1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крстев: Пандемијата е вистинскиот почеток на 21. век

2 јануари 2021

Бугарскиот политиколог Иван Крстев смета дека идејата за „новото нормално”, што ја наметна Ковид-19, нема така брзо да исчезне.

https://p.dw.com/p/3nPKX
Symbolbild Corona PCR Test
Фотографија: picture-alliance/S. Simon

ДВ: Господине Крстев, помина една цела година откако Ковид-19 почна да го менува светот. Од Ваша гледна точка, како ја промени Европа?

Крстев: Имаше одреден начин на живот кој или ти се допаѓа, или не, но сите сметавме дека е сам по себе разбирлив. Одеднаш сфативме колку е фрагилен. На пример, сметавме дека е нормално да може да патуваме каде сакаме. Потоа сето тоа преку ноќ го снема.

Модерно е Ковид-19 да се споредува со војна. Но, кога неодамна се враќав во Софија преку Виена сфатив дека, парадоксално, пандемијата е спротивно од војна. За време на војна најполни места се железници и аеродроми, бидејќи луѓето се постојано во движење, патуваат во разни правци, бидејќи се трудат да избегаат од нешто. За време на пандемијата тоа се најосамени места на светот. Тоа што светот „се замрзна“, е еден од начините на кои се промени. И мислам дека одземањето на идејата за тоа што е нормално, ќе остане.

Од една страна сѐ е замрзнато, од друга луѓето насекаде во светот се поврзани виртуелно или дигитално.

Се согласувам целосно. Европејците од Истокот од моја генерација многу зборуваат за слободата и што таа значи. Понекогаш тоа е многу физичко чувство. За некој од моја генерација само да се премине граница беше едно од најфизичките чувства на слобода што си можел да ги искусиш. И потоа одеднаш сето ова мораше да го обмислиме. Во моментот кога луѓето беазатворени во своите домови сфативме појасно од кога било дека живееме во заеднички свет бидејќи наеднаш разговаравме за истата работа насекаде на секој постоечки јазик.

И второ, таквата поврзаност стана виртуелна, што одеднаш значеше дека сум еднакво блиску до пријател на другата страна на улицата и на другата страна на светот, бидејќи кога не можеш да го напуштиш домот обајцата ти се еднакво далечни. Уште поинтересно е дека наеднаш почнаа да нѐ интересираат нешта што вообичаено не би нѐ интересирале. Така, затворањето на луѓето во нивните станови всушност на некои од нив им отвори нови светови, бидејќи сега разбраа колку сме сите исповрзани.

Ivan Krastev im DW Interview
Иван Крстев, политиколог и шеф на Центарот за либерални стратегии во Софија и постојан соработник на Институтот за хумани науки во ВиенаФотографија: DW

Пандемијата имаше и трет ефект врз Европа: учествував во големо истражување од страна на Европскиот совет за надворешни релации пред да се усвои планот за спас по короната. Тогаш луѓето велеа дека се разочарани од иницијалната реакција на ЕУ. Шпанците и Италијанците беа посебно огорчени, но заклучокот што го извлекоа луѓето од кризата беше дека ни треба повеќе европско консолидирање.

Една од причините за парадоксот што луѓето сакаа повеќе Европа во време кога мислеа дека Европа не одговорила на барањата на почетокот на кризата е што Европејците светот одеднаш го гледаа со други очи.

Пред шест месеци напишавте книга за тоа како пандемијата влијаела на Европа... Што е променето оттогаш?

Кога се работи за поттикот за евроинтеграција, ова беше радикален пробив. Но, имаше и големи загуби - и за мене тоа е интересниот психолошки дел од кризата. Имавме прв локдаун. Потоа дојде летото и очекувавме дека најлошото веројатно поминало. Сепак научниците продолжија да предупредуваат дека не е поминато. Потоа дојде вториот локдаун и стана јасно - барем по она што го гледам во Австрија и Бугарија - дека луѓето немаа волја да ги следат препораките на владите. Во основа луѓето беа исцрпени и некои сметаа дека владата претерува. Сега, барем што се однесува до вакцините и вакцинирањето, мислам дека нивото на недоверба во општеството станува самоуништувачко.

Според Вас зголемена е недовербата низ Европа. Дали сметате дека ова има врска со теориите на заговори кои се шират наоколу?

Да, апсолутно. Слушаме многу вакви теории. Во мојата земја се шират различни видови на теории на заговор и сите видови на недоверба во научната јавност и владата. Кога започна кризата, не само што се надевав, туку и очекував дека довербата во експертите ќе се зголеми многу, бидејќи, на крајот на краиштата, кога станува збор за личното здравје, или за здравјето на роднините и пријателите, луѓето се многу повеќе подготвени да им веруваат на лекарите и експертите отколку да речеме за прашања поврзани за надворешна политика. Во земји како Германија, мнозинството во основа ги следи препораките. Но, во други земји, не само во источноевропските, еве на пример во Франција – може да видите дека нивото на недоверба во каков било вид мислење на експерт е такво што луѓето порадо им веруваат и на најлудите теории на заговор.

