Кој како се бори против тероризмот во Европа?
19 јануари 2015Основа на актуелните европски антитерористички закони е една директива на ЕУ од јуни 2002 година, со која е донесена релативно единствена дефиниција за тоа што се смета за тероризам и со која се тематизира неговото финансирање и поддршка.
Германија од терористичките напади од 11 септември 2001 година повеќепати ги прошируваше законите. Создаден е единствен Центар за одбрана од тероризам, како и антитерористичка датотека за исламисти подготвени на насилство. Сепак, прислушувањето на телефонски разговори или надгледувањето на интернет комуникациите е релативно строго регулирано. Планираното меморирање телекомуникациски податоци, кое се засноваше врз една уредба на ЕУ, пропадна во 2010 година пред Уставниот суд. Сега во Берлин, по нападите во Париз врз редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, повторно се дискутира за вакво меморирање податоци.
Откако зајакна терористичката органзиација „Исламска држава“ (ИД) донесени се низа одбранбени мерки. Министерството за внатрешни работи донесе широка забрана на активности во интерес на ИД. Со нов закон треба да биде овозможено одземање на пасошот и забрана за патување на исламисти подготвени на насилство, а би требало да се заострат и мерките против финансирање тероризам.
Велика Британија има најобемно антитерористичко законодавство во Европа. По 11 септември 2001 година, значително се заострени постоечките закони од времето на нападите на ИРА, а има и голем број нови закони. На пример, осомничено лице смее да се држи во притвор 14 дена и без судска проверка, потоа проширен е домашниот притвор за осомничени терористи, полицијата смее да запира и врши претрес на осомничени лица, има широки овластувања во контролата на телефонските комуникации и интернетот, како и во поставувањето камери за надзор на јавни места.
Најновото заострување на мерките, од ноември 2014-та, во моментов е во последна фаза на донесување. На потенцијалните борци на ИД и оние кои се враќаат во Велика Бритнаија, а се бореле на страната на исламистите, може да им се одземе пасошот и да им се одбие дозвола за влез во земјата. Телекомуникациските претпријатија во случај на сомневање за тероризам се должни да ги достават на увид сите врски и податоци. По нападите во Париз британскиот премиер Камерон побара натамошни мерки, како забрана за испраќање кодирани пораки на интернет и поголеми овластувања за државата во постапувањето против џихадистичките интернет страници.
Франција исто така на секој поголем напад реагираше со заострување на законите. Од атентатот во париското метро во 1995 година, на пример, може да им се одземе француското државјанство на извршители од терористичко милје, а подоцна следуваше и проширување на видео-надзорот на јавните места, зголемување на правата на полицијата за контролирање на комуникациите, а зголемена е и висината на казните за терористички дела. Во ноември минатата година следуваа нови закони: на џихадистички борци и осомничени може да им се забрани патување и да им се одземе пасошот, а на повратниците да им се забрани влез во Франција. Властите смеат да забранат содржини на интернет со кои се поддржува или со кои се оправдува насилство.
По нападите во Париз се води дискусија за натамошни заострувања на законите. Премиерот Валс сепак се спротивстави на барањата за француски „Патриотски акт“ според американски урнек со кој на тајните служби би им се дале одврзани раце во нивното дејствување.
Во Италија исто така има прилично обемни антитерористички закони. Тие потекнуваат од 1970-тите и борбата против Црвените бригади. По 2001 година правилата се опфатени во повеќе законски пакети и се заострени. Оттогаш во законите има казни за меѓународен тероризам, поголеми овластувања за полицијата и истражните органи, меѓу другото и во делот на надзор на комуникациите. Осомничените лица, во одделни случаи, смеат да се држат во притвор до 60 дена.
Шпанија во моментов планира нови мерки и ново поврзување на антитерористичките закони, кои се скроени за борба против баскиската сепаратистичка организација ЕТА.
Европско ниво
Експертите во ЕУ наведуваат подрачја во кои се можни заеднички европски мерки и кои веќе се барани од одделни земји членки на Унијата:
- Покрај постоечката неформална соработка на тајните служби, треба да се подобри практичната, пред се‘ техничка соработка
- При контролата или можната цензура на интернет и на социјалните мрежи, само единствени ЕУ-мерки можат да донесат успех
- Следењето на начинот на финансирање на терористичките мрежи е европска задача и во тој дел е неопходно подобрување
- Треба да подобри соработката со трети држави, со оглед на тоа што 60 проценти од извршителите на успешни напади добиле тренинг и борбено искуство во држави надвор од ЕУ
- ЕУ-мрежа од невладини организации, полициски претставници, научници и.т.н. би требало во иднина побрзо да ги идентификува заканите и да укажува на нив
- Гранични контроли на надворешните граници на ЕУ кои може да доведат до јакнење на агенцијата за заштита на границите Фронтекс. Треба да се подобри натамошно Шенгенскиот информативен систем
- Треба да се заостри контролата на прекуграничната трговија со оружје и експлозив
- Правилата за безбедност во воздушниот сообраќај треба да се прилагодуваат соодветно на ризикот
- Повторно да се врати на дневен ред прашањето за носење закон за размена на информации за патниците во воздушниот сообраќај (ПНР)