Кој остана уште да ја сака Русија
1 мај 2021Сергеј Лавров, гранитниот шеф на руската дипломатија, во средата имаше една интересна забелешка за големото студенило што ги зафати односите меѓу Москва и речиси сите западни метрополи: „Убаво е што уште не сме виновни за убиството на принцот Фердинанд, но како што изгледа, натаму одат работите“. Овие зборови на Лавров искажани на прес-конференција треба на одреден начин да ги банализираат настаните кои со голема брзина внесуваат атмосфера како од Студената војна.
Се разбира, од Кремљ (особено не од овој Кремљ) нема да чуете ништо за некаква руска вмешаност во изборите во САД, за големата мрежа за ширење на лажни вести во западните демократии, за труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Солсбери (претходно на Александар Литвиненко), убиството на чеченски дисиденти, екплозиите во магацини за оружје во Чешка и Бугарија, труењето на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев... Сето тоа, според Кремљ, се непријателски измислици за да се поткопа Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.
Изгледа дека Сергеј Лавров во една работа е во право – на истата прес-конференција тој рече дека американско-руските односи во моментов се полоши дури и од времето на Студената војна. „За време на Студената војна тензиите беа високи и се појавуваа ризични кризни ситуациии, но имаше обостран респект. Ми се чини дека сега има дефицит од такво нешто“.
Лавров е неверојатно искусен и знае да ја квалификува состојбата на работите, но најголемиот проблем за Кремљ е што таму воопшто не се поставува прашањето колкава е руската вина и зошто виновникот за сите нешта постојано се бара на другата страна. Тоа повеќе личи на инстинктивна одбранбена реакција отколку на разработена стратегија.
Промената на станарот
На многумина изгледа веќе им стана јасно дека промената на станарот во Белата куќа автоматски ја промени и вкупната западна политика кон Русија. Па оние што се обидуваа да седат на две столици наеднаш се построија во редот на најголемите поддржувачи на САД и НАТО во однос на Русија. Бугарија и Чешка (па дури и Унгарија) се најеклатантните примери во ова ново осознавање. Балтичките земји секогош ја прифаќале таа резонанца. Две интересни работи се случуваат по шокантните настани од Чешка и откривањето на поврзаноста на озлогласената Единица 29155 на руското воено разузнавање (ГРУ) со саботажите во 2014 година, а последователно и во Бугарија. Чешка протера дури 63 руски дипломати од својата територија, а Москва возврати со само 20. Како гест на солидарност со Прага, трите балтички земји, плус Романија и Бугарија, протераа руски дипломати. Москва возврати со слична мерка. Дури и унгарскиот премиер Виктор Орбан, најпријателски расположениот лидер од ЕУ кон Русија, ја прекори Москва. Орбан често знаеше да ги попречи изјавите на ЕУ кои бараа консензуалност во врска со односите со Русија, а во понеделникот заедно со премиерите на Полска, Чешка и Словачка се потпиша под заедничко соопштение.
„Осудуваме... уште еден жален акт на агресија и кршење на меѓународното право извршено од Русија на европско тло“, рекоа четворица премиери во заедничката изјава откако Варшава свика итен видео-самит. Тие ги потврдија наодите на Чешка дека „оперативците на руското воено разузнавање“ стојат зад „експлозијата во складиштето за муниција Врбјетице во 2014 година“, во која загинаа две лица. „Нема да дозволиме овие активности на руското разузнавање да ја поделат Европа“, рекоа тие.
Претходно колумни од Љупчо Поповски:
-Навраќање на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците
-Бугарските избори и македонската јавност
Тоа е неверојатно поинаков вординг на источноевропејците отколку во времето на Доналд Трамп. Тогаш тие се однесуваа амбивалентно како што се однесуваше Трамп. Но сега во Вашингтон раководи Бајден – човекот чии корени во политиката се од Студената војна.
Втората работа е што има молк кај „старите“ европски демократии. По труењето на Скрипал во Солсбери имаше голема солидарност со Британија (речиси од сите земји се протеруваа руски дипломати). Сега во чешкиот и бугарскиот случај тоа го нема. Австрија дури и се противи на нови европски санкции против Русија. Канцеларот Себастијан Курц, кој постојано се залага за подобрување на односите на ЕУ со Русија уште кога дојде на власт во 2017 година, во интервју за „Ное цирхер цајтунг“ изјави: „Јас сум против дополнителни санкции. Потребна е деескалација. Тоа е тешко, но не би сакал да одиме кон постојано влошување“.
Курц и многу други европски лидери би сакале да го заборават понижувањето што му го приреди Лавров на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел во Москва и сакаат повеќе да мислат на енергетските и други зделки со Кремљ отколку на пропаѓањето на заедничката европска политика. Парадоксално, Европејците (со исклучок на Орбан, Јанша и Качињски) со нетрпение чекаа да се промени станарот во Белата куќа и кога се случи таа промена тие се воздржани кон новата порадикална американска политика кон Москва. Кога САД протераа 10 руски дипломати и воведоа нови санкции кон компании и луѓе во Русија, а го отежнаа и руското позајмување пари, ЕУ ги поддржа тие мерки но не со цело срце.
Еден од најважните одговори за ваквото однесување е во енергијата. Рускиот концерн „Гаспром“ во четвртокот објави дека неговиот удел на европскиот пазар со гас стигнал до 32,2 отсто, а продажбата, и покрај пандемијата, е во петте најдобри резултати во историјата на компанијата. Тасс објави дека „Газпром“ очекува оваа година износот на рускиот гас да се зголеми за пет отсто.
