1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е Ндрангета?

17 август 2007

Во криминалната организација членувале и шестемина убиени во Дортмунд. Од каде потекнува и како функционира една од се посилните мафијашки организации во Италија?

https://p.dw.com/p/BVJt
Во Ндрангета строго важи принципот на одмаздаФотографија: picture-alliance/dpa

Некаде на врвот на италијанска чизма се наоѓа Сан Лука градчето во Калабрија кое важи за упориште на моќните семејни кланови на калабриската мафија, под името Ндрангета. Таа во последните години бележи и поголеми приходи од сицилијанската мафија Коза Ностра.

Тројца босови кои се викаат Кримине се на врвот на структурата на еден клан во Ндрангета. Тоа е раководното тело на клановите. Тие потоа ги поставуваат локалните функционери, односно шефовите на поедини подрачја познати како локале. Под нив, најважните двајца функционери се: самостојниот шеф на локале – капо социета, и благајникот - контабиле. Капо социета на една област под своја управа има повеќе села, а најчесто седум.

Тоа значи дека секој капо командува со поголема група криминалци кои му го испорачуваат пленот, за што добиваат пари. Тие “извршители на наредби” се надлежни за земање рекет, трговијата со дрога и оружје, грабежи, крадење и шверц на автомобили и корупција.

Ндрангета се состои од околу 100 семејства или таканеречени кланови и има 7000 члена. Функционира како цврста организација која работи на седум традиционални принципи.

Првиот е Умилита – почитување на народот и кодексот на честа. Втор е принципот за лојалноста или Феделта. Неговото непочитување се плаќа со живот. Политика, или третиот принцип е начин на комуникација на главните луѓе во организацијата чија највисока заповед е апсолутна вистина. Принципот број четири гласи Фалса политика – тоа е начинот на комуникација со полицијата и предавниците, значи со оние кои никогаш не смеат да ја знаат вистината. Ла карта, е принципот број пет и гласи - сите важни настани мора да се протоколираат во пишана форма. Шестиот принцип Ил Лапис вели дека босовите имаат обврска да водат тајна хроника на своите дела. Последниот, седми принцип е Ил колтело. Тој вели интересите на Ндрангета се на прво место и мора да се бранат до смрт.

Во Ндрангета строго важи принципот на крвна одмазда. Дописникот на радио ВДР од Рим и стручњак за италијанскиот криминал, Михаел Браун за последните убиства вели:


“Се работи за судир меѓу два клана кој започна во 1991 година за време на карневалот која млади членови на едно семејство со јајца го гаѓаа подмладокот на ривалското семејство. Шестмината убиени се од семејството Пелоромео и затоа италијанската полиција тврди дека убијците се од кланот Страндо Нирта. Бидејќи кавгата меѓу нив трае со години. Извршителите на убиствата допатуваа во Германија за на вака суров начин да ги убијат своите ривали”.

За стратегијата и приходите на оваа криминална организација Браун вели:

“Ндрангета лета ниско, не дава за неа да се зборува многу, а стана побогата и од сицилијанската мафија. Има годишна заработувачка од околу 35 милијарди долари”.

Ндрангета одамна не е активна само во Калабрија, туку и во странство каде во прв ред се занимава со трговија со наркотици. Особено со трговијата со кокаин и хероин.