Крвавиот четврток како бермудски триаголник
29 ноември 2017Долга ноќ во Кривичниот суд, но и жешка среда во парламенот. Притворите за 27-ми април и судските барања за симнување на пратенички имунитетети се темите што од вчера ја тресат политичката сцена во Македонија. Епилогот од вчерашниот распит на 20-тина од вкупно 36 осомничени за учество во настаните од 27-ми април, сѐ уште не е целосно познат. Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, донел решенија со кои за О.П., О.Р., И.Д., М.П. и М.Ч. го прифатил предлогот на Обвинителството и им определил мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти синоќа Судот. За лицата Е.Б. и С.М. судијата не го прифатил предлогот за определување мерка притвор, а како мерка за обезбедување присуство им определил мерка куќен притвор. За останатите лица, за кои синоќа се уште не било завршено сослушувањето, по донесувањето на решенијата Судот денеска ќе ја информира јавноста.
Зад посочените иницијалите на оние кои добиле 30-дневен притвор се препознаваат имињата на Митко Чавков, поранешен министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, кој од синоќа бил спроведен во истражниот затвор во Шуто Оризари. Истата мерка е одредена и за Оливер Радулов - осомничен за земањето на хард-дисковите со безбедносни снимки од Собранието, за Игор Дурловски - еден од водачите на „За заедничка Македонија“, и најверојатно за Митко Пешев, поранешен началник на одделението за специјални полициски операции.
Расправа за имунитетот
Синоќа пратеникот Крсто Мукоски си замина дома по распитот пред судија на претходна постапка, а пред полноќ од Судот излезе и неговата колешка Жаклина Пешевска, која беше пречекана од присутните на протестот и се задржа во разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
За ниту еден од шесте осомничени пратеници не може да биде реализирана никаква мерка на претпазливост, доколку Собранието прво не им го симне имунитетот. Таква процедура ќе започне денеска, откако Судот вчера со писмо го информираше преседателот на Собранието дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција предлага определување притвор за пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски Жаклина Пешевска и Љубен Арнаудов. За да може Судот да постапува по ова барање, Собранието треба да донесе одлука дали ќе им го симне имунитетот. Претседателот на парламентот ова барање денеска треба да го достави до собраниската Комисија за мандатно-имунитетни и деловнички прашања. Комисијата треба да донесе заклучок со мнозинство гласови, а Собранието со мнозинство од 61 глас да одлучи дали ќе усвои или ќе го одбие заклучокот.
Иванов „смирува“
Истрагата на Обвинителство за настаните и учесниците во крвавиот четврток, по вчерашните приведување предизвика реакции кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Дел од пратеничката група на оваа партија побара средба кај претседателот Иванов, по што тој имаше вонредно обраќање пред јавноста, а пред полноќ оствари уште една средба - со Груевски и Заев.
„На покана на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вечерва во Кабинетот на претседателот, се одржа средба на која присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски“, информираа од Кабинетот на Иванов.
Како што е наведено во соопштението, тема биле актуелните случувања.
„Се разговараше за можни решенија за излез од актуелната состојба на напнатост во државата што предизвикува загриженост кај граѓаните. Целта на средбата беше да се поттикне помирување и нормализирање на политичките процеси во Република Македонија. Присутните на средбата се согласија разговорите да продолжат и во иднина“, се наведува во соопштението на Кабинетот на Иванов.
Во вчерашното обраќање до јавноста, Иванов рече дека „мора да има одговорност за политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27-ми април“.
„Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара, но одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, презумпција на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела“, рече Иванов.
Во правната фела оваа негова изјава се толкува како „притисок и предупредување до Обвинителството и судот“, особено што во натамошното излагање тој изрази лична поддршка за граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и став дека „граѓаните кои се сплотија и ја демонстираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација“.
Со исти тези вчера и опозициската ВМРО-ДПМНЕ повика на протест. Партискиот лидер Никола Груевски кој по настаните од 27-ми април изјави дека секој што учествувал во насилни акти треба да одговара, сега тврди дека станува збор за политички прогон од хунтата на Заев. Со исклучително мал одзив на неговиот повик, активисти и симпатизери на опозициската партија протестираа пред Кривичниот суд, а дел од нив активностите ги проширија и со блокирање на повеќе сообраќајници во градот.