Дали е ова закана за демократијата во Европа?

Да, бидејќи довербата е многу важна во демократијата. Онаму од каде што доаѓам, да им се верува на владите цело време не е добра работа. Всушност недовербата во владата е многу важна. Но недовербата во владата треба да се заснова на одредена аргументација и одреден вид на рацио кое ги охрабрува луѓето. Она што ме мачи најмногу во однос на нивото на недоверба кое расте за време на оваа криза е дека луѓето навистина почнаа да имаат недоверба во владата и да играат на карта страв без во основа да бидат подготвени да предложат нешто. На пример, противење на вакцината. Ова е недоверба која може да парализира каков било вид на колективна акција.

Atemschutzmaske mit Aufschrift Fake News
Во земји како Германија, мнозинството во основа ги следи препораките, но во други земји, не само во источноевропските, на пример во Франција, нивото на недоверба во каков било вид мислење на експерт е такво што луѓето порадо им веруваат и на најлудите теории на заговор, вели КрстевФотографија: imago images/C. Ohde

Интересно е тоа што националистите и популистите не може да профитираат од акуелната ситуација. Пред неколку месеци многумина мислеа дека политичари како Трамп и Орбан можеа да станат и посилни како резултат на кризата. Но во реалноста се случи токму спротивното. Зошто?

Ова е навистина точно. Јас дури и би тврдел дека популизмот не е вкоренет во страв, туку во анксиозност. Ова е многу дифузен вид на страв и луѓето реагират така што бараат некој кој ќе ја претставува нивната анксиозност. Но, потоа доаѓа криза како пандемијата од коронавирусот и тогаш им се потребни политичари кои се подготвени да преземат одговорност и да им ги решат проблемите. Во оваа смисла, популистите не понудија ништо. Секако, многу од овие силни лидери кои се преправаа дека ја имаат кризата под контрола, всушност не сакаат вакви кризи, бидејќи до одредена мера за вакви кризи се потребни лидери кои имаат капацитет да соработуваат со општеството.

Па, што можат да направат европските демократии за да ги убедат луѓето?

Либералните демократии треба да покажат дека приоритет им е колективниот интерес. Луѓето имаат право на несогласување. Но тие мора да бидат подготвени да се справат со последиците ако се решат на таков чекор. На пример, не гледам ништо погрешно во одлуката на авиокомпаниите да примаат во авион само вакцинирани патници, бидејќи со тоа ги штитат и останатите. 

Дали силата на демократијата всушност престставува ризик во вакви услови?

Постои реален ризик. И тој ризик доаѓа во она што се надевам дека ќе биде последна фаза од оваа криза, а тоа е како да се организира вакцинацијата. Имаме класичен судир, типичен за секоја либерална демократија, меѓу индивидуалните права и јавниот интерес. На пример, јас како индивидуа, имам право да кажам дека не сакам да се вакцинирам. Ова е моја лична одлука од причини кои може да бидат различни од останатите луѓе. Или може да одлучам дека имам право да одберам со која вакцина би сакал да бидам вакциниран. Истовремено, за општеството да се врати во норамала, потребна е одредена критична маса на вакцинирани луѓе.И ова, според мене, е нешто што е од пресудна важност. Како ќе го регулираме овој судир меѓу индивидуалните права ивраќањето кон нормалност, ако се има на ум дека секој месец пролонгирање на кризата, носи многу високи економски трошоци? Притисокот да се направи нешто околу економијата ќе расте. Европа не може да си дозволи да биде последната која ќе се опорави од кризата. Истовремено и социоекономските разлики ќе бидат од клучно значење.

Со какви предизвици се соочува европскиот проект во 2021 и како ќе може да ги надминеме?

Верувам дека е многу важно за Европа како целина да излезе од кризата во 2021 и да се врати на одредено ниво на нормалност. Тоа во основа значи реобнова на економијата, отворање на границите и премин во пост-пандемиска ситуација. Исто така верувам дека начинот на кој ќе се позиционира Европската унија во 2021-ва ќе биде пресуден. Во овој поглед односите со САД и Кина ќе бидат од огромна важност. Пандемијата го означува вистинскиот почеток на 21-от век.

 

Иван Крастев е политиколог и шеф на Центарот за либерални стратегии во Софија, Бугарија, и постојан соработник на Институтот за хумани науки во Виена, Австрија.