Култните автомобили на Германија
Од Фолксваген до БМВ, од Опел до Мерцедес-Бенц – германските производители на автомобили стојат за многу култни модели. Ги издвојуваме најдобрите.
Фолксваген „Бубачка“ (1938)
Нема сопирање за овој стар и верен модел. Со произведени повеќе од 21 милиони примероци, Бубачката на Фолксваген е еден од најпознатите автомобили во светот. Од 1938 до 2003 година, дизајнот на овој автомобил никогаш не отстапуваше од оригиналот.
Фолксваген Т1 (1950)
Разнобојното комбе за кампување, познато како „Були“, во Германија стана симбол на хипи движењето. Во Фолксваген на почеток не беа многу задоволни, но тоа не влијаеше на продажбите. Од претставувањето на моделот Т1 беа продадени повеќе од 10 милиони единици. Овој модел имаше и филмска кариера, иако во споредни улоги.
Месершмит Кебин Скутер (1953)
То што Кебин Скутер е опремен со три тркала и аеродинамично не треба да биде изненадување затоа што Месершмит првично произведуваше авиони. По војната, беше забрането производството на авиони па затоа, компанијата се согласи со инжењерот Фриц Фенд да работат на неговиот модел „Флицер“. Партнерството траеше кратко – во 1956 година Месершмит повторно се врати на производството на авиони.
Мерцедес 300 СЛ (1954)
Прекарот на овој автомобил е „Гулвинг“ (Крилја на галеб), благодарејќи на вратите кои наликуваат на крилја. Тркачкиот автомобил 300 СЛ Сребрена стрела му обезбеди на Мерцедес-Бенц повторно враќаање на спортската сцена. По победата на трката „24 часа на Ле Ман“ и „Карера Панамерикана“ овој модел почна да се произведува и во верзија за секојдневна употреба.
БМВ Изета (1955)
Иако не беше брз, БМВ Изета се покажа како голем финансиски успех за БМВ во периодот помеѓу 1955 и 1962 година. Евтин и практичен, овој микроавтомобил со мотор од мотоцикл беше познат како „автомобил меур“. Вратата се отвараше однапред како кај фрижидер.
Гогомобил (1955)
Уште еден микроавтомобил со култен статус е Ханс Глас „Гого“, именуван според внукот на сопственикот на компанијата. За разлика од другите мини возила кои се појавија пред него, во Гого можеа да се превезуваат до четири лица - иако должината на автомобилот од 1,6 метри го прави таквото возење неудобно. За возење на овој автомобил потребна е дозвола за возење на мотоцикл.
Порше 911 (1963)
Овој модел на Порше се произведува повеќе од половина век што го прави еден од најдолго произведуваните модели во автомобилската историја. Сите негови реинкарнации ги задржаа неговите најважни карактеристики.
Мерцедес Бенц 600 (1964)
Телефон, клима и фрижидер - се дел од опремата на луксузниот германски седан од 60-те и 70-те години. Сопственици на овој модел беа голем број познати личности – од Папата во Ватикан до Џон Ленон. За германската влада, автомобилот претставуваше голема инвестиција, но за потребите при државната посета на кралицата Елизабета Втора во 1965, германската влада изнајми еден ваков автомобил.
Трабант 601 (1964)
Трабант во Источна Германија беше исто што и Бубачката на Фолксваген – возило за народот. Беше ефтин за произведување, а надворешните делови беа направени од тврда пластика. Овој автомобил се најде во фокусот по падот на берлинскиот ѕид, кога граѓаните на ДДР масовно ја преминуваа, тогаш отворената, граница помеѓу истокот и западот во нивните Трабанти.
Опел Кадет (1965)
Според песната на германскиот панк бенд ВИЗО, „без разлика дали е лимузина, караван или купе – најдобриот автомобил е Кадет Б“. Се чини дека со тоа се сложија 2.7 милиони купувачи – што го прави овој модел еден од најуспешните за Опел. На почетокот на 70-те, Опел го користеше слоганот „Das Auto“ за моделот Кадет Б – долго пред истиот да го рециклираат ривалите од Фолксваген.
Вартбург 353 (1966)
Вартбург го доби името според замокот во градот каде што овој автомобил се произведува, Ајзенах. Производството главно беше наменето за странските пазари и овој евтин автомобил имаше успех на пазарите во Унгарија и Велика Британија. Во Западна Германија, сепак, побарувачката за овој автомобил беше ниска затоа што поседувањето на Вартбург значеше и политички став.
НСУ Ро 80 (1967)
Кога НСУ го претстави моделот Ро 80, конкурентите со внимателност ја следеа ситуацијата. Автомобилот беше опремен со двоен ванкел мотор, именуван по неговиот иноватор Феликс Ванкел, а во 1967 беше прогласен за автомобил на годината. За жал, технологијата сѐ уште не беше усовршена и затоа НСУ почна со замена на моторите како мерка на претпазливост.
Мерцедес-Бенц 8 „Осум тактен“ (1968)
Конзервативниот В 114/115 седан не беше најбрзиот модел на Мерцедес – неговата максимална брзина изнесува 130 километри на час. Но, овие модели се издржливи – неретко на мерачите во овие автомобили може да се види дека истите поминале по неколку милиони километри. Од овој модел беа продадени 1,9 милиони примероци.
Опел ГТ (1968)
„Само летањето е подобро“ беше слоганот со кој Опел го рекламираше овој модел. Истакнатите облини, кои наводно потсетуваат на шише од Кока-кола и предни светла кои излегуваат од браникот на автомобилот се дел од уникатниот изглед на овој модел на Опел. Достапната цена привлече многу потрошувачи во САД.
Фолксваген Тип 181 (1969)
Овој модел првично беше произведуван за германската армија, а потоа Фолксваген го рекламираше како повеќенаменски автомобил за млади луѓе. Иако не беше комфорен, Тип 181 се претвораше во кабриолет.
Опел Манта (1970)
Овој модел на Опел, кој првично беше замислен како спортски модел од средната класа на автомобили, брзо стана статусен симбол за младите мажи. Потоа следеа и шегите за сопствениците на Манта - и нивниот скромен коефициент на интелегенција. Во 1991 година, продуцентот Бернг Ајхингер оддаде почит кон овој автомобил во филмот „Манта Манта“.
Фолксваген Голф (1947)
Во 1974 година Фолксваген го претстави првиот модел на Голф како наследник на Бубачката. Овој модел се покажа како компактен, спортски и ефикасен автомобил – што по нафтената криза од 70-те години претставуваше голема предност.
Ауди Кватро (1980)
Името на моделот „Кватро“ упатува на погонот на четири тркала на овој автомобил. Уникатното купе крена доста прашина по неговото претставување. Четири години подоцна, Ауди ја претстави и верзијата со високи перформански Кватро Спорт (прикажан на фотографијата). Од оваа верзија на моделот беа произведени само 220 примероци, поради што овој автомобил е вреден колекционерски предмет.