1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој се плаши од Сорос?

Зоран Арбутина
13 јуни 2017

Фондацијата Отворено општество и нејзиниот основач Џорџ Сорос се честа цел на напади на новите автократи во земјите од средна и југоисточна Еропа. Тие служат како виновници за сите потреби.

https://p.dw.com/p/2dvBU
USA George Soros Investor spricht in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Peter

За Никола Србов, новинар од македонскиот доскоро провладин интернет портал „Курир“ и еден од основачите на организацијата „Стоп за операцијата Сорос", која се претставува како независна и невладина, нема никаков сомнеж од каде доаѓа најголемата опасност за земјата. „Институтот Отворено општество и нејзиниот основач Џорџ Сорос ги користат своите финансиски средства и луѓе да го поддржат насилството во Македонија. Тие го монополизираа цивилниот сектор и ги потиснаа другите организации“, изјави Србов на конференцијата за медиуми за време на претставувањето на здружението на почетокот на годинава.

А неговиот колега Цветан Чилиманов од државната новинска агенција МИА беше уште подиректен: „Сорос го подрива суверенитетот на Македонија како држава! Тоа не може да се толерира!“ Двајцата се согласни со донеодамнешниот премиер Никола Груевски, кој за време на предизборната кампања пред воодушевените симпатизери рече: „Ние ќе се бориме за десоросизација на Македонија! Никој однадвор не смее да има контрола врз нашето цивилно општество!“

Создавање димна завеса

Сосема поинаква стратегија американскиот милијардер со унгарско потекло, наводно, има во својата стара татковина, барем ако му се верува на тамошниот премиер Виктор Орбан. „Станува збор за тоа, дека Џорџ Сорос, невидлив за јавноста и со помош на своите унгарски организации, со огромните суми на пари помага илегално доселување во земјата“, изјави неодамна Орбан објаснувајќи зошто би требало да се забрани работата на Фондацијата Отворено општество и неговиот Средноевропски универзитет (ЦЕУ) во Будимпешта. „Сорос финансира мрежа на лобистички организации кои се кријат зад маската на цивилни здруженија, кои имаат свои гласноговорници, свои медиуми, вработуваат стотици луѓе и имаат свој универзитет.“ Против тоа треба да се брани Унгарија, вели Орбан.

George Soros
Фотографија: picture alliance/AP Photo/B.Szandelszky

Тие обвинувања во целост ги отфрла Горан Булдиоски, директор на Фондацијата Отворено општество за Европа со седиште во Будимпешта. „ Сето тоа е е ветер и магла, фрлање прашина во очи на граѓаните. Се бара жртвено јагне кое може да се обвини оти е виновно за сите проблеми, за сѐ што во некое општество и во некоја држава не чини“, вели Булдиоски во разговорот за ДВ. Така е можно, на пример, во Романија Сорос и Фондацијата се напаѓаат дека делуваат проунгарски, додека истовремено од друга страна на границата во Унгарија се напаѓаат како анти-унгарско ориентирани. „Не постои некоја заедничка, кохерентна линија на напад против Фондацијата, туку сите го земаат предвид она што во одреден момент им одговара“, потенцира Булдиоски.

Целта: развој на отвореното општество

Џорџ Сорос е роден во Будимпешта во 1930 година. И покрај еврејското потекло, семејството успева да ги преживее нацистичките прогони за време на Втората Светска Војна. Кога во 1947 година комунистите ја преземаа владта, Сорос ја напушта земјата и студира во Лондон, за подоцна да се пресели во САД. Светски познат станува во 1992 година, кога на берзаѕа шпекулира на пад на британската фунта- и на тоа заработува една милијарда долари.

