1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на срамните дипломатски препукувања на Берлин и Киев

6 мај 2022

Беше крајно време за надминување на недоразбирањата помеѓу претседателите на Германија и Украина. Во моментов е неопходно концентрирање само на едно - пораз на Русија, оценува Франк Хофман.

https://p.dw.com/p/4Atup
Ukraine Kiew Alltagsszenen im Krieg
Мајдан и споменикот на независноста во Киев, поставен во 2001 година, досега се неоштетени во војнатаФотографија: Pavel Nemecek/dpa/CTK/picture alliance

Каква среќа - претседателските кабинети во Берлин и Киев конечно најдоа излез од оваа непотребна дипломатска жална епизода. Откако пред три недели украинската страна му откажа гостопримство на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, кој во Украина од разбирливи причини не е многу популарен, пред сѐ социјалдемократските пријатели на Штајнмајер беа тие кои се препуштија на оргии на навреденост кои не беа достојни на ситуацијата.

Во Европа има војна. Секојдневно страдаат невини Украинци. Путиновата солдатеска измачува, силува и киднапира луѓе. Прави злосторства како Европа и целиот свет, по две катастрофи во 20. век, никогаш да не се договориле за збир правила за заштита на човековото достоинство прифатливи за сите страни. Како по колежот на Балканот помеѓу 1991 и 1995 година, по Сребреница и опсадата на Сараево, Европа да не се увери уште еднаш во „никогаш повеќе“.

„Имаме право да бидеме емоционални“

По евакуацијата на околу стотина луѓе од челичарницата во Мариупол под надзор на ОН, вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук, пред камерите на германската приватна телевизија „Велт“ со право изјави: „Имаме право да бидеме емоционални. Имаме право да бараме повеќе - повеќе оружје, повеќе санкции (...) Тие губат пари додека ние губиме животи!“ 

Минатата недела германскиот Бундестаг со големо мнозинство одлучи Украина да биде снабдена со тешко оружје од Германија, која е четврти по големина производител на оружје во светот. За тоа гласаа и пратениците на најголемата опозициска партија, чија членка Ангела Меркел до неодамна беше канцеларка. Таа одлука на мнозинството е демократски одговор на Германија на војната на Путин. И до тоа засега треба да се придржуваат сите државотворни партии во оваа држава. Тука нема простор за непотребна суета.

Тоа значи и дека германскиот канцелар Олаф Шолц сега треба да испрати политички сигнал и со францускиот претседател Емануел Макрон да го прослави 9 мај, Денот на Европа - во Киев. На Мајдан, каде што Украинците во зимата 2013-14. се изборија за својот пат во Европа. 

„Одете си дома“

Тоа би било добра прилика да му се покаже на светот како Европа има намера долгорочно да се справи со оваа руска навреда - со тоа што чуварот на печатот на човековите права, претседателот на Grande Nation и канцеларот на земјата која важи за сидро на стабилноста во Европа јасно ќе стават до знаење што бара срцето на Европа.

Особено германскиот канцелар е тој што има посебна одговорност: на крајот на краиштата, германските војници беа тие кои за последен пат во историјата ја претворија Украина во кланица за време на Втората светска војна. Ако демократска Германија не се соочи повторно со тој дел од својата историја и не ги извлече вистинските заклучоци од него, нелагодноста само ќе се зголемува.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек, на прашањето на новинарите која е неговата порака до Русија, овој одговор го формулираше многу кратко и прецизно: „Запрете ја војната и одете си дома!“ Германија мора да направи сѐ што е во нејзина моќ за да се погрижи тоа да се случи што е можно поскоро.