Кривични пријави за стечајот на „Еуростандард банка“
16 октомври 2020По затворањето на „Еуростандард банка“, Народната банка денеска поднесе и кривични пријави. Пријавите се поднесени за предизвикување стечај на банка до Јавното обвинителство против поранешни одговорни лица на Еуростандард банка. Истовремено, до Јавното обвинителство, Народната банка предложила и преземање мерки кои што се во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите. Од надлежните институции нема подетални информации против колку поранешни одговорни лица од Еуростандард банка е поднесена кривичната пријава за предизвикување стечај.
„Имајќи го предвид членот 181 од Законот за банките, со којшто се нормира кривичното дело – предизвикување стечај на банка, Народната банка до Јавното обвинителство има поднесено кривична пријава против поранешни одговорни лица во „Еуростандард банка“ АД Скопје – сега во стечај. До Јавното обвинителство, Народната банка предложи и преземање мерки коишто се во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите“, соопшти Народната банка.
Народната банка во август ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка поради неисполнување на минималните услови за работа.
Пријавите адресирани до Костовски или до неговиот син
Поранешниот главен акционер на Еуростандард банка Трифин Костовски изјави дека очекува кривичните пријави да бидат адресирани за него или неговиот син, но дека до сега нема никаква информација.
Тој во изјава за „Фокус“ вели дека слушнал за кривичната пријава, иако ниту тој нема информација против кого точно е поднесена. Сепак, вели дека очекувал да биде поднесена бидејќи премиерот Зоран Заев сам најавил кривични пријави на средбата со оштететените доверители.
„И јас денеска дознав за предложените кривични пријави од Народната банка. Јас ги очекував и навистина ми е мило што сета оваа голгота ќе добие каков – таков епилог. Значи, човекот со чисти раце инсистираше на кривични, премиерот како портпарол ги најави на средбата со оштетените од стечајот на Еуростандард банка, одржан пред два дена и секако дал налог да се објават во јавноста! Убеден сум дека мојата колумна од пред два дена длабоко ги вонемири. Откриени се црните намери! Вистината за стечајот е само една! Политичко-бизнис криминал!", вели Костовски во изјава за „Фокус“.
Оштетените бараат правда
Оштетените штедачи од „Еуростандард банка“ очекуваат сите партии да го поддржат предлог-законот за обесштетување кој велат треба да ја исправи неправдата нанесена на штедачите, правни и физички лица.
Иницијативниот одбор на Здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банка вчера информираше дека оствариле повторна средба со премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот Фатмир Битиќи. На состанокот било повторено барањето на Здружението за носење закон со кој државата ќе ги преземе побарувањата од физичките и правните лице депоненти на Еуростандард банка и ќе ги обесштети.
„Потоа државата да наплати од стечајната маса и воедно директно да расчисти со криминалот со давање неповратни кредити, кој се случувал во банката со години. Исто така, беше потенцирано дека сите пратенички групи во Собранието веќе ја дадоа својата целосна поддршка за носење на предлог-законот. Премиерот, и покрај првично изразената волј да се помогне, сега изјави дека тоа е спротивно на законските норми, кои важат во нашата земја и дека државата не може да ги обесштети оштетените физички и правни лица на Еуростандард банка со закон затоа што такво мислење добил од меѓународните финансиски институции“, соопштија тие.
Народна банка на Македонија во август и ја одзеде дозволата на Евростандард, оти не ги исполнувала минималните законски услови за работа. Во Банката имало штедни влогови во износ од 71,5 милиони евра. Преку Фондот за осигурување на депозити (ФОД) ќе бидат обештетени граѓаните и тоа во износ до 30 илјади евра по лице.