Купување пратенички гласови во Италија?
14 декември 2010Во Рим денеска ќе падне одлуката дали Силвио Берлускони ќе остане на власт или ќе има нови избори во земјата. Италијанскиот премиер мора успешно да го мине гласањето за доверба во двата дома на парламентот. За Берлускони ова е битка за опстанок во политиката. Тој се надева дека по вчерашното обраќање пред пратениците во горниот дом на парламентот, Сенатот, ќе ја добие неопходната поддршка за неговата влада при гласањето доверба.
„ Сега ни е потребен континуитет, ефиканска влада и политичка соработка, зашто мораме да останеме способни за дејствување. Потребно ни е се’ друго освен политичка криза“, порача Берлускони.
Купување пратеници
Меѓутоа политичка криза одамна ја има зафатено Италија. Во текот на летото имено се растури владината коалиција откако поради несогласувања со Берлускони неговиот долгогодишнен близок сојузник Џанфранко Фини, основаше сопствени пратенички групи во Долниот дом на италијанскиот парламент и во Сенатот.
Спроти денешното гласање во Италија опозицијата упати тешки обвинувања за корупција и купување на гласови на пратениците во полза на Берлускони.
„Тој купуваше конкретни пратеници. Тој или им нудеше пари или им ветуваше дека ќе добијат сигурно место на кандидатската листа за наредните избори“, вели Лаура Гаравини, пратеничка на опозициската Демократска партија.
Како што можеше да се чуе од опозициски кругови, Берлускони во изминатите денови водел долги разговори очи в очи со многу пратеници и притоа на маса биле разни понуди. Се говори дека тој нудел по 500 илјади евра по пратенички глас.
Автор: Штефан Трендле/Симе Недевски
Редактор: Горан Чутаноски