Кој го нарача убиството на Ана Политковскаја?
7 октомври 2016Се случи во сабота, кратко по 16 часот.Ана Политковскаја тукушто се врати со автомобилот дома и носеше неколку кеси со претходно купените производи во својот стан во центарот на Москва. 48-годишната новинарка беше убиена во лифтот, од непосредна близина. Еден куршум ѝ беше испукан во главата. Тоа беше на 7. октомври 2006. година.
Ова убиство ја потресе Русија, а предизвика големи бранувања и во странство. Кога рускиот претседател Владимир Путин неколку дена подоцна дојде во посета на Дрезден, некои демонстранти извикуваа по него: „Убиец“! Фактот што Политковскаја беше убиена токму на роденденот на Путин, стана повод за шпекулации. Некои веруваат дека убијците сакале на претседателот да му приредат морбиден „подарок“, иако поврзаноста никогаш не беше докажана.
Воен хроничар и критичар на Путин
Ана Политковскаја беше родена во 1958. година во Њујорк како ќерка на советска дипломатска брачна двојка од Украина. Таа студираше новинарство во Москва, пишуваше за различни печатени медиуми и на крајот на 90-те години стана репортер на реномираниот весник „Новаја Газета“. Нејзината животна тема беше втората војна во одметнатата руска република Чеченија.
Политковскаја често патуваше во Северен Кавказ и пишуваше репортажи за кои добиваше награди. Теми на репортажите беа убиствата, киднапирањата од двете страни. Во своите извештаи таа го обвинуваше и сегашниот чеченски водач Рамзан Кадиров. Политковскаја пишуваше документарни книги како „Во Путиновата Русија“, во кои јавно го осудуваше шефот на Кремљ и неговото авторитарно владеење.
Новинарката се ангажираше и на полето на заштита на човековите права. Таа им помагаше на чеченски семејства исто како и на мајките на убиени или исчезнати руски војници. Ваквиот ангажман ѝ донесе бројни признанија.
Долга потрага по убијците
Потрагата по убијците и нивните соучесници се покажа тешка. Иако првите осомничени брзо беа најдени, потребни беа повеќе судски постапки пред да бидат осудени. Брзо се испостави дека трагите кон убијците водат кон Чеченија. Првиот процес почна во 2008. година и по неколку месеци заврши со ослободувачка пресуда, поради недостиг од докази. Тогаш постоеја само тројца осомничени - двајца браќа, Ибрахим и Џабраил Махмудов, како и поранешниот полицаец Сергеј Хаџикурбанов. Врховниот суд во 2009. година ја укина пресудата и случајот го врати повторно во суд.
По натамошната истрага, кругот на осомничени беше проширен. Во 2011. година беше фатен Рустам, третиот брат на браќата Махмудов. Во одделен процес во 2012 година на 11 години затвор беше осуден Дмитриј Пављиченков. Поранешниот московски полициски службеник беше крунски сведок во случајот Политковскаја. Тој призна следење на новинарката и набавување на оружјето за нејзино убиство.
Најважниот и досега последниот процес почна во јануари и заврши во март 2014. година со пет пресуди. Фактичкиот убиец Рустам Махмудов беше осуден на доживотен затвор. Неговите браќа Џабраил и Ибрахим добија 14 односно 12 години казна во казнена колонија. И Сергеј Хаџикурбанов доби 20 години затвор. Како организатор на убиството, чеченскиот бизнисмен и криминалец Лом-Али Гајтукајев беше осуден на доживотна затворска казна. Тој е чичко на браќата Махмудов. Сите петмина обвинети го порекнуваа делото.
Постојано присутни чеченски траги
„Новаја Газета“ своевремо ги поздрави пресудите, но побара натамошна истрага за нарачателите на убиството. Слично се изјаснија и децата на убиената новинарка: Иља Политковскиј и Вера Политковскаја. Според нив, убиството не е целосно расветлено. Но, истрагата запна, не е познат напредок во неа.
Случајот Политковскаја не е прво, ниту последно бризантно политичко убиство во Русија. Во 2009. година во Чеченија беше киднапирана и убиена активистката за човекови права и новинарка Наталија Естемирова. Естемирова во 2007. година беше прв добитник на наградата Ана Политковскаја, признание востановено од меѓународни невладини организации.
Истата година на улица во Москва беа убиени новинарката Анастасија Бабурова и активистот за човекови права Станислав Маркелов. На крајот на февруари 2015. година среде Москва беше застрелан опозициониот политичар Борис Немцов. Слично како и во случајот со Политковскаја, трагите на осомничените убијци водат во Чеченија. Првиот судски процес против убијците на Немцов почна на 3. октомври, неколку дена пред 10-годишнината од убиството на Ана Политковскаја.