Goran Buldioski, Direktor Open Society Foundation for Europe
Горан БулдиоскиФотографија: Open Society Initiative for Europe

Прва национална подружница на неговата фондација Отворено општество отворена е уште во 1984 година во Будимпешта, но до поголемо ширење на мрежата доѓа дури по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година. Целта на фондацијата е „помагање во воспоставувањето на општество во кое се слушаат различни мислења, општество во кое никој нема монопол врз вистината и каде може отворено да се расправа за различни економски, политички и социјални теми“, објаснува Булдиоски. Целта се одразува и во структурата на финансирање на активностите на фондацијата. За тековната 2017 година, на пример, предвиден е вкупен буџет во износ од 914,7 американски долари од што 28 насто е предвидено за поддршка на демократијата и на човековите права, 18 насто за економски развој и 15 проценти за поттикнување на правосудни реформи и јакнење на владеењето на правото и на правната држава. Освен тоа 14 насто од парите ќе бидат потрошени за поддршка на медиумите а осум насто за различни образовни програми.

Создавање на клима на страв

Токму во овој вид ангажман се кријат и причините за нападите врз американскиот филантроп. Соросовата фондација имено не е хуманитарна организација во класичен смисол, туку во прв ред е насочена кон развој на општеството. На сите непријатели на отвореното општество, кои својата моќ ја темелат врз авторитарности, клиентелизам, непотизам и нетранспарентни процеси на донесување одлуки, концептот за јакнење на медиумските слободи, демократските институции и правната држава никако не им одговара.

Но, според мислењето на Булдиоски всушност најголем проблем и не се нападите врз самата фондација и нејзиниот основач: „Сорос е личност која е лесно да се напаѓа, тој е многу плакативен пример. Но зад таа завеса се одвива фронтален напад врз бројни други невладини организации кои се занимаваат со заштита на човековите права, остварување на начелата на правната држава и трошењето на парите од фондовите на ЕУ“, нагласува Булдиоски. Тоа има погубни последици врз помалите, по правило локално ангажирани невладини организации, на кои преку нападите врз Сорос, им се испраќа порака. Се прогласуваат за државни непријатели и се создава клима на страв.

Невладиниот сектор под притисок

Тоа, во моментов, може многу добро да се забележи на примерот на Србија, каде фактички целата моќ е концентрирана во рацете на Александар Вучиќ. „Таму невладиниот сектор веќе со години е многу активен и ја контролира работата на владата. Досега многу организации беа критички настроени. Но во последно време тој простор се стеснува, пред сѐ за локалните организации, а нападите врз фондацијата служат за создавање на клима на несигурност.“

Ознаката „соросовец“ во бројни држави (во Македонија : „соросоид“) е синоним за „предавници на народот“ или за „странски платеници“.

Logo Open Society Foundations

Ситуацијата во Романија, Унгарија или Хрватска упатува и на една погрешна проценка на фондацијата на Сорос во минатото. „Ние сметавме дека со влезот на земјите во ЕУ, тие или исполниле поголем дел од критериумите и задачите, или се на јасен пад кон тоа“, објаснува Булдиоски.  Затоа беа затворени националните подружници во земјите членки на ЕУ. „Но за жал многу од тие прашања сѐ уште не се решени. Влезот во ЕУ не значеше дефинитивна победа на демократијата, почитувањето на човековите права и целосна примена на начелата на правната држава. Затоа сега размислуваме за реактивирање, но не на ниво на национални центри и канцеларии, туку на ниво на проекти и враќање на нивото на финансирање на поранешната состојба“, најавува Булдиоски.

Во Унгарија, меѓутоа, реализацијата на тој концепт наидува на сериозни проблеми. Тамошната влада на Орбан веќе донесе закон со кои се воспоставуваат услови за ограничување на работата па дури и затворање на Средно-еврпскиот универзитет (ЦЕУ) а денеска парламентот тго усвои дополнението  на законот, со кое се загрозува и работата на целата фондација во земјата. Според Горан Булдиоски тоа претставува „европски проблем“ бидејќи со тоа се повредуваат начелата за слободен проток на капиталот во рамките на ЕУ. Но Орбан и досега во своите настапи пред Европската комисија и Европскиот парламент покажуваше дека воопшто не е загрижен за нивните забелешки. Своето гледиште тој на меѓународната сцена го изнесува многу елоквентно на одличен англиски јазик- кој своевремено го научил за време на студиите во Оксфорд, финансирани со пари од фондацијата Отворено општество.