Крај на „распродажбата“ на ЕУ-државјанства?
7 август 2018Европската комисија бара земјите-членки да издаваат помалку пасоши на граѓани од трети држави. Еврокомесарката за правда Вера Јурова за весникот „Ди велт“ изјави: „ЕК со голема загриженост ја следи праксата на т.н. „златни пасоши“, и од наесен најавува нова регулатива на оваа област.
ЕУ не смее да се претвори во пристаниште за криминалци, корупција и валкани пари, истакнува Јурова. „Одделни држави-членки треба да вложат поголеми напори и да не им даваат државјанства на криминалци, кои претставуваат опасност за безбедноста на Европа или сакаат само да перат пари.“ Во весникот „Ди велт“ конкретно се споменуваат Кипар, Малтаи Грција. Купувачите на „златни пасоши“ најчесто потекнуваат од Кина, Русија или држави од поранешниот Советски Сојуз.
Кипар во изминатите десет години издал вкупно 3.381 пасош на странци-инвеститори на островот. Заинтересираните за добивање на кипарски пасош како услов имале основање фирма на островот со депонирање најмалку два милиона евра и вработување најмалку петмина ЕУ-државјани. Алтернативно, кипарско државјанство се добива и преку купување недвижност во вредност не помала од 500.000 евра.
Малта на странците им нуди купување државјанство почнувајќи од 2014. година: за 650.000 евра и инвестиција во недвижнини од најмалку 350.000 евра добростоечките муштерии овде добиваат пасош со кој можат непречено да патуваат низ целиот Шенген-простор. Малтешката влада објавува годишна листа на новите носители на „златни пасоши“, но без наведување на националноста и според азбучен редослед на имињата. Последната достапна листа за новите државјанства во 2016. година, содржи преку 2.000 имиња. Според весникот „Малта“, државата во 2016. година со ова заработила преку 160 милиони евра.