Младите „запаленковци“ од Заливот играат со оган
7 јуни 2017На реакцијата на американскиот претседател не требаше долго да се чека. Неколку часа по дипломатската и истовремено географска изолација на малата држава, Емиратот Катар во Персискиот Залив, Доналд Трамп преку Белата куќа порача дека сака да придонесе за деескалација на ситуацијата. Доколку се покаже потреба, тој би испратил висок претставник од својата влада во улога на посредник во кризниот регион.
Но, Трамп не е искрен во оваа прилика. А не е ни случајност што најновотоѕвечкање со оружје во Заливот се случува непосредно по неговата историска посета на Ријад. Таму тој ја прогласи вахабистичката заливска монархија за водечка сила во арапскиот и исламскиот свет и помошник-шериф на САД во регионот. За злосторник Трамп го посочи Иран и неколку недефинирани држави кои го поддржуваат тероризмот. Саудијците на оваа чест веднаш возвратија со воен „дил“ со САД тежок преку сто милијарди долари.
Катар е прв кој го чувствува поместувањето на тежиштето на моќта. По пучот на принцот-престонаследник Хамад бин Калифа против неговиот татко во 1995 година, малиот Емират се труди да избори улога на самостоен играч во регионот и во светот. Со помош од неговите речиси непресушни резерви од земен гас во десната и панарапската телевизија Ал Џазира во левата рака, Катар прерасна во дипломатски тешкаш, кој својата моќ посебно ја манифестираше за време на Арапската пролет против властродржците во другите арапски држави. Кај многумина режимски критичари на Блискиот Исток, популарноста на Катар енормно порасна. Но, од самиот почеток, тоа беше трн в око на големиот брат, Саудиска Арабија. Злите јазици тврдат дека катарскиот емир Хамад во 2013 година морал да абдицира во полза на својот тогаш 30-годишен син Тамим поради саудиски притисок.
Кум на сите контрареволуционерни сили
Но, и Тамим се замери со своите соседи, иако Ал Џазира од 2014. година се воздржува од критичко известување во однос на Саудиска Арабија, како на внатрешно, така и надворешнополитички план. Сепак, сега чукна големиот час на Ријад, по милијарди долари големиот „дил“ со Трамп. Притоа, фактичкиот архитект на ова поместување на тежиштето на моќта е 56-годишниот Мухамад бин Зајид Ал Нахјан. За заливски услови сѐ уште младиот принц престолонаследник од Абу Даби е кум на сите контрареволуционерни сили во земјите на Арапската пролет. Сеедно дали во Тунис, Либија или Египет, насекаде старите гарди можат да се потпрат на поддршката од Мухамад бин Зајид. А со тоа неговите интереси се дијаметрално спротивни од оние на Катар, посебно во однос на Муслиманските браќа.
Престолонаследникот од Абу Даби има многу добри односи со американскиот претседател Доналд Трамп. Нив Мухамад бин Зајид ги користи за да се заложи за амбициозниот сојузник: вториот по ранг принц престолонаследник во Саудиска Арабија, Мухамад. Тој би сакал што е можно поскоро да стане заменик-крал во Ријад и да го замени својот многу стар татко. Значи, кризата околу Катар е поврзана и со интерните борби за моќ во рамките на саудиското кралско семејство.
Катар секако не е некој примерен ученик. Емиратот во многу кризни жаришта поддржува екстремистички групи, на пример поранешниот Нусра-фронт, некогашно крило на Ал Каеда во Сирија. И во поглед на демократијата Емиратот не е на истакнато место: од 1970 година во Катар не се спроведуваат парламентарни избори, а политичките партии таму се забранети. Да не зборуваме пак воопшто за човековите права, посебно во врска со недостоинствените услови на градилиштата за стадионите за Светското фудбалско првенство.
Бескомромисно и насилно
Но, токму Саудиска Арабија да обвинува некого за поддршка на тероризмот, е гротескно. Најмалку 60 години Саудиска Арабија е најголемиот светски извозник на екстремистички идеологии и дестабилизатор на многу региони во светот, клучувајќи го Кавказ, Балкан и Западна Европа. Ал Каеда, талибанците, исламистичките групи во сириската, алжирската и во ирачката граѓанска војна, екстремистички џамии низ цел свет - ријадските петродолари се погрижуваат за брза пропаганда на вахабистичкото учење на Саудијците, кои се екстремно бескомпромисни и подготвени на насилство во однос на неистомислениците.
Единствената гаранција на Катар досега е американската воздушна база кај Удајд, западно од Доха. Администрацијата на Трамп тврди дека нема планови за дисплоцирање на најголамата база во регионот, со преку 10.000 војници, во некоја друга земја. Но, вакви изјави во САД во време на Трамп како претседател, лесно може да се претворат во спротивност. Проблематично е и држењето на многумина „сателити“ во западните земји, кои сега се впуштаат во расчистување на отворените сметки со Катар. На пример, претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Рајнхард Гриндел, кој не исклучува веќе бојкот на Светското фудбалско првенство во Катар и би сакал во иднина големите турнири да не се одржуваат во земји кои акивно поддржуваат терор. Обвинувањето за терор, на саудиското ѕвечкање со оружје во правец кон Доха, му е само параван. На Саудијците им е важна единствено апсолутната надмоќ. Но, арапскиот свет, во кој ќе биде исклучен секој опозиционен глас против Саудиска Арабија, ќе потоне дополнително во црнила.