1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го уништи Врховниот суд?

6 јули 2019

Додека власта ноншалантно гледа што се случува Врховниот суд се претвори во најважната тврдина од каде што почна реставрацијата на режимот. Колумна на Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/3Lefl
Mazedonsiches Gericht verurteilt 33 Albaner wegen Terrorismus
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Прашањето од насловот на овој текст на некој начин е само метафора на состојбите во правосудството, иако стрмоглавувањето на угледот на Врховниот суд е еден од клучевите за одговор колку е длабока калта во која се наоѓа целиот систем. На претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, не му недостига чувство за шега – тој на прашањето на „Независен весник“ дали контроверзната иницијатива на двајца адвокати ја гледа како спас за него, одговара вака: „Јово е спасен од моментот кога е роден, затоа што може да живее во која било ситуација, со или без претседателското место, за разлика од некои други. Јас можам утре да си одам и пак ќе си живеам убаво како што си живеам“.

Одговорот може да насмее многумина поради наводната досетливост, но во основа тој ја доловува призменоста на толкувањето на целата ситуација. Не од позицијата на морален и стручен авторитет на човекот кој е на најважното место во судскиот систем, туку од некакви привидни хедонистички моменти. Обидете се да најдете изјава на кој било претседател на врховен суд во Европа како оваа на Вангеловски: „Јас можам утре да си одам и пак ќе си живеам убаво како што си живеам“. Ќе се изнамачите и нема да најдете ништо такво, од едноставна причина затоа што на еден претседател на врховен суд (без оглед дали е во некоја од напредните демократии или од илибералните системи) не би му паднало на ум да зборува колку убаво живее ако целото судство се наоѓа на најниски гранки. Но тоа е Македонија, и некни, и вчера, и денес, а ќе биде и утре.

На Јово Вангеловски не му недостигаше шега и кога Рајнхард Прибе беше во земјава за да го пишува својот втор извештај и кога според соопштението од Врховниот суд, претседателот на врвната судска инстанца му поднел на германскиот експерт свој предлог како треба да изгледа реформата на судството. Ни тогаш, а ни сега, не се знае што стана со тој предлог за реформи на судскиот систем и што пишувало во него. Беспоредметно би било да нагаѓаме, иако во она што го напиша Прибе никаде не беа споменати согледувањата на Јово Вангеловски.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Адвокатски алтруизам

Но, кој знае, можеби дел од тие предлози сега се разработуваат на некаков специфичен начин. Па двајца адвокати, Анита Бегова и Ѓоко Шајн, почувствувале огромна загриженост за профеионалната судбина на судиите па поднеле иницијатива за нивната нестручност Судскиот совет да расправа според новиот Закон за судови. Тој има поблаги одредби од претходниот закон, затоа што предвидува и дисциплинска мерка, а не веднаш разрешување. Ваков алтруизам на адвокатската фела за судбината на судиите кои направиле повреди на законот со нестручно постапување, не е забележан во аналите на судството. Но тој алтруизам има свое прозаично објаснување во поврзаноста на интересите – се работи за иницијативата за разрешување на Вангеловски и уште двајца судии поднесена уште кога му беше укинат притворот на Сеад Кочан. Судскиот совет се митари и митари веќе две години за оваа иницијатива и како што сега стојат работите може ќе ги направи сите потребни чекори да не дојде до одлука. Иако сдк.мк напиша дека постапката во случајот на Вангеловски и другите двајца судии наводно била дојдена до фаза на конечно гласање.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Каква економија ни треба

-Вмровско искушение

-Балканско предавство

Некои луѓе, од експерти до новинари, па и политичари, ги фаќа веќе очај како е возможно ништо да не се прави со години за да се извлече судството во калта. И уште повеќе, како сегашнава власт не покажува вистинска желба да направи енергични чекори со кои ќе покаже дека тоа ѝ е главен приоритет. Затоа што клучот за владеењето на сегашнава структура беше токму повикот за правда.

На фонот на претераната политичка драма со пеењето на химната од страна на Тамара на териоријата на странска држава – во американската амбасада; преку заплетканиот случај со радарите, неумесните изјави на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, при објаснувањата дека немало никаква корупција во тендерот, па преку исто толку несмасната изјава на премиерот Заев за негова заштита; сѐ до ослободителната пресуда на Драган Павловиќ и неговите браќа за викендичките во Зелениково – Врховниот суд можеше во мирна ситуација истиот ден, без притисок на јавноста, да решава за алтруистичкиот предлог на двајцата адвокати, како што беше закажано. Но, наводно, Вангеловски немал обезбедено мнозинство кое ќе го прифати предлогот на адвокатите за негово „спасување“ и одлуката е одложена за во среда. Дали Судскиот совет сега ќе влезе во трка да стигне побрзо до целта – да го разреши Вангеловски, барем до вчера не беше познато.