Објавувањето на резултатите на „Гаспром“ за зависноста на Европа од рускиот гас, не беше случајно, туку намерно коинцидираше со расправата на Европскиот парламент за односите со Русија и усвојувањето на една многу остра резолуција. Во неа се нагласува дека Европската унија треба да ја намали зависноста од руската енергија, да го запре контроверзниот гасовод „Северен поток 2“, спорните руски нуклеарни централи на нејзината територија, а се однесува и на трупањето на руски сили на границата со Украина и „рускиот напад на Чешка“. Доколку военото натрупување доведе до инвазија на Украина од страна на Русија, ЕУ мора да објави јасно дека последиците од таквото кршење на меѓународното право и норми ќе бидат сериозни, се согласија европратениците. Ваквото сценарио мора да резултира со итен прекин на увозот на нафта и гас во ЕУ од Русија, исклучување на Русија од системот за плаќање SWIFT и замрзнување на имотот и откажување на визите за сите олигарси поврзани со руските власти. Во неа се повикуваат Кипар, Бугарија и Малта да престанат со давање државјанство за инвестиции (познатите „златни пасоши“). За резолуцијата гласаа 569 пратеници, 67 беа против и 46 воздржани.
Последиците што не можат да се избегнат
Резолуциите што ги усвојува Европскиот парламент не се обврзувачки за лидерите, но ова огромно мнозинство покажува како се менуваат работите. При ова престројување некои како да ќе излетаат од свиоците. На пример, Бугарија. Последниве месеци таа открива руски шпиони во Софија, истражителите наеднаш се сетија дека четирите експлозии во складови за оружје, наменето за извоз во Украина и Грузија, извршени од 2011 до 2020, година веројатно се дело на руските разузнавачи од ГРУ. Во времето кога се случија експлозиите бугарските власти ги третираа како инциденти од небрежност или евентуално саботажа од страна на локален конкурент. Сега бугарското обвинителство го вели спротивното, и идентификуваше заеднички „потпис“ со саботажите во Чешка. Па дури министерката за надворешни работи на владата во оставка, Екатерина Захариев, ѝ понуди на Прага помош од обвинители во истрагата на чешките колеги за саботажите во нивните магацини за оружје, изјавувајќи дека Чешка ја има целата поддршка од Бугарија во спорот со Русија.
Зависноста на Бугарија од рускиот гас е 100 отсто, но владата во заминување на Бојко Борисов сака да изгради што е можно подобри односи со Бајден, откако четири години имаше извонредно разбирање со Трамп. Една од причините е и блокадата на Македонија, за која Вашингтон и лани и сега вели дека Софија мора да се откаже од неа. Особено што оваа недела Вашингтон преку изјава на Стејт департментот за Западниот Балкан рече дека очекува ЕУ да ги почне преговорите со Македонија и Албанија во јуни и дека „земјите од Западен Балкан треба да се спротивстават на енергетските манипулации од страна на Русија“. Македонија сосем веројатно беше поучена уште со време да ја избере вистинската страна и потпишувањето на договорот за учество го гасниот терминал во грчкото пристаниште Александропулос беше вистинскиот чекор што можеше да го направи.
Генерално, кругот на рсуски пријатели во Источна Европа забрзано се смалува. Особено што Чесите изгледа имаат многу докази за руската вмешаност. Двајцата агенти на ГРУ престојувале во хотел блиску до магацинот за оружје, со лажни исправи имале пристап како инспекција во депото ден пред експлозијата, тоа го покажале снимките од камерите. Мотивот за саботажата бил веројатно во тоа што оттаму во октомври 2014 година Украина се снабдувала со оружје за време на конфликтот во Донбас. Трговецот со оружје бил Бугаринот Емилијан Гебрев, кој шест месеци подоцна преживеа труење во Софија.
Последиците се едноставни: веќе не може да станува збор за испорака на руските вакцини „Спутник В“ на Чешка. Договорот со „Росатом“, руската нуклеарна корпорација, за изградба на нови реактори во Дуковани, вреден неколку милјарди долари, веќе отпаѓа. Сосем веројатно ќе отпадне и вклучувањето на Русија во изградба на нови нуклеарни централи во Бугарија и Унгарија, а гасоводот „Северен поток 2“ и да биде завршен, прашање е дали ќе биде целосно оперативен. Па дури и патувањето на руските граѓани во Европа веројатно ќе биде отежнато.
Руски одговор сигурно ќе има. Како што неодамна беше навестеносо откривањето на наводен обид за атентат на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко. Руската тајна служба неодамна во еден ресторан Москва уапси двајца прилично возрасни белоруски политички коментатори, кои речиси не се никаква закана за режимот во Минск. Нивното апсење одеше по стандардна разузнавачка шема: како критичари на Лукашенко да бидат наведени дека се подготвуваат за преврат. Тоа било тајно снимено, па се уапсени како дел од заговорот што наводно го подготвувале САД. По старите проверени шаблони.
Оваа епизода на одреден начин покажува дека во Европа се цртаат нови граници на влијанието. Москва сака да го задржи она што сѐ уште го има (Белорусија), кога бројот на пријателите во Европа за само неколку месеци почна забрзано да се намалува. Оној што мисли дека промената на станарот во Белата куќа има мало или никакво влијание е многу наивен. По четригодишно затишје сцената за пресметката е поставена. Само прашање е колку ќе трае и колкави последици секој е подготвен да поднесе.