Кој се бори против кого во Јемен
3 април 2015Кој се бори против кого?
Ситуацијата најчесто се претставува вака: Саудиска Арабија и други земји со напади од воздух против Хуси-милициите го поддржуваат меѓународно признатиот јеменски претседател Абд-Рабу Мансур Хади. Но, де факто, граѓанската војна ја предодредуваат повеќе, честопати попречни конфликтни линии. Така, армијата и управата на централната влада се во расцеп: поголемиот дел не го поддржува Хади, кој пребега во Саудиска Арабија, туку и натаму му е лојален на долгогодишниот диктатор Али Абдулах Салех, кој беше соборен од власта во 2012 година, а сега се приклучи на страната на Хусите.
Поделено е и општеството на земјата која се обедини во 1990 година: во некогаш социјалистичкиот Јужен Јемен многу граѓани се чувствуваат запоставени во однос на Северот (некогашниот Северен Јемен, н.з.) и го поддржуваат сецесионистичкото движење. Таму и Ал Каеда на Арапскиот полуостров (АКАП) има силни структури; повеќегодишната војна со дронови од страна на САД не донесе некаков ефект. Конфликтот има и конфесионална компонента, оти на северот претежно живеат шиитските Саидити, кон кои припаѓаат и Хусите, а на југот живеат сунитските Шафеити. Ривалските племиња од најразлични причини и променливи мотиви ја поддржуваат едната или другата страна. Но, во Јемен се одвива и регионалнополитички конфликт, по интервенцијата на сунитските арапски држави: Јемен, традиционално под силно влијание на Саудиска Арабија, со напредувањето на Хусите би можел да падне под иранско влијание. Во актулените борби на една страна се движењето Хуси и големи делови од државните безбедносни органи, а на другата Народните комитети, племиња и Ал Каеда - кои имаат поддршка со нападите од воздух од страна на интервенционистичките сили. Но, „Народните комитети се многу фрагментирани: некои го поддржуваат претседателот Хади, други се борат за независност на Југот“, вели Марајке Трансфелд од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин.
Кои се Хусите?
Милицијата на Хусите, која самата си се нарекува „Ансар алах“, се регрутира од шиитските Саидити и потекнува од планинскиот пограничен регион кон Саудиска Арабија. До револуцијата во 1962 година Северен Јемен повеќе од илјада години беше под доминација на имаматот на Саидитите, кои потоа се чувствуваа се’ повеќе маргинализирани. Обидот на централната влада, саидитската религиозна практика да ја прилагоди на сунитската, предизвика отпор. Тој во 2004 година прерасна во оружен конфликт, до 2010 година беа убиени илјадници луѓе. Масовните протести, со меродавно учество на Хусите, доведоа до пад на диктаторот Салех. Потоа некогашниот потпретседател Хади формира влада на национално единство, но без учество на Хусите, кои се поддржувани од Иран. Помошта доаѓа со бродови и авиони, вели јеменскиот политиколог Валид ал-Сакаф, кој врши истражувања на универзитетот во Стокхолм.
Што сакаат Хусите?
„Господ е голем, смрт на Америка, смрт на Израел, проколнување на Евреите, победа на исламот“, тоа се вели во логото на Хусите, чиј предводник е Абделмалик ал-Хуси. Во соопштенијата тие ја жигосуваат корупцијата на протераната елита и „сунитскиот екстремизам“. Откако во септември го зазедоа главниот град, Хусите на почетокот на годинава ги принудија на оставка претседателот Хади и неговата влада и формираа своја сопствена преодна влада. Причина беше предлогот за нов устав, кој предвидуваше поделба на земјата на шест федерални региони, а Хусите би добиле изолирана област без пристап кон море. Сега се чини дека движењето на Хусите има за цел да владее со цел Јемен. Заземањето на главниот град без никакви проблеми доведе до преценување кај водачите, смета Марајке Трансфелд: „Хусите мислат дека ќе можат да го контролираат цел Јемен, но токму забележуваат дека на Југот нема да им биде лесно и наидуваат на отпор од Ал Каеда, Народните комитети и различни племиња“. Покрај тоа, Јемен, во кој половина од населението живее под границата на сиромаштијата, толку многу е зависен од помош од странство, што на секоја влада и’ е потребно меѓународно признание.
Што е целта на интервенцијата?
Саудиска Арабија ја поддржуваше преодната влада на претседателот Хади со голема финансиска помош. Кога се наѕираше дека ќе биде освоен и пристанишниот град Аден, каде отиде Хади бегајќи од бунтовниците, Саудиска Арабија на 26 март се реши да интервенира, поддржана од државите од Советот за соработка во заливот, како и од Египет и други земји. Оттогаш напади од воздух извршуваат и до 185 борбени авиони, а САД даваат логистичка и извидувачка поддршка. Интервенционистичките сили, според наводи на дипломати, сметаат дека акцијата ќе трае повеќе месеци. Саудиска Арабија не исклучува ни копнена офанзива, како што бара развластената јеменска влада. Набљудувачите настаните ги третираат како пресметка меѓу водечката сунитска сила Саудиска Арабија и шиитскиот Иран врз грбот на Јемен. Слично е во целиот регион: во Либан Саудијците ја поддржуваат сунитската централна влада, а Техеран е на страната на милицијата Хезболах, во Сирија владата на Асад добива помош од Иран, а сунитските бунтовници од Саудиска Арабија.
Има ли шанси за смирување на конфликтот?
Обете страни досега не покажаа видлива заинтересираност за мирно решение на конфликтот преку преговори врз рамноправна основа. Спорно е дали тој може да биде решен војнички - со или без копнени трупи. Марајке Трансфелд смета дека се погрешни надежите „оти Јемен ќе биде стабилизиран со воена интервенција“. Таа укажува на фактот, дека интервенцијата против Хусите е насочена првенствено кон инфраструктурата на војската, со што се уништува безбедносниот апарат на земјата, кој беше ангажиран и против Ал Каеда. „По интервенцијата ќе мора со саудиски средства да биде изграден целосно нов безбедносен апарат“, вели Трансфелд. Но, примерот со Авганистан покажува колку е тешко да се обнови некоја целосно пропадната држава, без армија и државни структури.