1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе биде подобар - Борусија Дортмунд или Бајерн Минхен?

Томас Клајн / Елизабета М. Фиданоска18 август 2014

Дуелот меѓу Бајерн Минхен и Борусија Дортмунд ќе и‘ даде главен белег и на новата сезона во Бундеслигата, која почнува во петок (22.08). Дали Борусија ќе успее да го налути Бајерн или Баварците остануваат неприкосновени?

https://p.dw.com/p/1CwS8
Фотографија: Reuters

За повеќето тренери во Бундеслигата работата е јасна - Бајерн Минхен и во наредната сезона ќе биде фудбалски првак на Германија. Анкетата направена меѓу тренерите на прволигашките клубови покажа дека 14-мина се на мислење оти Бајерн ќе биде првак, додека за Борусија гласаа само двајца. Сепак, тренерот на Баварците Пеп Гвардиола е воздржан: „Борусија ќе биде голем предизвик“, вели тој.

Во претходните две сезони Бајерн го реши во своја полза дуелот против единаесеттемина на Јирген Клоп, но Борусија покажа дека може да се носи со конкурентот кога сите играчи се фит. Освен тоа, сега и Гвардиола го мачат невообичено големи грижи околу повредени играчи.

Гол - Нојер е број 1

Бајерн на голот има предност, зашто таму стои Мануел Нојер, во моментов најдобар голман во Германија. Голманот кој беше извонреден и на СП во Бразил во текот на изминатата сезона беше постојано во добра форма. Но, и Роман Вајденфелер нема зошто да се крие. Тој има брзи реакции и во последните години постојано беше добра поддршка за Борусија.

Одбрана - Суботиќ повторно фит

Јирген Клоп може да се радува - опоравениот Невен Суботиќ го положи првиот тест на оптоварување и заедно со Матс Хумелс повторно е во составот на една од најдобрите одбрани во лигата. Тука се и „новајлијата“ Матијас Гинтер, како и Ерик Дурм, Марсел Шмелцер, Лукаш Пишчек, Сократес и „олраундерот“ Кевин Гроскројц - тренерот Клоп има навистина избор. Ќе биде тешко да се помине ваква одбрана. Во моментов дефанзивниот ред на Борусија делува постабилно отколку одбраната на конкурентот во Минхен.

Supercup 2014 Borussia Dortmund - FC Bayern München
Мартинез е повреден - кој ќе ја пополни големата празнина?Фотографија: Stollarz/AFP/Getty Images

Кај германскиот шампион е потребно прераспоредување, зашто отсуството на Мартинез поради повреда остави голема дупка. Тука се Филип Лам и Жером Боатенг, но во моментов нема замена за Мартинез. Освен тоа, повратникот Холгер Бадштубер и новиот во тимот - Хуан Бернат ќе мора прво да се навикнат на тимот, Данте и Рафиња во минатото беа постојано „климави“. Надежи се вложуваат во Алаба, кого Гвардиола неодамна го опиша како „подарок“. Австриецот може да игра на многу позиции и има добар преглед на теренот. Можеби би можел да го замени и Мартинез.

Среден ред - Геце во фокус

Марио Геце го постигна победничкиот гол во финалето на СП во Бразил, но во Бајерн се‘ уште не игра во предниот ред. Досега пробив не му успеа, а конкуренцијата кај рекордерот во шампионски титули Бајерн е голема: Рибери, Робен, Милер и Швајнштајгер е во моментов „прв избор“. Единствено отворено прашање останува отсуството на Тиаго, чие опоравување трае подолго од очекуваното. Таа улога би можел да ја преземе Геце, кој има слични квалитети.

Ако Марко Ројс, чија повреда го чинеше неучество на СП во Бразил, успее да се врати во стара форма, тогаш тој ќе биде најважниот играч во средниот ред на Борусија. Покрај него, Клоп се надева на Мхитарјан, кој зад себе има добри подготовки и на Гиндоган, чие враќање по повредата меѓутоа може да се оддолжи.

Marco Reus im Trainingslager
Марко Ројс тренира напорно за да биде фит за првенствотоФотографија: Schmidli/Bongarts/Getty Images

Кон тоа треба да се додадат и Свен Бендер, Нури Сахин и „старецот“ Себастијан Кел, кои сепак се одговорни за дефанзивниот дел од играта на средниот ред. Треба да се споменат и талентите Јонас Хофман и Милош Јојиќ, во кои се вложуваат големи надежи. Јакуб Блажиковски, по долга пауза поради повреда, се враќа, но ќе му биде потребно извесно време за повторно да биде во топ-форма. Вкупно погледнато, средниот ред на Клоп нема светско ниво.

Напад - Левандовски сигурен стрелец

Кој во своите редови има напаѓач како Роберт Левандовски, може да се смета за среќен. За четири години Полјакот постигна 74 гола во 131 натпревар во дресот на Борусија Дортмунд. Сега замина кај ривалот Бајерн. Левандовски важи за најдобар напаѓач во светот во моментов и со своето заминување остави голема празнина во Дортмунд. Таа дупка сега треба да ја пополнат тројца офназивни играчи - Имобиле, Рамос, како и Аубамејанг. Тројцата имаат одличен квалитет, но прво тој квалитет треба и да го докажат под тренерската палка на Клоп.

Тренер - Клоп против Гвардиола

Едниот е одличен во форсирање фудбал чија одлика е поседување на топката, вториот е симбол на емоционален „контрапресинг“. Шпанецот со своите клубови веќе има освоено различни меѓународни и национални титули. Клоп од една екипа во криза, успеа да состави успешен тим, угледен учесник во Лигата на шампиони. За двајцата успехот е на прво место, двајцата перфектно им ја пренесуваат на играчите својата филозофија.

Pep Guardiola und Jürgen Klopp nach dem Spiel FC Bayern München vs. Borussia Dortmund 12.4.2014
Гвардиола и Клоп се меѓу најдобрите тренери во светотФотографија: picture-alliance/GES-Sportfoto

Клоп во моментов е малку пред Гвардиола, затоа што ја освои првата титула во сезоната - Супер-купот. Сепак, тренерот на Борусија Дортмунд вели: „Играме во иста лига со Бајерн Минхен, кој е еден од најдобрите клубови во светот. Тие во секое натпреварување се дел од фаворитите. Ние сакаме да бидеме што понезгоден противник, во секој натпревар.“

Заклучок - Дортмунд е во предност

Бајерн е соочен со тешка сезона. Многу од играчите кои беа на СП во Бразил не се стопроцентно фит, отсуството на Мартинез и Тиаго е тешко. По поразот во Супер-купот од Борусија Дортмунд, Гвардиола предвидуваше: „Ќе имаме проблеми се‘ до зимата.“ Овојпат нема да има доминантна сезона какви што беа претходните две. Борусија Дортмунд исто така има малку главоболки со играчите кои беа на СП, но сепак, вкупно погледнато, екипата е пофит од ривалот Бајерн.