1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Не излегувајте од дома, апелира Филипче

ДТЗ /ДВ
6 ноември 2020

Целата зграда за Клиниката за интерни болести ќе биде наменета за третман на пациенти со ковид, откако секој трет што се тестирал вчера бил позитивен на вирусот. Министерот Филипче апелира да се седи дома.

https://p.dw.com/p/3kyQI
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Есплозијата на огромни бројки на новозаразени со Ковид-19 која што ги зафати Европа и регионот, не ја заобиколи ниту Северна Македонија.
„Ситуацијата е сериозна, не излегувајте од дома доколку немате потреба“, апелираше денеска министерот за здравство Венко Филипче. Откако ковид-центрите започнаа забрзано да се полнат со пациенти, донесена е одлука целата зграда на Клиниката за интерни болести да биде пренаменета за заразени со Ковид-19.

„Во последните недели имаме експлозија на вирусот, како кај нас, така и во регионот и Европа. Состојбата е крајно сериозна, но здравствениот систем е максимално мобилизиран за одговор на предизвикот. Сакам да им се заблагодарам на здравствените работници за надчовечките напори“, изјави Филипче. Тој ги повика граѓаните да се однесуваат одговорно.

Бројот на хоспитализирани лица со ковид-19 во земјава достигна 890, што е околу 7 отсто од регистрираните заболени. Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3082 тестирања, а регистрирани се 1128 нови случаи на ковид-19. 

Интерно станува ковид-центар

Поради тоа, активиран е планот за дополнителни капацитети.
„Во моментов целосно се исполнети капацитетите на Инфективната клиника, модуларната болница, во функција е ставен Центарот за белодробни болести каде сѐ уште има капацитети и каде може да се сместат пациенти, а за третман на пациенти со ковид-19 ќе биде наменета и целата зграда на Интерни клиники“, најави министерот за здравство.

Филипче укажува дека вирусот е широко распространет, па и најмало невнимание може да значи инфекција. Проценката е дека во овој момент нема потреба од дополнителни рестрикции.
„Состојбата е сериозна, здравствениот систем е максимално мобилизиран за да одговори на предизвикот. Клучот е во почитувањето на мерките“, рече министерот и додаде: „Лекарите и медицинските сестри се спремни, имавме состаноци изминативе денови. Ќе бидат ставени во функција 150 дополнителни кревети на интерните клиники, други 100 има на други одделенија, и плус со други 100 располага болницата ‘8 Септември’“.

Повеќе тестови, започнува и вакцинацијата

Зголемен е и притисокот врз службите за брза помош, а есенскиот бран го зголемил и притисокот кон пунктовите за тестирање. Зголемени се капацитетите за 400 до 500 тестови на ден, а вклучени се и брзите тестови. Пристигнаа и вакцините за грип, па вакцинацијата е планирано да започне во вторник.

Според извештајот на СЗО во Европа минатата недела е забележан пораст за 46 отсто на смртните случаи од коронавирус во споредба со претходната недела. Слична е ситуацијата и во регионот. Огромен број случаи има и во Грција, -2.917 нови и 29 починати, во Албанија- 421 случај, во Србија - 2.181 случај, во Хрватска- 2.818, во Словенија- 1.685, во Босна има 1922 новозаразени пациенти. Во Северна Македонија до сега од Ковид-19 заболеа 36.372 лица. Бројката на оздравени пациенти е 22526, на починати е 1084.

Најголем предизвик за земјата, како и за сите земји во сите земји регионот се сместувачките капацитети и недостигот на кадар. Во моментот има 12.762 активни заразени, а процентот на оние кои им е потребен болнички третман е 7%, односно хоспитализирани се 890 заразени.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи