1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вечното (на)враќање кон фашизмот во БиХ

Емир Мусли/ Ж. Ацеска 1 јуни 2015

Од јавните расправи за идеолошките поделби во Втората светска војна не остана имуна ни Босна и Херцеговина, традиционално поделена на неколку табори.

https://p.dw.com/p/1Fa1Q
Фотографија: DW/D. Maksimovic

Јусуф Трбиќ, новинар, пиблицист и претседател на Бошњачката културна заедница „Препород“ од Бјељина, вели дека убивањето на антифашизмот во земјите настанати по распадот на Југославија почнало во 90-те години на минатиот век преку враќање на фашистичките мустри на размислување и активности на јавната сцена.

Политика без визија

„Причините за тоа се многу едноставни, зашто великодржавните проекти се потпираа на старите програми од Втората светска војна.Тие беа препишани од нацистичките примери и во нив се наоѓа се‘ што постоеше и во оваа војна против Босна и Херцеговина: војна за територии, етничко чистење, сеење омраза, поделба на народите, подигање ѕидови меѓу луѓето. Притоа, кога станува збор за антифашизмот, се занемаруваат фактите и историските документи, сеќавањата на граѓаните, се‘ она што може да сведочи за некое минато време, а се зема само идејата за раздвојување на луѓето, која е во служба на денешните политички елити,“ вели Трбиќ. Тој дополнува оти националните партии, кои говореа и говорат од името на народот, ја поништија волјата на поединецот, поради што денес постои БиХ во која е забетонирана етничката поделба. Притоа, тврди тој, не е можно решавањето ни на најобичните етнички спорови и осигурување на владеењето на законот и почитување на основните човекови права.

Antifaschismus in Bosnien
Јусуф ТрбиќФотографија: DW/E. Musli

„Проблем е што сите ние се согласивме на таков вид политика, која нема визија како да создаде граѓанско општество, како да се прескокнат етничките граници, како да се приближиме еден кон друг и да го следиме патот кој ни го покажува Европа. Денес имаме само припадници на едно, второ, трето стадо и само такви можат да постојат. Тоа е внесено во нашиот устав, тоа е забетонирано со Дејтонскиот договор и тоа влезе во сите учебници во училиштата. Младите ја следат климата во општеството, во училиште учат нешто што не би требало да учат во нормално општество, а сето тоа води дополнително кон поделби и омраза.“

Сиромаштија и реваншизам

Бранко Тодоровиќ, извршен директор во Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Српска, вели дека по Втората светска војна емиграцијата ја зачувала идејата за ревизионизам на историјата и негирање на антифашизмот. „Тоа е занимлива појава, иако се сметаше дека е поразена од фактите и непобитните податоци за астрашувачките злосторства, за предавствата и соработка со фашистите. За жал, идеите на ревизионизмот одамна оживеаја и не водат кон помирувањена народите, дури ни до помирување во рамките на еден народ. Сетоа тоа не само што не е добро, туку е антицивилизациско и спротивно на тенденциите кои постојат во модерна Европа“, вели Тодоровиќ. Тој потсетува-модерна Германија не израсна само врз стопанството, туку и врз модерната мисла, силната демократска држава, врз вистинитиот однос кон историските факти. Тодоровиќ констатира оти такво нешто не постои во денешна БиХ. Тоа што го имаме, вели тој, е опасен спој на сиромаштво, незнаење, незадоволство.

„Носителите на екстремни идеи тоа го прават од некој вид револт. Огромен број луѓе во БиХ живее под границата на сиромаштија, па појавата на екстремизам, говор на омраза, па и конкретни терористички акции се нешто што може да се очекува од оние кои се чувствуваат маргинализирани, кои на некој начин имаат промашени животи и не се вклучени на правилен начин во општествените текови. Тоа е подлабок социолошки проблем и некој вид револт, но мене ме загрижува кокетирањето на политичарите со таквите идеи. Економијата, знаењето, учењето, општествениот дијалог, објективното зборување за минатото, тоа е она што му е потребно на едно пост-конфликтно општество како нашево“, заклучува Тодоровиќ.

Antifaschismus in Bosnien
Бранко ТодоровиќФотографија: DW/E. Musli

Историјата не е мит

Вехид Шехиќ, претседател на Форумот граѓани на Тузла, вели дека живееме во време во кое од историјата се прави мит и се ревидираат факти утврдени со светската историчарска струка. „Десницата расте и сите националисти на нашите простори се обидуваат да ги злоупотребат демократските текови и да ги негираат утврдените факти. Факт е дека во секоја војна се случуваат злосторства. Меѓутоа, не е можно да се нарекуваат антифашисти оние кои биле на страната на фашизмот. Антифашистичкото движење, како се‘народно движење, го водеа комунистите, но имаше и бројни луѓе без партиски книшки, на тоа така и треба да се гледа“, вели Шехиќ за Дојче веле.

Antifaschismus in Bosnien
Вехид ШехиќФотографија: DW/E. Musli

Според него, денешниот фашизам мутирал во различни форми и во самата Европа, базирана врз антифашизам. Шехиќ тврди оти нејзините народи упорно се држат во огради. „Кога сте во некое оградено ’трло’, веќе не сте субјект, туку објект со кој се манипулира. Ние кои сме атеисти, треба да се вратиме кон човекот како човечко суштество, оние верниците треба да се вратат кон човекот како божјо битие. Овде тоа не ни го дозволуваат, забораваат дека се раѓаме како човечки суштества, кај кои единствени разлики се полот и бојата на кожата, сите останати разлики се наметнати. Одамна немаме поделба на добри и лоши луѓе, туку имаме добри или лоши Бошњаци, Срби или Хрвати. Политичарите го штитат секој својот народ, а не сите граѓани. Тој систем на вредности мора да се менува прво во семејствата, а потоа во системот на образование. За жал, времињата денес не се такви, но останува надежта дека доброто ќе го победи злото, дека сите ќе бидеме луѓе“, вели Шехиќ.

Antifaschismus in Bosnien
Петар МатановиќФотографија: DW/E. Musli

Која е вистината?

„Ни треба ново школство, ново културно милје, тоа е целата приказна. Историјата некогаш е правена целосно демагошки, според принципите на победници и губитници во некои дамнешни времиња. Затоа денес го имаме она што го имаме. Постојат десет вистини за иста работа, што е невозможно, зашто има само една вистина“, тврди Петар Матановиќ, пензионер и претседател на Хрватскиот народен сабор Брчко Дистрикт.

„Ние не знаеме што е фашизам во вистински смисол, што е антифашизам. Имавме сешто, па денес како нации, како народи сме многу збунети. Секој има своја вистина. Дури и нашиот верски свет е таков. Често тука е присутен национализам, конфесионализам, а многу малку има човек, верник. Основата на секоја религија треба да биде човекот“, заклучува Петар Матановиќ.