1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги исвиркува свиркачите во Македонија?

20 април 2017

Загриженоста од криминалот сѐ уште не е трансформирана во поддршка кон „свиркачите“. Во Македонија тоа е резултат на чувството на загрозеност од промени, настанати благодарение на укажувачите на криминал, велат експерти.

https://p.dw.com/p/2bZ0p
Symbolbild USA Geheimdienst Überwachung
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ние прашуваме за тиранската платформа, а вие ни зборувате за криминал и криминалци“. Со ваква забелешка пратеник од ВМРО-ДПМНЕ реагираше до пратениците од СДСМ на конститутивната седница на парламентот, на која со денови никој не зборува за точката на дневниот ред: избор на Комисија за избор и именувања. И самата забелешка јасно говори дека криминалот, корупцијата, нивното истражување и санкционирање, само декларативно се во врвот на државните приоритети. Во практиката тие теми со години се туркаат под тепих, а т.н. свиркачи - укажувачи за криминал и на корупција (whistleblowers), не се популарни. Ова го покажа и истражувањето поддржано од Регионалниот совет за соработка (РСС) со седиште во Сараево, спроведено на примерок од 7.000 испитаници во Албанија, БиХ, Косово, Србија, Хрватска, Црна Гора и Македонија. Според резултатите, свиркачите немаат голема поддршка кај граѓаните во земјите од Западен Балкан, а во споредба со нив - Македонија е на дното.

Да се казнат свиркачите?

Според резултатите од истражувањето, во просек, секој шести граѓанин од земјите во регионот мисли дека укажувачите треба да се казнат. Во Македонија состојбата е уште полоша: секој трет испитаник смета дека укажувањето на корупција е неприфатливо и дека таквите лица заслужуваат казна. Зошто е толку висока одбивноста кон укажувачите на криминал - го прашавме Драган Малиновски, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Edward Snowden Porträt
Едвард Сноуден е веројатно најпознатиот свиркач во светотФотографија: picture alliance/AP Photo

„Има причина за ваквите резултати. Ако во другите земји испитаниците се изјаснувале, условно речено, од некој теоретски и поапстрактен агол, разликата кај нас е во тоа што актуелната политичка состојба е предизвикана токму од свиркачите. И за сите промени што се случија во изминатите две години, иницијална каписла беа свиркачите. А не треба да заборавиме дека генезата на кризата во земјава е токму поради претходното ставање на работите 'под тепих'. Затоа, сите оние што денес се чувствуваат загрозени од промените, кон укажувачите на криминал гледаат со негативна диоптрија. Тоа е 'логиката' на таквиот однос кон укажувачите, но и на силната кампања против сите оние што се идентификувани со свиркачите или со истражување на индициите од 'бомбите' - СЈО, СДСМ, неговото раководство или организации кои се занимаваат со антикорупциски политики“, објаснува Малиновски.  

Од РСС нотираат дека анализата покажала дискрепанца помеѓу високата загриженост за состојбите со криминалот, и релативно слаба поддршка за укажувачите на ваквите појави.

„Корупцијата и неефикасноста за нејзиното решавање и понатаму се причина за голема загрижност во општествата во Југоисточна Европа, но, како што покажа истражувањето, тоа сѐ уште не се трансформирало во поддршка на јавноста кон укажувачите“, вели експертот за борба против корупција при РСС, Раду Котику.

Тој потенцира дека укажувањето се смета за една од најефикасните алатки за борба против корупцијата. Организациите како што се Советот на Европа или Канцеларијата на ОН за борба против наркотици и криминал имаат подготвено меѓународни стандарди за оваа област, а повеќето од земјите од ЈИЕ, меѓу кои и Македонија, веќе имаат донесени и закони за заштита на укажувачите.

Symbolbild Whistleblower Konzern Geschäft Firma
Укажувањето се смета за една од најефикасните алатки за борба против корупцијатаФотографија: Imago

„Естетско“ прашање

Колку законите влијаат врз градењето на антикорупциската свест? Иако Македонија од март 2016 година го има еден од најсеопфатните закони за заштита на укажувачите, во моментов има најмала поддршка за свиркачите во споредба со земјите од регионот. Само 41,4 отсто од граѓаните сметаат дека укажувањето на корупција и криминал е прифатливо, а 30,4 отсто сметаат дека тие лица треба да бидат казнети, дури и ако откриваат сериозни неправилности. Околу 28 отсто не знаеле или не сакале да одговорат на прашањето. На ниво на компании, организации и институции, поддршката е уште помала: само 36 отсто сметаат дека се чувствуваат повикани да пријават ако увидат криминал или корупција, што според истражувањето е далеку под просекот во регионот.

„Би се изненадил ако беше поинаку“, вели Малиновски.

„Не треба да заборавиме дека законот за свиркачи беше донесен 'на мускули', како рефлексија на пржинските процеси, па дел од граѓаните во него гледаат изнудено решение, а не нешто за нивно добро, и за добро на државата. Односно, законот се третира како 'естетско', а не како важно, егзистенцијално прашање. Сѐ уште е низок потенцијалот за негово прифаќање и треба да помине многу време за да порасне таа свест. Тоа е макотрпен процес“, смета Малиновски.

Mazedonien Stadtansicht von Skopje
Само 41,4 отсто од македонските граѓани сметаат дека укажувањето на корупција и криминал е прифатливоФотографија: DW/A. Ancite

Сепак, најважно е што процесот е веќе започнат. Во Скопје неодамна беше одбележан и Меѓународниот ден на свиркачите, токму во насока на подигање на свеста кај граѓаните за пријавување на противзаконски дејства пред надлежните институции. Пред учесниците на конференцијата насловена „Ден на слободен говор“, јавната обвинителка Катица Јанева ја истакна важноста на укажувачите.

„Граѓаните кои ќе се јават како укажувачи мора да се свесни за сопствениот вреден придонес кој го даваат, а е насочен кон остварување на повисока цел и мисија која ќе остане врежана во историјата. Еден вид свиркачи мислам дека се и луѓето кои беа обвинети во предметот 'Пуч', бидејќи преку прес-конференциите што ги одржуваа, укажаа на некои криминални дејствија кои се спроведувале“, рече Јанева.

На конференцијата присуствуваа и претставници од Коалицијата за заштита на укажувачите во Југоисточна Европа (SECWP), која е единствена регионална организација во светотпосветена на подобрување на правата на укажувачите.