Крутиот Трамп и суверената Меркел
18 март 2017Само да не тргне нешто наопаку на првата средба! Канцеларката Меркел и претседателот Трамп решија да ги истакнат заедничките работи, да ги прикажат разликите помали отколку што се или воопшто да не ги спомнуваат. И, се држеа до тоа, особено пред новинарите. Иако, в очи паѓаше колку домаќинот е напрегнат. Не е ни чудо. Во Вашингтон во моментов ретко што му поаѓа од рака во делот на политиката на доселување, во односот со тајните служби, или во реформата на здравството.
Последното нешто што сега му е потребно на претседателот е гаф со една од најискусните шефови на влади во светот. Меркел, и покрај својата бегалска политика која ја отфрлаат голем број Американци, ужива и натаму голем углед во Вашингтон. Импонира особено економската сила на Германија.
Трамп е трет американски претседател со кого мора да најде заеднички јазик, основно политичко разбирање. На првата средба тоа не функционираше воопшто лошо. Со суверен настап таа одработуваше точка по точка: заеднички вредности, посветеност на НАТО, отворени граници во рамките на ЕУ, слободна трговија, како и радо нешто подобар однос со Русија - но дури откако ќе се реши кризата во Украина.
Единственото нешто со кое канцеларката го „боцна“ претседателот е реченицата: подобро да се разговара еден со друг, отколку да се зборува еден за друг. Со тоа несомнено целеше на бесрамната критика на Трамп додека беше претседателски кандидат. Претседателот би сакал тоа да биде заборавено, беше нагласено љубезен и учтив кон гостинката.
Мали победи
Двете страни си подарија мала победа: Меркел - уште еднаш - вети повисок буџет за одбраната. Трамп без огради изрази посветеност кон НАТО. Сепак, двајцата ќе ги задржат различните претстави. На пример, во делот на трговијата. За време на прес-конференцијата Трамп со ниеден збор не го спомна планираниот договор за слободна трговија со Европа. Канцеларката пак нагласи дека од таков договор би профитирале двете страни. Веројатно двајцата на оваа тема разговарале отворено зад затворени врати.
Какви се ставовите на Меркел во важните политички сфери е добро познато: им се восхитува на САД, се држи до НАТО и ЕУ. Посветена е на западните вредности. Доналд Трамп, пак, со своите изјави минатата година посеа сомневања за тоа какви се неговите политички позиции. Сега искусните политичари како Меркел, или јапонскиот премиер, полека му помагаат да се позиционира јасно. Функцијата од човекот прави државник, а не обратно.
По правата средба на Трамп и Меркел ќе следуваат и други. Од оваа посета и не се очекуваа резултати. Трамп сѐ уште расне во улогата на претседател. Ангела Меркел треба притоа да му биде од помош, онаму каде што тоа го дозволуваат германските интереси. Зашто, од расцеп на Западот на крајот не профитира никој - дри ни неговите непријатели.