Коцарев: Јазикот е нашето битисување
11 мај 2020Поимите битие и Битие (не е грешка, првиот се пишува со мала, вториот со голема буква) одиграа клучна улога во 20 век. За тоа треба да му благодариме на Хајдегер. Но, да почнеме со ред. За Аристотел, онтологијата – науката која се занимава со проблемот на постоење, суштествување, е "првата филозофија”, првиот и најзначаен дел на метафизиката. Тргнувајќи од прашањето за значењето на зборот „да се биде“, филозофите и мислителите изградија онтолошки систем, кој што служи како основа, во повеќе од 2000 години, на метафизичката мисла.
Низ вековите, филозофите се обидуваа да го толкуваат, подобрат или оспорат овој пристап во метафизиката. Потпирајќи се на редица мислители (Аристотел, Декарт, Ниче, Кјеркегор, Хусерл), Хајдегер ја истражува фундаменталната перцепција на поимот битие. Според него постојат два термини битие и Битие. Во книгата Битие и Време (на германски јазик Sein und Zeit, на англиски јазик Being and Time), тој зборува за онтолошката разлика помеѓу битието и Битието. Хајдегер истакнува дека прашањата за Битието, се квалитативно различни од другите ентитети што постојат и не опкружуваат (на пример, карпите, океаните, дрвјата, животните). Тој измисли посебен збор за ова Битие што прашува, бара и се грижи. Тоа е зборот битисување (на германски Dasein), и се однесува на суштества кои можат да го постават прашањето за природата на Битието, што ги прави различни од што било друго во светот. Според него, битисување е начин на живот што го делат членовите на една заедница, слично на јазикот кој што претставува заедничка форма на комуникација.
Делото на Хајдегер, несомнено еден од најголемите мислители на 20 век, е критички анализирано до денешни дни. Неговите дела се сложени и читателот, многу често, е вџашен од „мачниот интензитет на (неговата) проза“. Многумина се допрени од неговата мисла, вклучувајќи го италијанскиот филозофот Џорџо Агамбен, еден од најзначајните живи философи денес.
За пандемија и односот меѓу животот и смртта
За пандемијата што ни се случува денес се пишува многу. Филозофот Агамбен вели: „Размислувам за леснотијата со која целото општество го прифати чувството на сопствената заразеност од чумата, затворањето во своите домови, укинувањето на вообичаениот начин на живот, отфрлањето на релациите на пријателство, љубов, работа, дури и верските и политички убедувања.” Така, пандемијата отвори две теми, нашиот однос спрема соочувањето со биолошката смрт и соочувањето со духовната смрт. Зар стравот од смртта, ќе не натера да ги отфрлиме, како што вели Агамбен, пријателството, љубовта, работата, убедувањата. Одговорот не е едноставен, па така и граѓанската и верската власт се должни да постапува мудро и за општо добро. Францускиот филозоф Жан-Лук Нанси, инаку добар пријател на Агамбен, во одговор на неговите размислувања, пишува: „Ние мора да бидеме внимателни да не ја погодиме погрешната цел: во прашање е вкупната цивилизација, нема сомнеж за тоа. ”
Односот помеѓу свесноста за смртта и водењето исполнет живот е една од централните теми на Хајдегер. Според Хајдегер, свесноста за нашета неизбежна смрт, нè тера, за разлика од другите битија, да го направиме нашиот живот исполнет, да му припишеме значење и вредност. Слично, за повеќето источни филозофски традиции, важноста на свеста за смртта е главен предуслов за исполнет живот. Последните зборови на еден од најголемите филозофи на Истокот, Сидарта Гаутама, познат и како Буда, според Томас Вилијам Рис Дејвис, еден од првите преведувачи на раните будистички текстови, се (во мој слободен превод): "Распаѓањето е својствено за сите нешта направени од делови! Изработите го вашето спасение со внимателност и трудољубивост”.
За македонскиот јазик и „јазикот е нашата татковина“
Во една прекрасна книга со наслов Неподносливата леснотија на постоењето (на чешки Nesnesitelna lehkost bytí, на англиски The Unbearable Lightness of Being), Кундера зборува, преку анализа на спротивностите меѓу леснотијата и тежината, за човековото постоење, т.е. испитува „што е човечкиот живот во стапицата во која се претворил светот“. Загрижен сум за леснотијата со која, во некои случаи, не секогаш, се пристапува во толкувањето на рамковната позиција на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија. Еве два цитати (преводи на дел од документот објавен на веб страната на Владата на Република Бугарија).
Дел од текстот за Македонија: "Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ / изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. „македонски јазик“, одвоен од бугарскиот”.
Дел од текстот за Албанија: "Очекуваме усвојување на подзаконски акти за спроведување на законот за малцинства, очекувајќи максимално да бидат загарантирани правата на бугарското национално малцинство, вклучително и изучувањето, без административни бариери, на литературниот бугарски како мајчин јазик во региони традиционално населени од нив, како што е Голо Бардо, Гора, Преспа, Корча, Кукуш, Елбасан, но и секаде на друго место во Албанија каде што живеат во моментов”.
Ваквите тврдења не ја одразуваат вистина. Зар да ги заборавиме Ѓорѓија Пулевски (автор на книгите „Речник од три јазика“ од 1875 година и „Словенско-населенска македонска слогница речовска“ од 1880 година), Коста Групче и Наум Евро (автори на „Македонскиот буквар“ од 1888), Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Ватрослав Облак (автор на книгата „Macedonische Studien” (Македонски студии) издадена во 1896 година во Виена), Самуил Борисович Бернштејн (автор на “Македонский язык“ од 1938 година), и редица други дејци, просветители, и обични луѓе. Според Облак, македонскиот јазик кој се говорел на просторите на Македонија на кои живееле македонските Словени, посебно во солунскиот регион, е токму тој јазик којшто преку кирило-методиевските преводи на Светите книги, ги внел Словените во христијанскиот свет. Потполно се слагам со тврдењата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ дека за "македонските особености на одделни црковнословенски ракописи се укажува одамна, на пр. во студиите за Добромировото евангелие (Jagić 1898), Болоњскиот псалтир (Щeпкин 1906), Охридскиот апостол (Кульбакин 1907)”. Уште повеќе, во МАНУ и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, издадени се повеќе ракописи во коишто се потврдува македонското потекло на повеќе документи: Струмички апостол, Григоровичев паримејник, Вранешнички апостол, Радомирово евангелие, Радомиров псалтир, Загрепски триод, Орбелски триод, Македонско четвороевангелие, Карпинско евангелие и др..
Докази за диференцијацијата на македонскиот и бугарскиот јазик може да се најдат на веб страната на МАНУ. По зборовите на Виктор Фридман, член на МАНУ и повеќе балкански академии и човек што знае повеќе од 20 јазици, "македонскиот и бугарскиот јазик се деца на истиот јужнословенски родител, како што се норвешкиот и шведскиот јазик деца на истиот северногермански родител.”
Свеста за биолошката смрт (постоењето на пандемијата) може, парадоксално, да нè поттикне да го бараме значењето на нашето постоење, живеење.
Свеста за духовната смрт (негирањето на просторниот и временскиот континуум на македонски јазик) не треба, повторно парадоксално, да нè поттикне да го бараме значењето на нашето духовно постоење, живеење. „Јазикот е наша татковина“. Нашето битисување, нашето духовно постоење, може да се оправда само преку повеќевековното постоење на македонски јазик, не само на територијата на денешна Република Македонија, но и пошироко.
„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. На Балкан, во ЕУ, и пошироко, денес, па дури и по илјада години, тоа треба да го правиме само рамноправно и достоинствено.