Но она што сега се прави е преминувањето во втората фаза – претворање на урнисаниот судски систем во карикатура. Едната адвокатка на Драган Павловиќ, Анита Бегова, поднесе иницијатива за заштита на врховните судии, а втората, Светлана Савиќ, поднесе ад хок иницијатива најбрзо што може Врховниот суд да ја разгледа валидноста на доказите на Специјалното јавно обвинителство. Вангеловски во истиот момент им ја поделил таа иницијатива на судиите за брзо разгледување. Се разбира, сѐ е поврзано со контроверзното начелно мислење на Врховниот суд дека работата на СЈО на случаите по 30 јуни 2017 година е „незаконска“. Така, полека Врховниот суд почнува да се претвора во институција „три во едно“ – да биде и кривичен суд, и апелациски, и Врховен. Секако, со една цел – оние што им се суди за злодела никогаш да не ги стигне правдата.

Кога се отворија вратите

Би било неправедно да се каже дека овој професионален колапс на Врховниот суд е поврзан само со Јово Вангеловски. Еден од поистакнатите учесници во судството вели дека почетокот на уништувањето на кредибилитетот на Врховниот суд се врзува со изборот на Николчо Николовски во јули 2002 година. Неговиот избор го прекина децениското правило во Врховниот суд да се избираат авторитети со докажан судски квалитет и интегритет. Николчо Николовски, кој сѐ уште е судија во судот, во Врховниот суд дојде од местото раководител на секторот за правни работи на „Макошпед“. Тогаш се отвори вратата за вакви именување и веќе не се затвори. По него следеа уште редица други. Некоја година подоцна таква иста врата се отвори и во Републичкиот судски совет и во него беа напикани, подобро речено, однесени на политички раце, Алаксандра Зафировска, Зоран Караџовски, Бранко Ушковски... Вратите се отворија, садовите се поврзаа.

Низ таа отворена врата за прв пат од нигде никаде влезе и Јово Вангеловски во 2008 година, прво неколку месеци како судија, а потоа седна во претседателското столче. Вангеловски дотогаш беше само адвокат без ниту еден ден судска практика. Откако му заврши четиригодишниот мандат Вангеловски остана како еден од судиите, а потоа, неочекувано, во март 2017 година пак беше избран за претседател на Врховниот суд. Некои колеги новинари, што се извонредно упатени во судските настани, тврдат дека Врховниот суд сега не дебатира за прашања кои се важни за работата на судиите и судовите, туку дека главно делува како тајно друштво кое решава за работи кои се од клучно значење за поранешната власт и процесите што се водат против многу нејзини претставници. Наводно, во таквиот начин на работење, Вангеловски бил само организатор, а во групата има повеќе верни поддржувачи. Можеби е така. Одлуката за Кочан и одложувањето на одењето в затвор на Гордана Јанкулоска за овие колеги е клучната потврда за мисијата на Вангеловски.

Но мисијата на Јово Вангеловски е поголема и посупстанцијална – преку Врховниот суд треба да започне реставрацијата на режимот на Никола Груевски. Вака како што тргнало нема да биде далеку денот кога Врховниот суд ќе ја поништи пресудата и за Груевски, па бегалецот од Будимпешта ќе се врати како народен трибун да ја „спасува земјата“.

Во овој систем се врзани многу садови – судии од Кривичниот суд, од Апелацискиот, адвокати, врховни судии. Јавноста е очајна што се случува пред нејзини очи, а претставниците на власта наивно глумат некаква дистанцираност од настаните во судството. Точно е – судската власт треба да биде независна, но што се случува кога таа „независност“ ги поткопува самите темели на општеството. Треба ли да се чека судството, кое го уништија политичарите, сега тоа да ја уништи државата.

Власта го загуби и оној мал чекор за судските реформи, министерката за правда Рената Треневска-Дескоска можеби уште со „нетрпение“ го чека законот за СЈО што го најави опозицијата па потоа да се произнесе. Па уште ќе се изигрува некаква гранитност - ако имало предлози за скриена амнестија немало да биде прифатени. Што стана со барањето на Јавното обвинителство уште од февруари за автентично толкување на начелното мислење на Врховен суд за работата на СЈО. Владата мора да даде мислење за процедурата да продолжи во Собранието. Слушнал ли некој што мисли Владата за ова барање на обвинителството? Сите молчат. Министерството за правда полека доаѓа до онаа точка на која веќе само грст луѓе ќе му веруваат. Оттаму веќе не излегува никаква енергија за некакви промени. Тоа е најопасната фаза за оваа власт, која дојде да владее на крилјата на повикот „Нема правда, нема мир“.

Во политиката најмногу перцепцијата го одредува изборот на гласачите. Во таа перцепција на јавноста судството е оставено да гние во истата кал, што од опортунизам, што од незнаење. Во таа перцепција на јавноста за СЈО (во значајна мерка и поради некои негови погрешни постапки) се заокружува мислењето дека тоа ќе биде пуштено низ вода поради некои мистериозни политички интереси.

Тоа е најдобриот пат на изборите следната година да се вратат на власт оние за кои поголемиот дел од јавноста не сака повторно да владеат. Можеби грубо звучи – но тој избор веќе го олеснува сегашнава владејачка гарнитура. Додека така ноншалантно, како да не гледа што се случува, го чека опозицискиот закон за обвинителството. И додека така ноншалантно, не знаејќи што вистински да направи, дозволува времето да ѝ протекува низ прсти како пустински песок.  

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар