албански Чомбе лидери (Рама, Ахмети, Абазовиќ) и неприфакање на косовски Патрис Лумумба реформисти.
Поранешниот грузиски претседател Сакашвили му порачуваше на Груевски „камо среќа да Грузија ги има проблемите на Македонија”. Денес таа порака до Македонија се упатува од Сараево и Приштина, најголемите западни жртви на режим-белградскиот крвав пир во регионот. Но во очите и ушите на Брисел и на Вашингтон, укажувањето на овој факт е скандалозен, неприфатлив. Не придонесувал кон разбирањето во регионот. Кон помирувањето. Кон соработката. Кон безграничното продавање френки и чушки и марихуана. Така на тоа се гледа од птичја дипломатска перспектива. Но доле на теренот, таа западна визура не придонесува кон смирување на состојбите поради фактот што денес најприсните конфиданти на западните мерачи на вредностите се, замислете, Александар Вучиќ и Еди Рама. Кои за десет години тиранисување врз Србија и Албанија не успеаја да го направат пола од тоа што Босанците го сторија по геноцидот а Косово за десет години независност. Но, наместо да бидат уважени и чувани како единица мерка на реформство, Албин Курти и Вјоса Османи се сметаат од страна на Западот како кочничари на промените. На границите на Косово. За спас на организираниот, прекуграничен, апла-балкан криминал на Вучиќ, Рама, Али Ахмети и декорите им Ковачевски и Пендаровски.
Повеќе од авторот: Скопје и Софија пред црвена линија
Политиката на ЕУ и на САД кон Босна и Косово е поголем адут во рацете на Русија отколку сомнабулизмите на Дугин или политиките на Бугарија кон Македонија и кон Албанија. Западот е тој што со одбивање на членство за Босна и Косово во НАТО и ЕУ ги држи спремни на ражен, на тацна понудени за руски пазари во регионот. Не е тоа Бугарија, земјата која не го спореше членството на Македонија и на Албанија во НАТО. Туку Брисел и Вашингтон и нивните асасини на Косово од Белград, Тирана, Мала Речица се слабата точка и адут во рацете на Русија, далеку повеќе од денешна Софија – под Петков или Радев, сеедно. Но, тоа не е тема на дебата и повод за протести од САД и во ЕУ. Зошто? Бидејќи таа реалност е толку очевидна што не може веќе да се прикрие со расплод на Специјални Емисари, глупави Конференции и папагализирање на „ние подржуваме реформи во Босна и Косово”. А притоа ниту ЕУ ниту САД не сакаат да го реформираат сопствениот атавизиран, анахрон, деструктивен и цинично саботирачки пристап кон Босна и кон Косово.
На сите, а на Македонците особено, со право може да не им се допаѓа политиката на Бугарија кон Македонија. Но, таа не е ништо друго освен логична консеквенца на настаните и поведенијата кои Бугарија ги има увидено и констатирано преку следењето на политиките на Америка и на Европа кон Србија во однос на Босна или на Црна гора, на негирањето на Шпанија, Словачка, Романија, Грција, Кипар кон Косово особено и Албанците генерално. Поедноставено, Бугарија единствено се репозиционира за очекуваните геостратешки драми аранжирани од сопствените партнери во ЕУ и во НАТО. Во име на одбрана од Русија. Наше право е да и замеруваме на Софија. Но, кога би можеле, дали ние би постапиле поинаку? Дотолку повеќе што наместо ние да учиме од ЕУ, сетики ЕУ и САД почнаа да се однесуваат во манирот на нашите политичари. Манир на штанцање закони кои не се почитуваат, правење стратегии кои не се спроведуваат, предимензионирање на мали и минимизирање на реални проблеми.
Повеќе од авторот: Двоење на дуетот: Заедно немоќни, одвоено неспособни
Босна и Косово денес наликуваат на мали дечиња од регионот, соголени до кожа и држени врзани со јаже околу врат за да ги привлечат волците од шумата. На сите им е јасна таа свесна брутална употреба на овие две земји. Нивната употребна вредност е јасна како за подржувачите и опонентите, домашните населенија, регионот, западните актери и источните закани. Измислувањето на причини за нивно држење надвор од НАТО или без признавање е само шарада за еднодневни медиумски наслови за чистење на совести на разни специјални емисар(к)и и расистички оптеретени национални администрации. Но, ете за крај, да не го расипеме славеничкиот штимунг. Да завршиме со честитки до Украина за кандидатскиот статус за прием во ЕУ. Кој, нека бидат убедени, на крај ќе биде условен од Русија. Како земја членка на ЕУ.