Која приказна сакаме да е нашата приказна?
17 јули 2021Приказна прва:
Беше мирољубив човек. Сакаше да тера бизнисот и сите да се задоволни. Да гради братски односи со соседите дури и ако тоа бара избор на зборови во јавните настапи за медиуми во соседството, кои се толкуваат како врвна понизност и додворување. Помилуваше „шаком и капом". Не се срамеше од своето „селско" потекло. Напротив, со гордост кажуваше за својата прва љубов, Јелена од Горњи Милановац која ја запознал додека продавал лубеници на пазар. Кога му се родила ќерката, 16 пати ја нарачувал песната „Икона си моја", а кога го одбиле да му ја отпеат и по 17-ти пат, скршил шише и носи белег од шиење на десната рака. Не е среќен што таа сега студира медицина бидејќи тој пат не е добар за жени кои сакаат да се и мајки. Сака Македонија да стане дел од Европската Унија и се бори за таа цел.
Приказна втора:
Сакаше барок и пари. Многу пари. Владееше со помош на пропаганда и корупција. Со огромни суми дадени во пропаганда го менуваше наративот за идентитетот на Македонците игнорирајќи ги фактите дека во античко време на кралства не постоеле нации. Јавно се претставуваше скромен, а бомбите открија дека преферирал возење во луксузен Мајбах, планирал да гради раскошна барок куќа, купувал плацеви, оставајќи одговорноста за неговите апетити да ја понесат неговите најблиски соработници. Слушаше техно, сакаше да вози велосипед. Беше ефикасен и насочен кон остварување на поставените цели. На крај ја одбра комоцијата пред херојството решавајќи се на улогата на бегалец, наместо притвореник.
Погодувате дека се ова две стории за сегашниот и бившиот премиер кои произлегуваат од нивните јавни настапи и она што медиумите го пренеле како хајлајт од настаните што го одбележале нивното владеење.
Секој од нас носи наратив кој што ги содржи во голем дел вредностите што личноста ги интернализирала.
Според теоријата на наративен идентитет, човекот има тенденција да го интегрира своето животно искуство во развојна приказна која се потпира на реконструираното минато, перцепирана сегашност и замислена иднина, со цел да даде смисла на животот.
Реконструирано минато бидејќи човечкиот мозок не е дизајниран да ги памети таксативно сите настани, туку го „селектира" она што му оставило впечаток. Перцепирана сегашност затоа што нашиот мозок не прима „голи" стимулуси, туку ги претвора во значења.
-претходни колумни: „Големата оставка“ и потребата од ревидирањето на односите вработени-компании
Еден од најцврстите темели во човечкиот идентитет се вредностите кои се во голема мерка стабилни и имаат континуитет.
Интернализираните вредности се значаен дел од нашиот наратив и ги комуницираме преку изборот на постапките, зборовите, начинот на однесување. На тој начин, личноста всушност гради личен „бренд". Најчесто несвесно. Но ако некој во личниот развој се позанимава со суштинските идентитетски прашања, „кој сум јас, која е мојата „голема слика", каде сум и каде сакам да стигнам", се подигнува и значењето на тоа што личноста одбира да го комуницира. Со блиски, на работно место, со јавноста и слично.
На пример, на социјалните мрежи многу често луѓето спонтано објавуваат нешто за себе, како фотографија, мисла, искуство, но со начинот како тоа го комуницираат се претставуваат себе си и своите вредности.
Кога се работи за избрани функционери, има два идентитета. Оној на личноста и оној што го рефлектира организацијата/институцијата. Оние што се на лидерска/менаџерска позиција, освен што го комуницираат личниот бренд, го градат во голема мера наративот и на институцијата/организацијата.
Модерниот пристап во личниот развој и коучинг, што влече корени од егзистенцијализмот и хуманистичката психологија, е да се поттикне личноста да ги искористи сите свои ресурси, како карактеристики, знаење, искуство, таленти и вештини во остварување на максимум од личниот потенцијал во насока на целите кон кои личноста се стреми во патот кон самоактуализација.
Печатот на личноста или на институцијата
Личниот печат врз институцијата е клучен и посакуван, но да се има предвид целта за која институцијата е формирана. Нејзиното „зашто". На пример, има претседател на американскиот највисок суд и ја има Рут Бедер Гинзбург. Има менаџер на автомобилска компанија и го има Илон Маск. Или на наше тло, има обвинители и ја има Ленче Ристоска.
Оттука брендот на личноста е во голема мера клучен за наративот на институцијата/организацијата. Дали и колку личноста ќе ја „дефинира" институцијата или обратно, останува сензитивно прашање и е разлика во еволуциски концепти. Односно, дали личниот развој на функционерот е на ниво да ги употреби своите ресурси за промоција на вредностите за кои институцијата е формирана или пак правилата на институцијата треба да го ограничат поединецот во (зло)употреба на моќта што функцијата му ја дава. Некојпат му служат и како алиби. Во двата случаја свесноста за пораките и вредностите што се комуницираат е важна.
-претходни колумни: Што ги поврзува Европското во фудбал и сечата во Центар?
На пример, кога на премиерот ќе му понудат простор за интервју, побитно од насочувања кон тоа што е прашан, би било да знае што сака да испрати со тоа како порака. Наративот на Зоран Заев како приватно лице кое мисли дека медицината не е добра професија за жена бидејќи ќе ја оддалечи од улогата на мајка и „столб" на семејството не е проблематичен, освен кога тој зборува од функцијата премиер кој ја „брендира" владата со крајно конзервативни вредности со кои огромен број жени не се идентификуваат. Ниту се социјалдемократски.
Во друг пример, градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, според објавеното во медиумите, се „брендираше" себе си како немоќен пред централната власт или пак поголем поборник за приватниот отколку јавниот интерес, ставајќи го својот потпис на почетокот на избрадбата на првата висококатница карши Холидеј Ин.
Во коучингот и советувањето за личен развој, значајна тема е наративниот идентитет и откривањето на приказната која клиентот сака да ја раскаже. Притоа замката е да се направи разлика помеѓу идеализирана слика за себе и идеалот на автентичното јас.
Наративот за потомци на Александар Македонски на пример, беше скапо платена иделизирана слика со тенденција Македонците да ја добијат некаква компензација на сопствената немоќ (финансиска, економска и сл.) со моќта која произлегува од наративот на херој, освојувач, можен владетел.
За разлика од маркетингот, во коучингот „брендот" не се гради според „потребите на потрошувачите", туку преку алатки на интроспекција личноста (или тимот во една организација) самата ги (ре)открива вредностите и ресурсите што ги поседува, ја „пребарува" сопствената „голема слика" и потоа свесно го комуницира, па и го менува личниот наратив со стекнатите сознанија, кон посакуваните лични (или организациски) цели.
Кога велиме европски вредности, на пример, ние зборуваме за автентичните вредности што граѓаните на Унијата ги рефлектираат и системот што е изграден тие вредности да ги штити.
-претходни колумни: „Сопнувајќи“ се на среќата
Но кои се македонските? Кој е нашиот наратив?
Кои сме ние? Која е нашата „голема слика"?
Барањето виновници за нашето лошо брендирано судство, како што направи претседателот на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев, е губитничка стратегија. Комуникација на вредностите во институцијата, подигнување на свеста за големата слика и дефинирање на целите и промоција на тие вредности преку постапките е она што ќе го смени наративот.
А наративот почнува од секој граѓанин и прашањето „кои се моите вредности и како сакам да ги искомуницирам? Така доаѓаме до заедничката приказна на сите граѓани.
Која приказна сакаме да е нашата приказна, е клучното прашање притоа.